Лесната пешадиска баталјонска група во Штип добива најсовремени услови за работа – во тек темелна реконструкција на армиските објекти

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска ја посети штипската касарна каде е сместена Лесната пешадиска баталјонска група, која е и армиската НАТО единица и каде во моментов во фаза на целосна реконструкција се две згради кои ќе добијат нов и модерен лик, а ќе бидат и со највисока енергетска ефикасност.

„Во Штип не случајно решивме да го лоцираме овој НАТО капацитет, Лесната пешадиска баталјонска група, бидејќи сметавме дека имаме и доволно младост и искуство и дека имаме доволен број на припадници на Армијата кои што ќе можат да ги постигнат неопходните критериуми. Во овој период нашиот главен фокус и во поглед на персонал и во поглед на опремување и во поглед на квалитетни услови за работа навистина беше Штип. И денеска ми е драго што тука можам да посведочам дека активностите во поглед на сериозното реновирање на две згради од касарната се одвиваат според планот, забрзано и очекувам де бидат завршени сите во предвидените рокови“, рече министерката.

Шекеринска порача дека штипската единица е ставена како еден од приоритетите во развојот на Армијата.

„Освен зголемените плати и додатоци, освен тоа што фокусот во опремувањето, вооружување, заштита, униформи, спортска опрема беше ставен на единицата во Штип, ние и во поглед на вложувањето во инфраструктура покажуваме колку штипската единица и штипската касарна ни се важни. Се работи за целосно реновирање на објекти кои што се веќе постари од 50 години и кои што од стари и недоволно одржувани објекти ќе преминат во модерни и енергетски ефикасни објекти, каде што припадниците на Армијата и особено припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група навистина ќе можат да работат во многу многу подобри услови. Ќе добиеме повеќе од 3000 м2 целосно реновирани, модерни, енергетско ефикасни, со целосен противпожарен систем кој што ќе гарантира и зголемена безбедност“, рече Шекеринска. Додаде дека на овој начин покажуваме што значи да се биде НАТО Армија, а покажуваме и колку државата си ги цени своите војници и офицери и колку ја променила својата политика во насока на инвестирање во тоа што е најважно, а безбедноста и одбраната честопати велиме немаат цена.

Во моментов во тек е реконструкција на поголем број капитални објекти на Армијата и Министерството – освен двете згради во касарната во Штип, во тек се реконструкции на згради и големи објекти во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје, вклучувајќи и зграда на Воената академија и голем објект во касарната „Илинден“. Наскоро ќе започне реконструкција на два дополнителни објекти во касарната „Илинден“ во Скопје, како и објекти во касарните во Петровец, во Куманово, во Тетово и во Велес, а се работи и на гасификацијата на касарните во Петровец и Куманово, што значително влијае на зачувувањето на животната средина.

Други вести
Skip to content