Шекеринска: Инвестиравме и во подобри услови за работа на военото разузнување

Министерката Радмила Шекеринска денеска го посети објектот на воената служба за разузнaвање каде се во тек инфраструктурни зафати за подобрување на условите за работа. Осврнувајќи се на досегашниот тек на изведбата на работите министерката изрази задоволство што тие течат според планот за обновување на инфраструктурата во Министерството и Армијата која се наоѓаше во стара и дотраена состојба.
„Оваа реконструкција е важна како дел од генералните напори и планови на Министерството за одбрана за обновување на инфраструктурата која што најчесто е постара и од 50 години, меѓутоа е важна и за уште една причина а тоа е што со реконструкцијата воведуваме уште повисоки правила за безбедност кои што ќе овозможат целосна сигурност на нашите класифицирани информации“, истакна Шекеринска.

Министерката потенцираше дека станува збор за објект во кој што се чуваат податоци и информации кои што многу често се од класифицирана природа и затоа е многу важно да се имплементираат повисоки стандарди за безбедност. „Со овој проект кој што го стартувавме пред повеќе од година и половина обезбедивме да имаме целосно нова уште една зграда во Министерството за одбрана која исполнува високи услови за безбедност на класифицираните информации кои што се домашни, но и НАТО класифицирани информации, како и целосна безбедност на заштитената мрежа“, рече Шекеринска посочувајќи и дека токму воената служба за безбедност и разузнавање е првата институција што доби сертификат за целосно заштитена мрежа по сите стандарди и правила.

Оваа реконструкција е дел од поголемиот план за реконструкција на старите објекти во Министерството за одбрана и Армијата при што се во тек две реконструкции во касарната Илинден, во Воената академија, во два објекти каде што е сместена Лесната пешадиска борбена група во Штип, во тек е голема реконструкција во Криволак, а започнува и реконструкција и на објектите во Велес.

Други вести
Skip to content