SEDM – South East Defence Ministerial

South East Defence Ministerial (SEDM), претставува процес на соработка меѓу Mинистерствата за одбрана на Југоисточна Европа (ЈИЕ) со цел јакнење на политичко-воената соработка во регионот и подобрување на стабилноста и безбедноста во ЈИЕ. За првпат беше инициран во март 1996 година, во Тирана, како прв од серијата состаноци на министрите за одбрана, замениците министри за одбрана и замениците началници на генералштабови на земјите од Југоисточна Европа.

Правна рамка за соработка во рамките на иницијативата претставува Договорот за воспоставување на Координативниот комитет во рамките на SEDM процесот (Agreement on the establishment of a Coordination Committee in the framework of South-Eastern Europe Defence Ministerial Process) потпишан во Солун 2000 и подоцна новиот Agreement on the establishment of a Coordination Committee in the framework of South-Eastern Europe Defence Ministerial Process потпишан во Софија во 2009 година.

Земји членки на СЕДМ се: Република Албанија, Босна и Херцеговина, Република Бугарија, Република Хрватска, Република Грузија, Република Грција, Република Италија, Црна Гора, Романија, Република Србија, Република Словенија, Република Северна Македонија, Република Турција, Република Украина и САД, додека пак Република Молдавија има статус на земја набљудувач.

Во СЕДМ иницијативата постојат две управувачки тела, СЕДМ Координативниот комитет (SEDM CC) и Политичко управниот воен комитет ПВУК (PMSC – Political Military Steering Committee) со кои раководи Секретаријат врз основа на двегодишна ротација. Во моментов (2021–2023) со Секретаријатот на СЕДМ-КК/ПВУК претседава Република Бугарија, која во јули 2021 година го презеде претседавањето од Република Албанија. Претседавач со Секретаријатот на СЕДМ-КК/ПВУК е заменик министерот за одбрана на Република Бугарија, Пламен Христов Јорданов.

Во рамките на СЕДМ иницијативата функционираат неколку проекти.

Најголемиот и најзначајниот е ММСЈИЕ (Мултинационални мировни сили на ЈИЕ), односно СЕЕБРИГ (South-East European Brigade). Бригадата е формирана во 1999 година врз основа на Спогодба за ММСЈИЕ потпишан од страна на министрите за одбрана на 26 септември 1998 во Скопје, Република Македонија СЕЕБРИГ беше воспоставена од страна на седум земји членки (Република Северна Македонија, Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Италија, Романија и Република Турција). Со СЕЕБРИГ управува Политичко воено управен комитет – ПВУК (Political Military Steering Committee – PMSC). Република Северна Македонија во СЕЕБРИГ придонесува со Механизирана пешадиска чета, Инжинериски вод (двете единици се стационирани во Република Северна Македонија и се на повик) и со 8 штабни офицери.

Од август 2020 година Република Северна Македонија домаќин на Штабот на СЕЕБРИГ. Штабот на СЕЕБРИГ е лоциран во касарната “Боро Менков” во Куманово, додека членовите на семејствата на персоналот во Скопје.

Статус на SEDM процесот

Во моментов (2021–2023) со координативните тела на SEDM иницијативата претседава Република Бугарија.

Проектите во SEDM

Во рамките на SEDM иницијативата функционираат неколку проекти чија основна цел е продлабочување на регионалната соработка, размена на искуства и информации во различни области и подобро функционирање на SEDM процесот.

SEESIM (South East Europe Simulation Exercise)

Проектот SEESIM претставува серија на симулациски вежби кои се изведуваат секоја втора година и се замислени како соработка меѓу земјите во регионот на ЈИЕ преку мрежно поврзување за размена на информации и асистирање во кризни ситуации било да се од природен карактер или предизвикани од човек. Во рамките на Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, носител на проектот е Секторот за цивилно воена соработка (СЦВС) со Регионалните центри за одбрана (РЦО) на МО.

SEESIM – South East Europe Simulation Exercise.

FLSD (Female Leadership in security and defence)

FLSD Проектот иницијално е промовиран од страна Република Бугарија, а истиот е одобрен и прифатен на состанокот на Министрите за одбрана на земјите членки на SEDM одржан на 03.10.2011 во Анталија, Р. Турција.  Целта е унапредување на процесот на имплементација на родовата перспектива и развој на капацитетите преку размена на идеи и размена на информации од заеднички интерес.

