Во 2021 амбициозни и со резултати – Северна Македонија целосно воено интегрирана во Алијансата

По 2020-тата година во која ја заокруживме стратешката цел – членството во НАТО, во 2021 година одбраната и Армијата имаа значајни резултати на планот на заокружувањето на интегративниот процес во НАТО, реформите и подобрувањето на условите за припадниците на Армијата, развојот на армиските капацитети и подмладувањето на Армијата. Впрочем, армиските припадници тоа го заслужуваат – Армијата е институција со најголема доверба кај граѓаните, зашто и во периодот на пандемијата, и во периодот кога во државата беснееја пожарите, припадниците на Армијата беа целосно ангажирани за да ги заштитат граѓаните и државата.

Северна Македонија во 2021 година стана земја –членка на Алијансата која е целосно воено интегрирана во НАТО, процес кој го завршивме во рекордно време, само 19 месеци по полноправното членство. Нашето небо беше вклучено во системот за воздушно патролирање на НАТО со што го зацврстивме суверенитетот и на земја, и во воздух.

Успеси имавме и во нашиот дом – Армијата на Република Северна Македонија. Воспоставивме систем за набавка на основна опрема кој даде резултати и овозможи секој припадник на Армијата да има по две униформи, да има чизми, спортска опрема, во Армијата да има нова алпинистичка опрема. Воведовме и нова пилот програма за бесплатна исхрана за секој припадник на Армијата. Условите за работа на војниците веќе ги менуваме – целосно беа реновирани големи објекти во касарната „Илинден“ каде веќе се сместени армиски единици, меѓу кои и гардата и ренџерите, а во тек се реконструкции на објекти во штипската касарна каде е лоцирана нашата НАТО единица.

Работевме и на развој на армиската инфраструктура и ги направивме првите чекори за развој на еко – одбраната. „Криволак“ доби нова патна инфраструктура, а со помош на нашите стратешки партнери и сојузници, САД и нови вежбовни содржини кои беа уште еден прилог кон фактот дека овој полигон е навистина сеопфатен и уникатен во Алијансата. Во касарните во Петровец и во Куманово го менуваме начинот на загревање и преминуваме од загадувачки во еко-енергенс со што ќе заштедиме пари, но и драстично ќе го намалиме загадувањето предизвикано од затоплувањето на овие касарни. Овој амбициозен проект ќе продолжи да се реализира и во другите армиските касарни.

Нашиот фокус беше и подмладувањето на Армијата. Во 2021 година примивме нови 300 професионални војници и, за прв пат по повеќе од една декада Армијата доби нови 190 подофицери кои се нејзиниот столб. А, армиските припадници, особено оние кои се дел од Лесната пешадиска баталјонска група добија можност да се усовршуваат со најдобрите војници на Соединетите Американски Држави од Бригадата за асистенција на безбедносните сили.

Одбраната остана на прво место и во транспарентноста кон нашите граѓани, овој пат со исполнети 100 проценти од критериумите со што го потврдивме нашиот приоритет да бидеме отворени и отчетни кон граѓаните. Истовремено, го донесовме и новиот План за интегритет 2021 – 2024 година, што е една од клучните антикоруптивни политики и алатка со која оставаме нулта простор за корупција во одбраната.

Други вести
Skip to content