Шекеринска од министерскиот состанок на СЕДМ: Заедничките предизвици бараат заеднички одговор

„Пандемијата климатските промени кои резултираа со природни катастрофи како пожарите и поплавите ја одбележаа последната година. Лажните вести и дезинформации кои го оптоварија целиот регион, мигрантската рута која минува низ нашиот регион, хибридните и сајбер заканите – ниту едно од овие прашања нема да се реши само од себе“, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање пред министрите за одбрана и високите претставници на земјите – членки на иницијативата СЕДМ, на денешниот министерски состанок во Скопје.

Министерката повика на акција и на лидерство во секоја од земјите од регионот затоа што заедничките предизвици бараат заеднички и здружен одговор.

Шекеринска истакна дека најважната научена лекција од сите кризи со кои се соочи регионот е дека ниту една земја не може самостојно да се справи со нив, колку и да е опремена.

„Ова лето и Северна Македонија беше погодена од пожари. Ги активиравме не само цивилните, туку и армиски сили за гаснењето на пожарите, нашите армиски хеликоптери беа секојдневно на терен, дававме се од себе, ги дадовме на располагање сите армиски капацитети, но тоа не беше доволно да се заузда огнената стихија. Да не беа нашите пријатели од Словенија, Србија, Романија, Бугарија, Австрија и Црна Гора, последиците од огнената стихија ќе беа значително поголеми“, рече министерката и упати благодарност за брзата реакција и искрената поддршка во справувањето со пожарите.

Во однос на интересот на Северна Македонија за засилена регионална соработка, министерката Шекеринска истакна дека членството во НАТО, никогаш не значеше дека државата ќе го изгуби интересот за соседите и поширокиот регион.

„Денешната средба е директна потврда за нашиот заеднички интерес да создаваме и развиваме пријателства, да ги јакнеме нашите институционални врски и довербата помеѓу нас“, истакна министерката Шекеринска.

Претседавачот со СЕДМ иницијативата, Пламен Јорданов во своето обраќење упати благодарност до нашата земја и до министерката Шекеринска за организацијата на состанокот. Јорданов се осврна и на целите за време на претседавањето на Софија со СЕДМ иницијативата како што се промоцијата на заедничката соработка, разбирањето помеѓу земјите-членки, придонесот кон мирот и безбедноста во регионот, зајакнувањето на капацитетите и интероперабилноста на СЕЕБРИГ, соработката со меѓународните организации, ОН, ЕУ НАТО и ОБСЕ и проширувањето на СЕДМ со нови членки.

Состанокот на СЕДМ чиј домаќин е Северна Македонија ги собра на едно место министрите и претставниците на одбраната од земјите на Југоисточна Европа.

Други вести
Skip to content