BII (Building Integrity Initiative)

И овој проект е промовиран од страна на Република Бугарија чија основна цел е намалување на ризиците од корупција во безбедносниот сектор. Со оглед дека во изминатите две години не се случиле позначајни активности во рамките на проектот, Бугарија предложи на следниот состанок овој проект да биде исклучен од агендата.

IMIHO (Interconnection of Military Hospitals)

IMIHO (Interconnection of Military Hospitals ) како проект во рамките на SEDM претставува интернационална непрофитабилна иницијатива која овозможува размена на медицински информации меѓу Воените Болници на брз, лесен, ефтин и едноставен начин, користеќи ја интернет технологијата. Носител на проектот е Грција. Во рамките на МО на РСМ, носител на проектот е ГШ на АРСМ (координатор – ппк. Елизабета Наумовска Петрески).

SEDM WEB Portal

Целта на овој проект e обезбедување на перманентен безбеден портал, односно информатички сервис кој претставува поддршка на SEDM. Порталот обезбедува безбедна размена на информации и документи кои се креираат при реализација на активностите на SEDM.  Во рамките на Министерството за одбрана на Република Северна Македонија, носител на проектот е Секторот за К-4.

SEEBRIG – South East European Brigade (Бригада на Југоисточна Европа)

Правна рамка за функционирање на SEEBRIG.

Линк до веб страната на SEEBRIG

Во рамките на регионалната SEDM (South East Defense Ministerial) иницијатива функционираат ММСЈИЕ (Мултинационални мировни сили на ЈИЕ), односно СЕЕБРИГ (South-East European Brigade). Земји членки на SEEBRIG се Република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Северна Македонија, Романија и Република Турција.

Бригадата е формирана во 1999 година врз основа на Спогодба за ММСЈИЕ потпишана од страна на министрите за одбрана на 26 септември 1998 во Скопје, Република Македонија. Со Спогодбата определени се улогата и основните задачи на бригадата, начинот на функционирање, нејзиното финансирање, регулирање на локацијата на Командатата на СЕЕБРИГ, начинот на пополна со персонал и неговите функции, како и задачите и обврските на единиците декларирани во бригадата.

Во поддршка на Спогодбата, од страна на земјите членки се донесени шест Дополнителни протоколи кои подетално ја прецизираат работата на Командата на SEEBRIG и нејзиниот персонал. Последниот, Шестиот дополнителен протокол беше потпишан на Состанокот на Замениците началници на Генералштабовите (DCHODs) на земјите-членки на SEDM процесот, кој се одржа на 12.06.2019 година во Скопје.

Од 26ти август 2020 година, Командата на Бригадата на Југоисточна Европа (SEEBRIG) (до средина на 2026 година) е лоцирана во Куманово. линк до вести

Претходно Командата на Бригадата на Југоисточна Европа беше лоцирана во Лариса, Истанбул, Констанца и Пловдив.

Во моментов командант на SEEBRIG е грчкиот бригаден генерал Аристеидис Илиопулос.

SEEBRIG е составена од четири механизирани пешадиски баталјони, една механизирана чета, една извидувачка чета, еден извидувачки вод и единици за инжинериски намени. Единиците се декларирани во Бригадата од земјите-членки, меѓутоа остануваат на своите постојани домашни базични локации и се обврзани со принципот на наменски сили за вежби и операции по одлука на земјите учеснички и соодветната директива од Политичко-воениот управен комитет (ПВУК).

Република Северна Македонија во SEEBRIG придонесува со:

1. Механизирана пешадиска чета – во рамките на турскиот баталјон.

2. Инженериски вод – функционира во рамките на Инженериските наменски единици (сите земји-членки на SEEBRIG придонесуваат со свои капацитети во Инженериските наменски единици во SEEBRIG).

