Заедно со сојузниците ја опремуваме Лесната пешадиска баталјонска група на Армијата – предадена британската донација од системи за преноќување


Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на Обединетото Кралство, Рејчел Галовеј, денеска во касарната во Ѓорче Петров присуствуваа на примопредавањето на британска донација од системи за преноќување кои се изработени според најнова технологија, а се наменети за Лесната пешадиска баталјонска група.

„Системите за преноќување се обезбедени како поддршка од Велика Британија и тоа преку НАТО агенцијата за јавни набавки. Ова ни беше шанса да добиеме опрема за која што навистина Армијата има потреба, но исто така да видиме како функционира НАТО системот преку Агенцијата за јавни набавки. Во текот на летото, законите беа променети и отсега веќе и ние како Армија ќе може да вршиме набавки преку НАТО агенцијата. Ова беше шанса со средства од Обединетото Кралство да добиеме опрема со која што нашата Лесна пешадиска баталјонска група ќе може да логорува, да преноќува во секакви услови – од летни до зимски, со опрема која што е од највисок квалитет која што ја користат и други НАТО земји“, информираше министерката.

Министерката истакна дека и Министерството и Владата направија сè за Армијата секојдневно да се трансформира и да се опремува, да одговара на потребите на граѓаните и безбедноста на државата, но и да личи на Армија на НАТО земја – членка.

„Во изминатиот период нашиот фокус и во поглед на персоналот и во поглед на условите за работа, но и во поглед на опремувањето го ставивме на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип. Обезбедивме повисоки примања и навистина нова структура на Армијата, а во исто време обезбедивме и дополнителни приходи за сите припадници на Лесната пешадиска баталјонска група во Штип. Набавуваме најсовремени оклопни возила кои ќе бидат наменети за оваа баталјонска група, а во исто време обезбедивме и комплетни униформи, целосна спортска опрема, GPS системи и дополнителна логорска опрема која што е дел од опремата која што припаѓа на една ваква група“, порача министерката.

Шекеринска и се заблагодари на амбасадорката Галовеј за континуираната поддршка во развојот на одбраната и Армијата и порача дека на тој начин заеднички развиваме сили кои се вистински НАТО сили.

Амбасадорката Галовеј изрази задоволство што Обединетото Кралство донира исклучително важна опрема за Лесната пешадиска баталјонска група, опрема за која рече дека е една од најдобрите во земјите – членки на НАТО. „Оваа опрема ќе им овозможи на пешадиските сили да дејствуваат во мисиите на НАТО, во експедициски операции, во сите временски услови“, рече амбасадорката и порача дека одбранбената соработка продолжува да се реализира со силно темпо и во иднина.

„Во моментов работиме со Министерството за одбрана на развој на нашите билатерални планови за 2022 и 2023 година. Во рамките на досегашните области на соработка, ние ќе понудиме дополнителна експертиза во рамките на пешадиските единици, обуки во Велика Британија, советување во делот на одбраната, а ќе разгледаме и дополнителни можности за донации како оваа која ја предаваме денеска“, рече Галовеј.

Source транксрипт
Други вести
Skip to content