Средби на деканот на Воената академија, Богданоски со претставник на Националната гарда на Вермонт и со одбранбеното аташе на Норвешка


Деканот на Воената академија, полковникот Митко Богданоски, на 21 септември имаше две засебни средби – со полковникот Кристофер Еванс од Националната гарда на Вермонт, како и со одбранбеното аташе на Норвешка, потполковникот Даг-Магне Лунде.

Полковникот Богданоски на средбата со полковникот Еванс информираше за активностите на Академијата и изрази подготвеност за продлабочување на соработката со Националната гарда на Вермонт на полето на военото образование и обука. Полковникот Еванс, пак, изрази благодарност за поддршката од Воената академија во реализација на вежбата „CSIRT Management Workshop“ во периодот од 13-22 септември, на која учествуваа припадници на Армијата и вработени во Министерството, а предавачи беа експерти во сајбер-одбрана од Националната гарда на Вермонт.

Фокусот на средбата со норвешкото аташе, потполковникот Лунде, беше ставен на координацијата на активностите за размена на питомци помеѓу Северна Македонија и Норвешка – тројца норвешки питомци ќе престојуваат на Воената академија во текот на зимскиот семестар, додека двајца питомци од Воената академија во текот на летниот семестар ќе бидат дел норвешката воена академија.

На средбата, полковникот Богданоски му се заблагодари на потполковникот Лунде за континуираната норвешка поддршка во развојот на военото образование и го информираше за Институт за сајбер-безбедност и дигитална форензика на Воената академија, кој е во процес на формирање.

Други вести
Skip to content