Регионот се обединува во заеднички одговор кон природните катастрофи и другите нови предизвици – порака од земјите од Југоисточна Европа на министерскиот состанок во Скопје

Регионот мора да остане мирен, стабилен и безбеден, земјите треба да развиваат добрососедски односи, а воено – политичката соработка мора да продолжи да се развива. Тоа е пораката од министрите за одбрана и високите претставници на земјите – членки на иницијативата СЕДМ дадена во заедничката изјава на крајот на министерскиот состанок кој се одржа денеска во Скопје.

„Ние сме одлучни да го одржиме регионалниот мир, безбедноста и стабилноста и мораме да продолжиме на патот кон уште поблиска регионална соработка“, се вели во заедничката изјава.

Посебно значење за време на состанокот беше дадено на кризниот менаџмент, и потребата од меѓусебна поддршка во време на кризи и природни катастрофи предизвикани од веќе видливите климатски промени.

„Потребен е одговор на последиците од пандемијата која трае веќе 20 месеци, создавајќи досега невидена ситуација на глобално ниво која негативно се одрази врз животите на луѓето, економиите и владите и создаде криза без преседан”, се вели во изјавата оддавајќи им признание на армиските сили на земјите членки за поддршката во справувањето со пандемијата. „Нашите армии покажаа способност и капацитети да му помогнат на населението и на државните авторитети во оваа криза”, се наведува во изјавата.

Учесниците на министерскиот состанок се осврнаа и на мигрантската криза, при што укажаа на потребата од воспоставување на мир и безбедност, како и политичка стабилност и економски развој во местата од каде што доаѓаат мигрантите.

На состанокот стана збор и за нелегалната трговија со оружје, дрога и луѓе, кои како и хибридните закани во сајбер домејнот и влијанието на лажните вести и дезинформациите претставуваат сериозен ризик по стабилноста на целиот регион.

Министрите за одбрана и останатите шефови на делегации ја реафирмираа политиката на отворени врати за секоја земја која сака да се приклучи на СЕДМ и дадоа целосна поддршка на проектите во рамките на оваа иницијатива, како Бригадата на Југоисточна Европа, проектот за Жените-лидери во одбраната и безбедноста, проектот за интерконекција на воените болници, како и постојаниот портал на СЕДМ за брза и ефикасна размена на безбедносни информации.

Други вести
Skip to content