Министерката Шекеринска со вработените во МО и ГШ – ви благодарам за сиот труд, заедно постигнавме историски успеси


Министерката Радмила Шекеринска, на традиционалната средба со вработените во Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата на крајот од годината, им се заблагодари за вложениот труд и енергија кои вродија со големи резултати, вклучувајќи го историското членство во Алијансата и процесот на интеграција кој годинава беше завршен во рекордно време.

Обраќањето на министерката Шекеринска пред вработените во МО и Генералштабот, го пренесуваме во целост:

„После две тешки години, во кои не можевме да организираме вакви средби, денеска малку се охрабривме и рековме дека ако ги организираме со сите мерки, а тоа значи сите вие со маски, а само јас додека зборувам без маска, сметавме дека е добар начин да заокружиме не една, туку две години.

Ова беа, од една страна, две многу тешки години, изгубивме драги луѓе и во институцијата, дозволете ми да ја изразам нашата заедничка тага за животите кои што беа изгубени и како резултат на ковид и како резултат на пост-ковид ситуации.

Одреден број луѓе заминаа во пензија, но со нив се гледаме и имавме прилика дури и прв пат после долго време свечено да ги испратиме во пензија.

Од друга страна и покрај тешките две години, ова се можеби едни од најуспешните години за одбраната во нашата држава.

Во еден кус период од 19 – 20 месеци станавме членка на НАТО, ја завршивме воената интеграција со НАТО и сакам да искористам приликата на сите кои што учествувавте, а мислам дека овдека не гледам ниту еден кој не учествувал, да се заблагодарам за огромниот труд, завршувајќи и со денешниот ден – додека некои се спремаа тука, една група и од ИПТ тимот од Генералштаб, од Министерството, мојот заменик беа во Собранието и успеаја да го реализираме и овогодишниот дел од договорот за модернизација со лесни оклопни возила и да можеме да кажеме на крајот на годината дека реализиравме над 98 посто од нашиот буџет.

Навистина честитки за последниот финиш, што покажува дека научивме да трчаме и на долги ама и на куси патеки.

Сакам навистина да се заблагодарам за огромното трпение и труд кои што ги вложувавте овие две години затоа што ништо не функционираше на начин на кој што сме биле навикнати. Сите правила моравме да ги менуваме, некои од тие правила ни се покажаа и успешни и можеби ќе треба, се надевам маските брзо ќе ги заборавиме, некои од поефикасните методи за соработка, можеби ќе ни се одомаќинат.

Велат дека не можеш во животот да вратиш само три работи – моментот откако ќе помине, зборот откако ќе биде кажан и времето откако ќе биде изгубено. Ако си дефинирам себе си што било успешно овие две години тоа е дека ниту една од овие грешки не ја направивме. Не дозволивме да го пропуштиме моментот ни како институција, ни како држава, моментите кои што беа буквално стратешка, историска шанса, не ги трошевме бадијала зборовите, ни во рамките на куќата, ни во јавноста, а исто така ни залудно не го трошевме времето.

И затоа имаше резултати.

Сакам да кажам дека буквално сите кои што учествуваа во овие процеси ќе можат да кажат дека биле дел од таа голема слика наречена стратешки успех. Мислам дека не можеме сите да ги наградиме ама верувајте секој пат кога врачуваме одредено одликување, награда, сите ние сме некаде запишани во таа успешна сторија.

Затоа дозволете да им се извинам на сите оние што остануваа подолго на работно место, имаше такви многу, да кажам дека плановите мора да продолжат да бидат амбициозни, бидејќи ние од првиот момент кажавме дека членството во НАТО не ни е цел после која ќе застанеме да се одмориме, напротив интеграцијата покажа дека сме потрчале уште побрзо, меѓутоа тој процес посакувам и сум убедена дека ќе продолжи.

Во министерството јас сум убедена дека до крајот на мандатот на оваа влада на ЕНЕР ќе успееме да го ставиме Законот за службениците во одбраната, и благодарам на групата која што продолжи со работа, еве празнициве ќе можеме повеќе заедно да сработиме, ама да тргне процесот, зашто кога ќе тргне нема враќање.

Според информациите кои што ги добив завчера во Собранието најверојатно и Законот за служба ќе може брзо да биде усвоен, но ќе видиме, тоа е надвор од наша моќ.

Јас апелирам процесите кои што ги започнавме за дигитализација на одредени процеси, почнувајќи од платите, преку персонална евиденција, па сè до системот за јавни набавки дека тие навистина ќе ви бидат приоритет. Министерството, министерката, државниот секретар, Генералштабот, сите многу трошиме енергија и време на работи кои технички треба да се завршуваат за да имаме повеќе време да се занимаваме со суштината, со содржината, со квалитетот, а ако овие три процеси успешно се завршат во следните 6 месеци јас сум убедена дека ќе имаме повеќе мудрост и повеќе храброст да се занимаваме со многу проблеми кои останаа нерешени, како што е системот за заштита и спасување што е наша политичка одговорност, но и во делот на иновација на ДПРОС-от, на продолжување на реформите.

Министерството продолжува со веќе рекордно висок буџет – 1,76% од БДП и тоа е плус и ќе може да резултира и со повисоки приходи и со повисоки шанси ама тој буџет ќе мора да се знае и да се троши и ние видовме дека понекогаш маката е како квалитетно и брзо да се потроши.

Во овие две години станавме и помалку досадни – Министерството за одбрана со години, секоја година е најтранспарентна институција, новото беше овој пат ги добивме 100-те поени. Задржете го и тоа зашто буџетите не можат да растат ако граѓаните немаат впечаток дека тие фер и чесно се трошат.

Се додека сме транспарентни и покажуваме дека тоа не се залудно фрлени пари, дека не се злоупотребени, дека тоа се парите од кои утре ќе летаат хеликоптерите, ќе помага Армијата, ќе асистира во сите ситуации, сè до тогаш буџетот ќе ви биде сигурен.

На крај дозволете ми на сите да ви посакам следна успешна година, пред сè здравје за сите, различен тип на напредок во кариерата, некои веќе не се тука, заминуваат во странство, некои остануваат тука со зголемени и ингеренции и зголемени обврски, а тимот ќе биде во уште поголем стрес да биде подобар, побрз и поефикасен.

Тој тим навистина не се гради ни врз основа кој на која позиција е, ни врз основа на тоа кој колку години работел. Вчера го добив видеото дека една од нашите најмлади колешки доби навистина голема чест како деск офицер за САД да добие признание од страна нашиот стратешки партнер, иако дури сега почнува образование како офицер.

Тоа покажува дека навистина вреди да се инвестира во луѓето и дека многу брзо се гледаат резултати. Но, тимот не се базира на тоа дали е некој „џуниор“ или „сениор“, дали некој има повисока или пониска плата, се базира исклучиво на тоа каква доверба се создава во тимот.

Јас ви благодарам на довербата која ми ја дадовте сиве овие години, да се мачиме со многу прашања и да се пофалиме со многу успеси и се надевам дека таа доверба ја возвратив исто така со доверба и работа од која сите заедно бевме среќни и задоволни.

Среќна нова година и за многу повеќе успеси и уште подобри резултати.

Ви благодарам.“

Други вести
Skip to content