3. Штабни офицери:
a) Началник на Штаб во Командата на СЕЕБРИГ;
b) Администратор/возач на началникот на штаб на Командата на СЕЕБРИГ;
c) Заменик началник на штаб за поддршка, (местото е на мултинационална ротациона основа);
d) Администратор/возач на Заменик началник на штаб за поддршка, (местото е на мултинационална ротациона основа);
e) Правен советник;
f) Офицер за набавки и договори во секција Г-4;
g) Началник на секцијата Г-7 Инжинерија (местото е на тригодишна ротациона основа меѓу Македонија и Албанија);
h) Администратор/возач во секцијата Г-7 Инжинерија (местото е на тригодишна ротациона основа меѓу Македонија и Албанија);
i) Офицер за планирање во секцијата Г-9;

САД – Јадранска повелба (A5)

Правна рамка за соработка

На иницијатива на Република Северна Македонија, во рамките на Самитот на НАТО/ЕАПС во Прага (23.11.2002), беа одржани средби на Претседателите и Министрите за надвотешни работи на Македонија, Албанија и Хрватска, каде што беше промовирана и прифатена иницијативата, неформално наречена Охридско – Јадранска.

Соработката во областа на одбраната во А-3 контекст, започна по потпишувањето на Повелбата за партнерство помеѓу САД, Албанија, Хрватска и Македонија, во Тирана, на 2 мај 2003 година, од страна на Министрите за надворешни работи на трите земји.

Во јануари 2009 за првпат беше усогласен Партнерски План за имплементација на САД – Јадранската Повелба во нов формат (А-5), во кој беа вклучени и новите земји-членки на групата: Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Статус на иницијативата

На состанокот на Политички одбранбени директори кој се одржа во април 2019 во Тирана, Република Албанија, земјите членки на САД-Јадранската повелба искажаа недвосмислена поддршка и упатија искрени честитки по повод потпишувањето на Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО. Притоа изразија надеж за завршување на процесот на негова ратификација  до крајот на 2019 година.

На состанокот беше потврдено дека А5 иницијативата претставува одлична рамка за промовирање и унапредување на регионалната стабилност и безбедност и изразија поддршка за зголемување и проширување на соработка. Во тој контекст, беше изразена недвосмислена определбата за понатамошно заедничко учество во вежбовни активности и НАТО мировни операции.

Активности:

Годишно се реализираа по два состаноци на Политичките одбранбени директори. Домаќин е земјата која моментално претседава со иницијативата;
Состанок на Групата за имплементација за подготовка на средбата на Началници на Генералштабови на земјите членки на А-5;
Годишно се реализираа по еден состанок (Скопје, Подгорица и Тирана) на Началниците на Секциите на Ј-2, Ј-4 и Ј-6 на Генералштабовите на Армиите на земјите членки;

RACVIAC – Центар за безбедносна соработка

RACVIACвеб страна

RACVIAC е формиран во 2000 година, како Регионален центар за контрола и верификација на вооружувањето и помош во имплементацијата (Regional Arms Control Verification Implementation Assistance Centre), под покровителство на Третата работна маса на Пактот за стабилност за ЈИЕ, со цел обезбедување обука за контрола на вооружувањето, промоција на мерките за доверба и безбедност и поширока соработка со земјите од ЈИЕ.

RACVIAC е меѓународна, независна, непрофитна и академска организација во регионална сопственост на потписничките на Договорот од 2010 година, со статус на дипломатска мисија.

Од 2000 година Република Северна Македонија е во континуитет присутна и со свој претставник во Центарот.

Форум на Началници на ГШ на Армиите на балканските земји (Б-9)

Форумот на началниците на балканските земји е основан по иницијатива на Грција и Турција во 2006 година.

Официјално иницијативата е воспоставена со потпишување на „Terms of reference“ од страна на Началниците на Генералштабовите на балканските земји на 10 мај 2007 година во Брисел.

Форумот на НГШ има 9 членки (Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Романија, Србија, Турција и Црна Гора).

Носител на активностите од оваа иницијатива е Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Активности:

–          Конференцијата на Началниците на балканските земји (еднаш годишно). Досега се одржани тринаесет конференции на НГШ на балканските земји,
–          Три состаноци годишно на Координативната група,
–          Еден-два состаноци годишно на Подгрупата за образование, обука и вежби,
–          Еден-два состаноци годишно на Подгрупата за асиметрични закани,
–          Еден состанок на Тимот за за менаџмент на Мрежата на југосточна Европа за вежби и обука, (South East Europe Telecommunication Network  – SEETN),
–          За време на 5-тата Конференција на НГШ на балканските земји одлучено е секоја годин да се реализира една вежба на која ќе учествуваат сите земји членки на иницијативата. Последната беше вежбата Balkan Bridges 19 која се одржа во октомври 2019 во Софија, Република Бугарија.

