Пуштен во употреба нов современ софтвер за јазично тестирање по НАТО стандард

Денеска во ново реновираните простории на Центарот за обука „Д-р Џозеф Крузел“, кој е дел од Министерството за одбрана, во присуство на министерката Радмила Шекеринска беше промовиран новиот софистициран и уникатен софтвер за тестирање на познавањата на англискиот јазик кај сите вработени во одбраната и припадници на Армијата, согласно НАТО стандардот, СТАНАГ 6001.

Министерката Шекеринска по промоцијата порача дека токму познавањето на англискиот јазик е една од способностите кои што државата мора да ги гарантира како членка на НАТО, особено имајќи предвид дека голем дел од нашите офицери, старешини и војници ќе учествуваат и учествувале во НАТО операции, а еден дел од нив ќе работат во командите на НАТО во центрите за обука, односно на задачи кои што подразбираат високо познавање на англискиот јазик.

„Не случајно во Законот за служба во Армијата, воведовме правило според кое секое унапредување од мајор па нагоре ќе има и дополнителен услов, а тоа е повисоко познавање на англискиот јазик. За сево ова нема да бидат опфатени само луѓето кои што ќе бидат и официјално дел од НАТО алијансата, во смисла во работа во команди и во операции. И оние кои што секој ден ќе работат во Армијата и одбраната, практично голем дел од нивната задача ќе биде комуникација со НАТО колегите“, рече министерката.

Нашата цел, додаде таа е да ги подигнеме стандардите, но и да им помогнеме на сите припадници на Армијата и вработени во Министерството да ги постигнат тие стандарди, и тоа преку можноста да се провери познавањето на англискиот јазик преку демо тестовите кои се поставени на веб – страницата на Министерството за одбрана и на Армијата.

„Преку веб- страницата на Министерството за одбрана и на Армијата им даваме шанса на сите оние кои што планираат да се тестираат за СТАНАГ самите да го вежбаат, да го проверат своето познавање на англискиот јазик и тогаш кога ќе дојдат на тестирање да бидат подобри, порелаксирани и да покажат навистина своето знаење на англискиот јазик. Со тоа ја зголемуваме транспарентноста, со тоа ја зголемуваме шансата за објективно тестирање, но со тоа на некој начин и на припадниците на Армијата и вработените во Министерството за одбрана им даваме шанса да работат на себе“, истакна Шекеринска.

Министерката информираше дека бројката на тестирани секоја година ќе расте особено што досегашното тестирање на хартија се заменува со електронско, што го прави овој процес побрз и ја анулира шансата за човечка грешка. Додаде дека оваа година ќе се инвестира и во дополнителни две училници во касарната во Штип, имајќи предвид дека таму е сместена една од нашите декларирани единици.

Стандардите ќе бидат сè повисоки, порача министерката и додаде дека сето ова се прави со цел како Армија, Министерство за одбрана и држава членка на НАТО да покажеме дека навистина знаеме да се носиме со обврските и знаеме да бидеме добри како и останатите.

Алкмина Димова – Стоименова од македонскиот СТАНАГ тим порача дека за регулирање на овој нов компјутерски начин на тестирање претходеше изработка и донесување на ново Упатство за начинот на постапување на специјалистите за јазично тестирање, како и изработка на нови насоки за компјутерско полагање кои што се достапни на веб – страницата на Министерството за сите вработени.

Други вести
Skip to content