Беспоштедно, без резерви, без калкулации Армијата излезе за своите граѓани и за својата држава – Шекеринска на прес-конференција информираше за досегашниот армиски придонес во справувањето со пожарите


До утрово, 1.614 припадници на Армијата се ангажирани во справувањето со пожарите низ територијата на нашата земја. Над 1.000 војници секојдневно се во фаза на приправност, а во просек 250 до 400 војници со целосна опрема, механизација и летала дневно се ставени на располагање во борбата со пожарите. Направени се повеќе од 80 полетувања, а во над 300 прелети исфрлени се повеќе од 650 тони вода.

Тоа се бројките за ангажманот на армиските припадници во последните десетина денови, по избувнувањето на голем број на пожари на нашата територија.

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со командантот на Командата за операции, генералот Бесник Емини и командантот на воздухопловниот ВИНГ, полковникот Стојко Пејовски денеска детално информираа за вклученоста на припадниците на Армијата во справувањето со пожарите.

„Ангажирани беа и сè уште се сите капацитети на Армијата, човечкиот потенцијал и нашите воздухоплови за кои во ниту еден момент практично немаше простор за одмор. Ангажирани се пешадиски единици од Командата за операции, поконкретно Првата бригада, специјалните сили, и целосно беа ангажирани припадниците и воздухоплови на Воздухопловниот ВИНГ. Буквално сите капацитети заедно со логистиката кои имаат знаење и умеење да се справуваат со огнените стихии“, рече министерката Шекеринска.

Министерката истакна дека и претставува чест што во повеќе наврати и лично им се заблагодари на војниците, за нивниот ангажман и за ризиците со кои што се соочуваат и на земја и во воздух.

„Ги посетив нашите војници и офицери и во Старо Нагоричане, и во беровско-пехчевскиот регион, и во Прилеп и во Штип, денеска имав прилика и да поразговарам со најголем дел од припадниците на воздухопловниот ВИНГ. Сите заслужуваат највисоки оценки и пофалби дека тоа што го сработија беше навистина херојство. Ниту еден од нив не постави прашање, ниту еден не се скри, ниту еден не замина во најтешкото, туку сите беа присутни и тоа беа присутни постојано. Со неколкумината офицери кои денеска ги гледате пред вас се слушав речиси од шест наутро до полноќ. Тие беа на работа. И, тие беа на работа бидејќи нивните војници и старешини беа на работа. И мислам дека во вакви моменти јас како министер за одбрана чувствувам потреба на сите нив да им се заблагодарам и да им кажам дека ниту јас, ниту оваа држава тоа нема да го заборави“, порача министерката.

Министерката им се заблагодари и на државите од соседство и на сојузниците за брзата реакција – Словенија со молскавично брза реакција упати екипи кои дејствуваат на земја, а Романија за помалку од 24 часа откако беше побарано, донесе одлука да испрати авион со голем капацитет за делување од воздух. Денеска Црна Гора најави дека ќе испрати хеликоптер Бел-412 кој ќе се вклучи во справувањето со пожарите. Благодарност беше упатена и до Србија која помогна во напорите од воздух, како и до Австрија која испрати свои пожарникари.

„Тоа е вредноста во која што веруваат и нашите соседи и нашите НАТО сојузници. Заедно можеме подобро да се справиме со сите овие предизвици“, рече министерката.

Во однос на можните причини за настанувањето на пожарите, министерката информираше дека во неколку наврати во разговори со старешините и војниците и бил пренесен сомнеж дека еден дел од причините за пожарите се човечкиот фактор, односно дека се намерно предизвикани, при што порача – „Армијата останува будна и остануваме распоредени на повеќе локации меѓу другото и за да спречиме понатамошна ескалација. Нема да дозволиме ниту еден човечки живот да биде во опасност заради ваквите неодговорно или криминално однесување.“

Командантот на Командата за операции, генералот Емини истакна дека „голем дел од нашите војници и старешини несебично, пожртвувано ги минаа ноќите, патролирања и гасејќи пожар пред нашите села и населени места во кумановскиот, кочанскиот, беровскиот, делчевскиот, пехчевскиот и велешкиот регион“. Емини изрази јавна благодарност до сите припадници на Армијата во гасењето на пожари, за нивната посветеност, пожртвуваност и храброст, како и благодарност до нивните семејства и родители за пружената поддршка и разбирање.

Генералот Емини порача дека Армијата останува решителна и посветена и продолжува да ги става на располагање сите ресурси во функција на гасење на пожарите и заштита на граѓаните.

Полковникот Стојко Пејовски, командант на воздухопловниот ВИНГ во Армијата информираше за активностите на ВИНГ-от и организацијата на т.н. „истурена позиција“ за дополнување на гориво во хеликоптерите во реонот на селото Стојмирово, со што, како што рече, се зголеми брзината, ефикасноста и количината на исфрлената вода врз опожарените подрачја.

„Голем предизвик ни претставуваат екстремно високите температури на воздухот кои достигнуваат и до 41 степен под сенка и да не ја заборавиме температурата над опожарените подрачја со пламените јазици, а воздухопловот се наоѓа токму над нив. Но, и покрај тоа, динамиката на извршувањето на задачите продолжува со несмалено темпо“, рече полковникот Пејовски.

Други вести
Skip to content