–          Армијата на Република Северна Македонија беше домаќин на заедничка вежба на специјалните единици на вооружените сили на балканските земји EAGLE 2012 која се одржа на АП Криволак,

–          Во Анекс Б од листата на активности, АРСМ ги има пријавено следниве активности: Курсеви во Центарот за медицинска обука, курсеви во Регионалниот тренинг центар за комуникации – PARC,


Иницијативата Балкански Медицински Наменски Сили – Balkan Medical Task Force (BMTF) претставува „Smart Defence” проект (како таков е презентиран во рамки на Самитот на НАТО во Чикаго 2012) и произлегува од идејата на Норвешка и САД, а e инициран заедно со Република Северна Македонија и Србија. Членки од регионот покрај нашата земја се: Албанија, БиХ, Словенија, Србија и Црна Гора.

Со ратификацијата на Меѓународната Спогодба од сите земји членки, БМНС официјално е воспоставена на 5 март 2018 година.

Целта на овој проект е изградба на регионални медицински капацитети способни за брз одговор на широк спектар на ситуации (катастрофи предизвикани од природни или човечки причини и меѓународни операции) и оспособување на нациите за обезбедуваење на витални капацитети за потребите на меѓународните операции, а кои би можеле да се употребат и како дел од националната медицинска служба.

Преку овој проект се овозможува подобрување и оспособување на националните воено-медицински капацитети, зајакнување на регионалните воено-медицински капацитети за поддршка на цивилната заедница и оспособување на националните воено-медицински служби за изградба на стандардизирани капацитети со високо ниво на интероперабилност во регионот и со ОН/НАТО/ЕУ/ПзМ.

Основен капацитет на БМНС е копнена полска болница ниво 2. Ваков клучен капацитет со опрема и персонал поседуваат три земји членки на БМНС: Северна Македонија, Словенија и Србија. Ова подразбира дека само овие три земји можат да ја преземат обврската (на ротациона основа) да бидат Рамковна земја на БМНС.

На регионалната воено-медицинска конференција одржана во Белград, во април 2011 беше даден мандат на БМНС да започнат со проценка за изградба на регионални воено-медицински капацитети.

На Регионалната воено-медицинска конференција во Белград, во септември 2013, земјите членки на БМНС го прифатија Концептот на БМНС и дадоа мандат за почеток со изградба на сопствените капацитети. На истата конфернција беше одлучено постојаното седиште на Постојаната рганизација (Штаб) на БМНС да биде во Република Северна Македонија  (касарна „Илинден“/свечено отворање 5 октомври 2016).

Од ноември 2013 до денес Република Северна Македонија е претседавач со Управниот одбор на БМНС.

Претстојни активности

РСМ ја презеде обврската да биде втора Рамковна земја на БМНС во вториот  период на готовност  2020 – 2022.. Примопредавањето на должноста Рамковна земја, меѓу Србија и Северна Македонија треба да се реализира во текот на 2020

Во периодот 6-10 април 2020, во Скопје, планирано е да се одржи колективна обука на персоналот на БМНС, за чии потреби ќе биде користена копнената полска болница ниво 2 на Армијата на Република Северна Македонија.

Република Северна Македонија е примена во Организацијата на обединетите нации на 8 април 1993 со резолуцијата на Генералното собрание бр. 47/225, а по препорака на Советот за безбедност, содржана во резолуцијата на Советот за безбедност број 817 од 7 април 1993 година.

По приемот во ОOН, остваривме значајни активности и зазедовме препознатливо место во светската организација, каде што принципот една земја – еден глас и овозможува да ги артикулира националните интереси. Исто така, бевме држава-домаќин на првата успешна превентивна мисија на ОOН, што беше воспоставена на наше барање, со цел спречување на прелевање на воените активности од поранешните републики на бившата СФРЈ – УНПРЕДЕП.

