Митко Богданоски нов декан на Воената академија, ја презеде функцијата од Орце Поповски

Од денеска нов декан на Воената академија е полковникот Митко Богданоски, професор на академијата и досегашен продекан за финансии, инвестиции и меѓународна соработка. Богданоски ја презеде функцијата декан на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од полковникот Орце Поповски, кој успешно ја водеше академијата во последните осум години.

На денешното примопредавање на функцијата, министерката Радмила Шекеринска и заменикот-министер Башким Хасани му се заблагодарија на досегашниот декан за сиот вложен труд, а на новопоставениот декан му посакаа успешна работа.

„Воената академија е институција во која се негуваат и надоградуваат знаењата и вештините на воените старешини, идни команданти и високи лидери, место кое располага со докажани капацитети кои што овозможуваат спојување на теоријата со практичната работа“, рече Хасани.

Тој додаде дека академијата не е само национален, туку и регионален капацитет кој во континуитет ја зајакнува својата соработка со воено-образовните институции на земјите-членки на НАТО.

„Денес Воената академија се етаблира во високообразовна и научно-истражувачка установа не само од локален, туку и од регионален карактер. Како дел од НАТО, ние ја зајакнуваме соработката и се прилагодуваме на наставно-образовните програми и планови со воено образовните институции на останатите НАТО членки“, истакна земеникот-министер.

Новоназначениот декан, Богданоски порача дека академијата ќе продолжи да ги надградува своите способности и квалитетот на едукацијата според модерните трендови.

„Со цел подобрување на квалитетот на образование ќе бидат искористени разни програми поддржани од НАТО и ЕУ, вклучително НАТО програмата за Мир и безбедност, ЕРАСМУС+ програмата, како и реализација на разни активности во соработка со Европскиот колеџ за безбедност и одбрана каде Воената академија неодамна стана придружна членка и веќе отпочна со реализација на заеднички активности“, рече полковникот Богданоски.

Досегашниот декан на Академијата, полковникот Поповски порача дека изминатите осум години како декан фокусот бил ставен на усовршување на кадарот, етаблирањето на Академијата на меѓународен план и на подигнувањето на стандардот за живот и работа на питомците. Тој информираше дека академискиот кадар е зголемен за 50 проценти, а Академијата има развиена соработка со универзитетот „Норвич“, Австриската воена академија, академиите во Бугарија, Србија и Хрватска.

Полковникот Богданоски е редовен професор на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје и визитинг професор на неколку други универзитети. Дипломирал на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ во Скопје, а магистрирал и докторирал на Факултетот за електротехника и информациски технологии, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Неговите истражувачки интереси се во полето на сајбер безбедностa, информатичката технологија, употребата на сајбер-просторот и технологиите од страна на терористички и криминални оргазаниции, хибридните закани, електронското и сајбер војување и телекомуникациите. Автор е на повеќе од 100 публикации, а е член на повеќе меѓународни институти, организации и здруженија.

Други вести
Skip to content