Министерката Шекеринска ги награди припадниците на Армијата кои учествува во гасењето на пожарите: Покажавте дека сте лидери со принципи, интегритет и храброст, благодарам на пожртвуваноста


Припадниците на Армијата кои учествуваа во справувањето со пожарите кои летово ја зафатија Северна Македонија, денеска беа наградени со парични награди и стимулативни мерки.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на почетокот од своето обраќање во касарната Илинден, ги повика припадниците на Армијата со едноминутно молчење да оддадат почит на жртвите во несреќата во Бугарија.
„Секој граѓанин на Северна Македонија сочувствува во оваа тага. Секој припадник на Армијата кој толку пати досега помогнал да се сочуваат животите на нашите граѓани, да се спречи поголема катастрофа, тагува можеби уште посилно бидејќи во таа трагедија – никој од вас немаше шанса да помогне. Но секогаш кога имавте шанса , таа шанса ја користевте и бевте први во помош кон своите сограѓани“ рече министерката.

Таа изрази благодарност до сите припадници на Армијата кои летово на 13 локации во Кочани, Берово, Делчево, Куманово и секаде каде што беа потребни, од копно и од воздух беспоштедно се вклучија во гасењето на пожарите.
„Благодарност што на сите тринаесет локации каде пожарите се закануваа покажавте дека сте вистински луѓе со принципи, со интегритет и со многу храброст. Војници со цврст карактер и со силна мотивација. Лидери кои и во најтешкото покажавте дека во нивниот речник не постои зборот „откажување““ – рече министерката.

За својата професионалност и успех во справувањето со пожарите, на над 1000 припадници на Армијата им беа доделени парични награди, наградно отсуство или пофалници. Но наградите не беа мотивот за храброста и пожртвуваноста на припадниците на Армијата, туку нивниот даден збор во службата кон државата и граѓаните – рече Шекеринска.

„Знам дека тоа што го правевте и жртвата која ја преземавте, не го правевте ниту за пари ниту за пофалници ниту за слободни денови, туку заради вашиот збор, дека ќе служите и ќе сторите се за да ја заштитите државата и да ги одбраните нејзините луѓе. Ова денеска не го правиме ниту за пари ниту за пофалници ниту за слободни денови, туку заради тоа што вашиот збор и вашата служба бара ние да го држиме и нашиот збор и да ја оправдаме нашата служба. Она што го најавивме на Денот на Армијата покажавме дека не е само лесно даден збор туку обврска која што сме ја преземале и сме знаеле дека ќе се исполни. Дозволете ми уште еднаш и во име на целата Влада да ви се заблагодарам, затоа што стоевте силно и стоевте храбро тогаш кога сите имаа потреба од храброст и од вашата сила. Ви благодарам и Ви честитам!“ – заклучи министерката Шекеринска.

Source транксрипт
Други вести
Skip to content