Инвестициите во Криволак направија ценет домашен и НАТО капацитет: оваа година најголемата сојузничка вежба SWIFT RESPONSE – 22 ќе содржи и воздушен десант со над 1000 падобранци

„Вложувањата во инфраструктурата и условите на Криволак, го легитимираат како еден од поголемите и подобри воени полигони, не само во регионот, туку и во Европа. Денеска уште еднаш се уверивме дека Криволак доби нов лик и станува современ полигон за вежби на нашата и сојузничките Армии, вреден домашен и НАТО капацитет и наш придонес како членка на НАТО во подготвеноста на армиските сили на Алијансата“ изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска која денеска заедно со претставници од Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и претставници од Амбасадата на САД направи увид во реконструкциите и изградбите кои се извршуваат на повеќе локации на полигонот Криволак.

„Инвестицијата во Криволак на која се посветивме изминатите две години е исплатлива инвестиција, бидејќи ја добивме довербата од сојузниците, а нивниот интерес за полигонот се повеќе расте. Оваа година, Криволак е местото на кое ќе бидат изведени дури 7 меѓународни вежби, со учество на дури 5200 припадници на повеќе сојузнички армии. Најголемата меѓу нив, но и најголема меѓународна вежба воопшто на нашиот полигон, ќе биде вежбата SWIFT RESPONSE – 22 која ќе донесе 4000 учесници од армиите на САД, Обединетото Кралство, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и се разбира од Северна Македонија“ изјави министерката Шекеринска.

Карактеристичен за оваа вежба е нејзиниот воздухопловен елемент, со користење на голем број на транспортни и нападни авиони и хеликоптери и воздушен (падобрански) десант на околу 1000 падобранци. Овој тип на вежба за прв пат ќе се изведува кај нас и ќе претставува и тест инфраструктурните капацитети на државата, но и шанса за домашните логистички компании.

„Новите пробиени 33 километри патишта на Криволак, новопоставените санитарни јазли во камповите „Стрела“ и „Зима“ изградени како енергетски ефикасни објекти со пречистителни станици, но и новите стрелишта, полетно слетната патека за беспилотни летала, магацините за мети, овозможија оваа вежба која е најголема и по бројот на учесници, и по искористеност на капацитетите на Криволак, да биде одржана кај нас“ рече Шекеринска.

Одбранбеното аташе на САД Питер Рауел рече дека Криволак се развива во најдобрата НАТО област за извежбување во Европа.

„ Нашата соработка во развојот на Криволак е една од најдобрите демонстрации на длабоката и плодна одбранбена соработка меѓу двете земји. Горд сум што заедно ги развивавме проектите кои го унапредија потенцијалот на полигонот. Тука се одржаа бројни вежби кои го покажаа капацитетот на Криволак. Оваа пролет уште еднаш ќе го видиме уникатниот капацитет на полигонот кога Северна Mакедонија ќе биде домаќин на 4 000 војници од седум НАТО земји во вежбата „Swift Response 22” – изјави полковникот Рауел.

Во инвестициите на полигонот беа ангажирани со деноноќна посветеност и инжинериските единици на Армијата на Северна Македонија. Од големо значење за Криволак да стане препознатлив НАТО ресурс за обука и тренинг, беше континуираната поддршка на стратешкиот партнер САД.

Други вести
Skip to content