Државниот секретар Николиќ на Mинистерска конференција за регионална соработка за родова еднаквост на земјите од Западен Балкан

Делегација од Министерството за одбрана на Република Северна Македонија предводена од државниот секретар, Драган Николиќ учествуваше на Министерската конференција за регионална соработка за родова еднаквост на земјите од Западен Балкан која се одржа во Будва – Црна Гора, поддржана и организирана од страна на UNDP/SEESAC.

Државниот секретар Николиќ на конференцијата истакна дека благодарение на заеднички тимови составени од жени и мажи, денес Министерството и Армијата се пример кој покажува дека не постојат препреки за постигнување на успехот.

Тој додаде дека и презентираните резултати на денешната конференција јасно говорат дека во изминатите десет години Република Северна Македонија има постигнато значителен напредок. „Високиот процент од 9,5% застапеност на жените во униформа, особено жените – офицери, 15,50%. Бројката на жени раководители на сектори во Министерството никогаш не била повисока, како и скоро двојното зголемување на учеството на жените во мировните мисии“, рече Николиќ.

Покрај државниот секретар Николиќ, на конференцијата учествуваа и министрите за одбрана на Црна Гора и Србија и државниот секретар на Министерството за одбрана на Босна и Херцеговина, кои во оваа прилика го истакнаа напредокот за степенот на имплементација на родовата еднаквост во секторот одбрана.

За време на Конференцијата беше потпишана Декларација за поддршка на родовата еднаквост за реформи на безбедносниот сектор во земјите од Западен Балкан, со која се гради чувството на регионална припадност, но сепак секоја од државите има индивидуален пристап кон ова прашање. Потпишувањето на Декларацијата ќе придонесе до зајакнување на регионалната соработка на ова поле.

На денешната конференција беа промовирани Регионалниот прирачник за спречување и одговор на родово – базирана дискриминација, сексуално вознемирување и злоупотреба во Министерствата за одбрана и вооружените сили на државите од Западен Балкан и Втората Регионална студија за положбата на жените во вооружените сили на државите од Западен Балкан.

Други вести
Skip to content