Излезе од печат списанието „Штит“ број 153

Во јулскиот број 153 на списанието „Штит“, од актуелните настани во текот на изминатиот месец, издвоивме неколку за кои пишуваме во овој број. На аеродромот Петровец, на 17 јуни, имавме можност да го проследиме слетувањето на авионите „Ф-35“ на Националната гарда на Вермонт. Овој перформанс на сојузничките авиони го покажа силното сојузништво и единство во Алијансата и подготвеноста на Алијансата да ја заштити безбедноста на своите земји членки, а воедно и го потврди тридецениското партнерство меѓу Армијата на Северна Македонија и Националната гарда на Вермонт. На настанот присуствуваше министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која во изјава за медиумите порача дека слетувањето на авионите „Ф-35“ на македонска територија е непобитен доказ дека Северна Македонија е дел од нешто што е поголемо од сите нас и дека зад нашата безбедност и безбедноста на Алијансата стојат сите сојузници со своите капацитети и способности.

Пишуваме и за учеството на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, на состаноците на министрите за одбрана во рамките на Северноатлантскиот совет на Алијансата во Брисел, како и за нејзината работна посета на САД, каде што оствари бројни средби со високи претставници на администрацијата на САД и учествуваше на првиот стратешки дијалог помеѓу Северна Македонија и САД, како дел од делегацијата на Владата на Северна Македонија. Пишуваме и за учеството на НГШ генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски како домаќин на 15. конференција на началниците на ГШ на балканските земји, која се одржа во Охрид. Главна тема на Конференцијата беше „Употреба на вооружените сили во справувањето со најновите предизвици во национален и регионален контекст (најдобри практики)“.

Во рубриката „На прва линија“ прочитајте уште една научна анализа за актуелните случувања во Украина. Во фокусот на текстот се предвидувањата за текот и иднината на војната. Според авторот, војната во Украина се движи кон две најверојатни сценарија: мировно решение или долготраен конфликт. Руско – Украинската војна трае многу подолго отколку што се очекуваше, а на повидок нема момент кој што може да го означи крајот на војната.

Продолжуваме со серијалот написи по повод Јубилејот „30 години од формирањето на Армијата“.

Од активностите на НАТО,прочитајте за Сојузничката воздухопловна команда во Рамштајн и одржаниот Симпозиум на команданти на воени воздухопловства.

Во рубриката „Воена едукација“ прочитајте за спознајната пристрасност и воената измама.

Во овој број ви го претставуваме музејскиот комплекс „Патриот“, кој се наоѓа во Јужна Каролина, САД.

Од армиските активности пишуваме за одржаните спортски синдикални игри, како и за отворањето на 11. летен кампус, кој традиционално се одржува на армискиот полигон „Криволак“ во организација на Воената академија и на кој учествуваат питомци и студенти од голем број држави.

Во рубриката „Низ воената историја“ ве запознаваме со „Јаничарите“– елитниот воен одред на Османлиската Империја.

Секако дека и во овој број на „Штит“ имате можност да се запознаете со дизајнот, карактеристиките и техничките специфики на уште неколку видови оружја.

Други вести
Skip to content