Одбележани три децении постоење на воената служба за безбедност и разузнавање, Петровска порача – НАТО членството е придобивка, но и поголема одговорност кон колективната безбедност

Денеска во Домот на Армијата беше одбележан Денот на воената служба за безбедност и разузнавање кој се совпаѓа и со јубилејот – 30 години постоење на оваа воена служба.

На свеченоста, министерката за одбрана Славјанка Петровска порача дека членството во НАТО преставува ново поглавје во историјата на оваа служба, која има проширен обем на работа и поголема одговорност.

„Членството во Алијансата е придобивка за безбедноста и стабилноста на државата, а од друга страна токму тоа ја наметнува потребата за развој на воените капацитети и способности кои ќе дадат придонес во колективната безбедност. Бројот на луѓе за чија безбедност сме одговорни се зголеми од 2 на околу 900 милиони“, рече министерката.

Петровска истакна дека одбраната со своите капацитети мора одлучно да се спротивстави на новата безбедносна реалност и тоа со брзи и ефикасни активности за заштита, превенција и одговор на овие закани.

„Прв чекор кон изградба на безбедно општество е воспоставување на еден сеопфатен пристап во справувањето со хибридните закани. Наша обврска како земја – членка на Алијансата е да инвестираме во изградба на национална отпорност на овие закани и да изградиме синхронизиран систем за нивен одговор“, рече министерката Петровска. Додаде дека институциите мора да бидат координирани и да соработуваат и во справувањето со тероризмот, кој претставува глобална закана.

Полковникот Ивица Ампов, раководителот на воената служба се осврна на значењето на военото разузнавање во одбранбениот систем и се заблагодари на вработените во службата за својата професионалност и посветеност.

На одбележувањето на Денот на военото разузнавање присуствуваше и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, а на свеченоста беа наградени и пофалени вработени во службата за воено разузнавање. Благодарници за соработка им беа доделени на Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и Бирото за јавна безбедност.

Други вести
Skip to content