Признание за одличната соработка и силното сојузништво помеѓу Северна Македонија и САД, Шекеринска е прв министер за одбрана кому му е укажана честа да го прими американското знаме


„Чест ми е, задоволство, огромен комплимент и привилегија денес да бидам првиот македонски министер кој го прима знамето на САД како симбол и признание на одличната соработка и зајакнатото партнерство и сојузништво“, рече денес министерката Радмила Шекеринска на свечената церемонија во нејзина чест на која од страна на американската амбсадорка Кејт Мари Брнз и беше предадено американско знаме.

Овој чин познат во американската дипломатија како највисок израз на почит кон работата на политичари од странски земји, што меѓу другото се манифестира и низ изборот на знаме кое се веело на некоја од официјалните институции на американската влада, ја означи најуспешната во досегашните 28 години соработка на полето на одбраната меѓу Северна Македонија и Соединетите Држави.

„За министер за одбрана не постои поголема награда од тоа да работиш и да учествуваш во двата историски резултати во последните две пандемиски години – членството во НАТО во 2020 и целосна воена интеграција со Алијансата во 2021. Овие успеси се наша национална гордост, меѓутоа тие имаат силен печат од нашиот сојузник и силна американска поддршка и помош стои зад нив“, истакна Шекеринска.

Зад овој чин, додаде министерката, стојат и средбите и разговорите кои што имав шанса и чест да ги реализирам со сите досегашни во последните 4 години американски секретари за одбрана, моите колеги Матис, Шенехен, Еспер и Остин, разговорите со генералот Тод Волтерс, адмиралот Бурк, генералите Каволи , Хокансон, Најт, помошниците за одбрана Купер и Кал – сите тие придонесоа мозаикот на нашата соработка да биде богат и да има видлив, историски резултат.

„Во исто време зад ова пријателство и сојузништво стојат и заедничките мисии и операции кои придонесоа Северна Македонија да се покажа на меѓународна сцена и да стане од увозник, вистински и доверлив извозник на стабилност и безбедност. Сигурна сум дека знамето кое денеска го добив, како и македонското знаме кое пред една година го добив од нашите колеги во НАТО ќе сведочат и за искушенијата низ кои минавме, но и ќе сведочат за заедничкиот историски резултат кој што го постигнавме и сигурна сум дека пријателството и соработката на две земји кои веруваат во исти вредности ќе продолжат да се развиваат понатаму“, нагласи министерката Шекеринска.

Амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз истакна дека благодарение на визијата и влијанието на министерката Шекеринска, Армијата на Северна Македонија забрзано напредува со модернизација, интеграција во НАТО и континуиран развој на вооружените сили според стандардите на НАТО.

„За време на вашето лидерство, Соединетите Американски Држави и Северна Македонија ги продлабочија и интензивираа своите билатерални одбранбени односи побрзо од било кога во рамките на нашата 28-годишна историја на одбранбена соработка. Минатата година потпишавме меморандум за одбранбена соработка, го откривме знамето на Северна Македонија во ходниците на Пентагон и склучивме неколку договори за модернизација на опремата“, рече амбасадорката Брнз на свеченоста.

На свеченоста присуствуваше и началникот на Генералштабот на Армијата Васко Ѓурчиновски, како и други претставници од Армијата и Министерството, и високи гости од американската амбасада, при што во официјалниот дел покрај гардата на Армијата зедоа учество и американските маринци.

Други вести
Skip to content