Излезе од печат новиот број на списанието „Штит“, број 147

Во првиот, јануарски број, во новата 2022 година ве потсетуваме на најважните настани што се случија кон крајот на старата 2021 година.

Како централен настан за кој пишуваме е церемонијата која се одржа во касарната во Петровец, со која се одбележа почетокот на приклучувањето на Северна Македонија во мисијата за воздушно патролирање на НАТО и на која присуствуваа министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, командантот на Комбинираниот воздухопловен оперативен центар во Торехон, Шпанија, генерал-потполковник Фернандо де ла Круз Каравака, министри во Владата, пратеници во Собранието и претставници на воено-дипломатскиот кор. На настанот беше вклучен НАТО авион од типот „Авакс Е-3А“, задолжен за командување и контрола, ловци на грчкото воено воздухопловство од типот „Ф-16“ и владиниот авион „Лирџет“. Во прилог на овој значаен настан направивме и интервју со генералот Фернандо де ла Круз Каравака, во кое подетално ќе се информирате за мисијата на НАТО за воздушно патролирање и улогата на Армијата на Република Северна Македонија во рамките на оваа значајна мисија на НАТО.

Во овој број на „Штит“ ве информираме за приемот на уште 100 нови професионални војници во редовите на Армијата, за промоцијата на нови потпоручници на Армијата и свечената заклетва на новите кадети во Воената академија. Ве информираме и за наградените припадници на Армијата кои учествуваа во гаснењето на пожарите минатата година, за признанијата и медалите за учесниците во последната ротација во мисијата „Одлучна поддршка“, како и за пофалените и наградени единици и припадници на Армијата на Република Северна Македонија за успешно завршени обуки, спортски достигнувања итн.

Од НАТО центрите за извонредност во овој број пишуваме за Центарот за операции во студени временски услови и за Центарот за борба против импровизирани експлозивни направи.
Прочитајте и за тоа како се воспоставува мировна мисија во рамките на ООН и ЕУ и за терористичката организација ИД-К, како нов безбедносен предизвик за Авганистан.

Во рубриката „Воена едукација“ прочитајте го текстот „Скриена иновација“, во кој ќе дознаете повеќе за некои аспекти на војувањето во текот на Втората светска војна.

Родовата еднаквост е постојано во фокусот на нашето внимание и дознајте повеќе за активностите во Министерството и во Армијата на овој план.
Информирајте се за уште неколку видови армиско вооружување, авиони, борбени возила итн.

Од воените музеи ви го претставуваме Интернационалниот музеј на шпионажата во Вашингтон. Прочитајте ја критиката за уште еден филм со воена тематика…

Редакцијата на „Штит“ ви ја честита Новата година и ви ветува уште многу интересни теми и содржини во наредните изданија на „Штит“.

Други вести
Skip to content