Ја зголемивме ефикасноста и брзината на делување на сите воздухоплови – Армијата обезбеди полнење гориво во хеликоптерите во непосредна близина на критичните точки


Со ефикасен армиски ангажман и поддршка од РЕК Битола и АД Макпетрол, значително се зголеми ефикасноста и брзината на делување на сите хеликоптери вклучени во гаснењето на пожарите во беровско- делчевскиот крај.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска ги посети припадниците на Армијата упати искрена благодарност до нив и до колегите од Србија и Словенија за натчовечките напори дадени за гасење на пожарите и порача дека припадниците на Армијата мотивирано и посветено продолжуваат во борбата со огнените стихии.

„Денес уште не е ни пладне, а нашите воздухоплови, нашите пилоти и техничари, веќе 5 часа се во воздух и неколку пати асистираат во справување со најтешките пожари на целосно недостапен терен. Тука во делот на општина Берово имаме импровизиран хелиодром каде што слетуваат хеликоптерите, полнат гориво, успеаваат во близина да обезбедат вода од акумулациите и веднаш можат да се вратат на терен. Тоа многу го скрати и ќе го крати времето за интервенција и им овозможува на сите овие хеликоптери да реагираат по неколку пати без да се враќаат назад во Петровец“, рече министерката.

Командантот на Воздухопловниот ВИНГ, полковникот Стојко Пејовски порача дека со ова поставување се скратува времето на дејствување од скопскиот аеродром, воздухопловите остануваат блиску до теренот и циклусите на земање на вода и доведување на водата до опожарените подрачја драстично се скратуваат.

„Јас сум многу горд на тоа што го направивме и се надевам дека и понатаму ќе можеме навремено, брзо и поефикасно да реагираме. Состојбата во моментов е под контрола, ние досега имаме реализирано голем број на налети на сите воздухоплови и продолжуваме понатаму“, рече полковникот Пејовски.

Припадниците на воздухопловниот ВИНГ на терен ги поздрави и премиерот Заев и изрази голема благодарност за нивниот извонреден придонес.

Други вести
Skip to content