Шекеринска: Стандардот и условите во Армијата неспоредливо подобри од претходните години, од денеска и целосно нова спортска опрема за сите припадници

Секој припадник на Армијата од денеска има нов комплет спортска опрема. На денешната промоција на 6.800 комплети составени од долни и горни тренерки, атлетски патики и спортски торби, министерката за одбрана Радмила Шекеринска порача дека државата покажува подготвеност и резултати да им помогне на припадниците на Армијата да остварат повисоки критериуми за физичка подготвеност.

Со набавката на спортската опрема, како што истакна министерката, се заокружуваат сите проекти кои значат опрема за секој војник. „Во Армијата, во Министерството за одбрана покажавме навистина дека зборот е збор и дека сите работи кои што се однесуваат на стандардот на Армијата, на функционирањето на Армијата се неспоредливи со ситуацијата од пред неколку години“, рече Шекеринска.

Таа додаде дека униформите, чизмите и другата опрема повеќе не се нерешено прашање за Армијата, туку се реалност.
„Освен униформа за сите припадници обезбедивме и дополнителна втора униформа. Обезбедивме и целосно снабдување со чизми, а сега и целосно снабдување со спортска опрема со што Армијата ги исполнува сите национални и НАТО стандарди, да биде Армија која што е почитувана, која што е горда на својата функција и која што е ценета од својата држава“, рече министерката на промоцијата.

Шекеринска порача дека во изминатиот период Армијата доби и нова специјализирана опрема – алпинистичка опрема, АБХО опрема, целосно ново вооружување за лесната пешадија, а од следната година се очекуваат и првите оклопни транспортери како дел од напорите за модернизација.

„Членството во НАТО е шанса секој војник да се почувствува поценет, секој војник и офицер да добие подобри шанси за работа и за живот и секој од нив веќе добива и повисоки надоместоци и повисоки плати. Така се гради НАТО-Армија, но така се гради и Армија на која што граѓаните се горди и на која што се благодарни“, рече министерката.

Таа додаде дека претходниот период, особено периодот на пожарите, покажа колку е важно да се има Армија во која има ентузијазам и знаење кое државата го цени и почитува.

Полковникот Харалампие Трајков, претседател на Комисијата за физички проверки во Армијата порача дека со квалитетна спортска опрема се подобрува физичката подготвеност на целокупниот персонал, се постигнуваат подобри резултати на спортските натпревари и се подобрува моралот и мотивацијата на персоналот за спорт и рекреација. „Со професионализацијата на Армијата, само дел од единиците добиваа спортска опрема и тоа специјалните единици, питомците на Воената академија, и припадниците кои што учествуваа на мировни воени операции. Сега, со целосно комплетирање на целокупниот состав со спортска опрема се дава нова димензија во опремувањето во тој сегмент“, рече тој.

Минатата година беа набавени дополнителни 1.200 комплети спортска опрема за припадниците на Лесната пешадиска борбена група во Штип како и за одредени единици во касарната „Илинден“ и во Генералштабот на Армијата.

Други вести
Skip to content