Република Северна Македонија е заинтересирана исто така за поголемо учество во рамките на мировните операции на ООН, кое во моментов се одвива со тројца воени офицери во рамките на мисијата на ООН во Либан – УНИФИЛ . Во таа насока, Заменик претседателот на Владата на Република Северна македонија и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска упати писмо до потсекретарот на ООН за мировни операции Жан Пјер Лакроа, во која се изрази подготвеноста за учество на воени офицери – франкофони во мисии предводени од Франција во рамките на ОН.

Министерството за одбрана соработката со ООН, покрај споменатиот придонес во мисијата за чување на мирот во Либан – УНИФИЛ, ја остварува во областите на родови прашања, сексуално и родово насилство во хуманитарни кризи, Ванкуверски принципи-превенција од регрутирање и користење на деца-војници, учество на состаноците за ООН за операции за чување на мирот на ниво министри за одбрана, упатување на наши припадници на конференции, симпозиуми, обуки и курсеви во организација на ООН.

Организацијата за безбедност и соработка со Европа – ОБСЕ е меѓународна институција која преставува форум за политички дијалог која има за цел безбедносна стабилизација на регионот, со помош на демократски средства и демократско владеење.

Пред да прерасне во постојана организација, делувала како Конгрес за европска безбедност и соработка (КЕБС) помеѓу 1973 и 1995.

Највисоките тела се Самитот и Министерскиот совет, кој се состанува секоја недела во Виена, служи како редовно преговарачко и одлучувачко тело. Постојаниот совет е предводен од претседавач, кој се именува на една година.

Покрај Министерскиот и Постојаниот совет, постојат и Форум за безбедносна соработка и Економски форум, кои се дел од одлучувачките тела. Седиштето на Секретаријатот на ОБСЕ е во Виена, Австрија. Покрај тоа, организацијата има канцеларии и во Копенхаген, Женева, Хаг, Прага и Варшава.

Република Северна Македонија е примена во ОБСЕ на 12 октомври 1995. Мисијата на ОБСЕ во Скопје е најстарата теренска мисија на организацијата. Започна со работа во септември 1992, со главна цел спречување на прелевањето конфликти од регионот. Активностите на Мисијата на ОБСЕ во РСМ се одвиваат во тесна соработка со македонските власти. Министерството за одбрана на Република Северна Македонија остварува соработка со ОБСЕ, преку учество на активности и проекти од заеднички интерес, како што се областа на миграцијата, справување со непредвидени ситуации, управување и реформи во безбедносниот сектор и унапредување на родовата еднаквост.

Меѓународен комитет за воена медицина

Меѓународниот комитет за воена медицина (International Committee on Military Medicine)  е меѓународна и меѓувладина организација која има 117 земји членки со официјално делегирани претставници, со цел да ги одржува и зајакнува врските на професионална соработка меѓу Медицинските служби на вооружените сили на сите земји членки; да ги одржува постојаните контакти на претставниците од различните медицински служби на вооружените сили во целиот свет; да го поттикнува почитувањето и примената на меѓународното хуманитарно право; да ги информира членките за иновативните проекти и други достигнувања преку издавање на публикации и сл.

Република Северна Македонија е членка на оваа организација од 1997 година.

Женева Центар за Безбедносна Политика

Женева Центарот за безбедносна политика GCSP ги влече своите корени од  Самитот во Женева, одржан 1985, на кој е остварена првата средба меѓу тогашниот американски претседател Роналд Реган и советскиот генерален секретар Михаил Горбачев, за да се разговара за меѓународните дипломатски односи и трката за вооружување среде Студената војна.

На состанокот била утврдена потребата од зајакнување на националната експертиза во областа на разоружување и меѓународната безбедност, така што Швајцарската конфедерација презела иницијатива да изготви деветмесечна програма за извршна обука за владини претставници, со која ги задоволиле потребите на официјалните лица не само од Швајцарија, туку и во многу други земји во Европа и пошироко.

Оваа програма била уникатно дизајнирана за решавање на најкритичните прашања, во формат на тркалезна маса, со што се олеснувале дискусиите помеѓу експертите и практичарите. Официјалните лица не само што стекнале знаења, туку и граделе односи и доверба меѓу себе. На овој начин курсот станал средство за градење и одржување на мирот, безбедноста и стабилноста и за поттикнување на меѓународната соработка. На тој начин е родена GCSP.

Во досегашната работа испорачани се високо квалитетни програми за извршно образование во меѓународната безбедносна политика, за учесниците кои доаѓаат прво од евроатлантската област и потоа од целиот свет.

Во овој Центар се обработуваат областите: пролиферација на оружје, кризен менаџмент, сајбер безбедност, одбрана и дипломатија, дипломатско трговско работење, ефективно управување, родова и инклузивна безбедност, тероризам и организиран криминал, безбедност и право, мировни операции и градење на мирот и др.

Соработката на нашето Министерство за одбрана со овој центар датира од самите почетоци на GCSP. Во изминатие години наши преставниции имаат земено учество на бројни настани во организација на овој центар. Во јануари 2011 година во Скопје, со подршка на нашето Министерство, се организираше Регионален курс за дипломатија и безбедносна политика за воен персонал.

Меѓународен совет за воени спортови – CISM

Меѓународен совет за воени спортови – CISM е основана на 18 февруари 1948 во Ница (Франција) од пет основачки нации – Белгија, Данска, Франција, Луксембург и Холандија. Оваа организација е една од најголемите мултидисциплинарни организации во светот. Организира разни спортски настани за вооружените сили на своите 136 земји-членки и е една од глобалните спортски организации во кои е претставен најголемиот број на дисциплини. Војниците, кои можеби претходно се сретнале на бојното поле, сега се среќаваат на спортски терени. Ова е во согласност со филозофијата и идеалите утврдени во изјавата за мисијата на CISM во 1998 година, потпишана од сите земји-членки.

Според CISM, бенефитиот од учеството во оваа организација е:

  1. Подигнување на довербата и кохезијата меѓу војниците;
  2. Креирање на воено подготвени и мотивирани војници;
  3. Зајакнување на атрактивноста на воената служба;
  4. Идентификација, обука и мотивирање на таленти;
  5. Обзбедување на искуство преку меѓународни натпреварувања;
  6. Зајакнувањ на интеркултурни и меѓународни компетенции;
  7. Користење на спортот како ефективен дипломатски овозможувач;
  8. Корстење на спортот за деконфликција/градење на мирот;
  9. Поддржување на ширењето на човековите права на глобално ниво.

РСМ како една од земјите членки на оваа организација, редовно учествува на спортските активности во нејзина организација.

Република Северна Македонија беше домаќин на 31. Светско воено првенство во борење кое се одржа во Скопје во септември 2016 година.

Последни наши учества беа од страна на армиските атлетичари, кои учествуваа на 7-те Воени спортски игри во Вухан, НР Кина од 14-29.10.2019 година и на 84-от воен маратон Fraunfelder (на овој маратон редовно оставруваме висок пласман).

Концепт на Рамковни нации

Концептот на Рамковни Нации – КРН (Framework Nations Concept – FNC) е промовиран на НАТО Самитот во Велс (2014), како продолжение на напорите на НАТО и ЕУ за промовирање и интензивирање на проекти во контекст на НАТО и ЕУ и соодветно продолжување со концептите “smart defence (НАТО)” и “pooling and sharing (ЕУ)”.  Овој концепт е резултат на промената на безбедносната констелација на НАТО и ЕУ и служи како прагматична водилка за соработка во одбраната. Државите соработуваат доброволно во високо агилен формат, задржуваќи го целосниот суверенитет.

По Самитот во Велс формирани се три групации, кои се предводени од Италија, Германија и Обединетото Кралство. Приодите на трите различни групации на FNC се разликуваат во однос на целите, методите и структурата. Секоја групација креира своја динамика и основи за соработка.

Групацијата предводена од Италија е фокусирана на развој на поголеми способности за командување и контрола и поефикасно распоредување на копнената компонента во операции за стабилизација и реконструкција. Групацијата се темели на четири столба:

  1. Едукација, обука и вежби;
  2. Мултинационали формации/ентитети;
  3. Оперативни заложби и
  4. Развој на капацитети.

Нашето вклучување во оваа групација започна со поканата упатена до нас и нашето учество на 4-от состанок на Координативниот одбор, кој се одржа во септември 2018 во Љубљана, а продолжи со наше редовно учество на активностите на FNC ITA Grouping (во својство на набљудувач), како и одржување на работен состанок со претставници од ВС на Италија, во ноември 2018 во Скопје, на кој беа дефинирани областите за можна соработка.

Skip to content