ПОЗДРАВНО ОБРАЌАЊЕ НА МО ШЕКЕРИНСКА НА ПРИЕМОТ НА 3. КЛАСА 125 ПФВ ЗА 2018 ГОДИНА

Драго ми е што на крајот на оваа за нас успешна година, можам да ви кажам: „Добредојдовте во Армијата на Република Македонија“. Задоволство ми е што ве гледам тука пред мене, на почетокот на вашата кариера во најпочитуваната институција во Македонија. Вие сте уште еден доказ дека за нас навистина збор е збор, дека она што сме го најавиле, знаеме да го исполниме, знаеме да го испорачаме. На 31 јануари оваа година, во посетата на Здружената оперативна команда во која можеби некој од вас ќе работат во својата кариера најавив дека Армијата на Република Македонија оваа година ќе се подмлади и ќе се засили со 375 нови професионални војници. Денеска тоа најавивме, тоа што го ветивме, го испорачуваме. Денеска ја исполнуваме таа обврска и тој наш план целосно, бидејќи и оваа денешна бројка практично, комплетно 375 нови професионални војници ќе и се приклучат на составот на АРМ. Со вас, просечната возраст на припадниците на Армијата  еден од  проблемите кои што Армијата извесно време се соочува ќе се намали за цели три години. Вие ќе бидете новата енергија, новиот мотив, новиот капацитет на Армијата на Република Македонија. Ќе бидете уште еден доказ и уште една причина за сигурноста, безбедноста и спокојството на граѓаните на нашата татковина, кои знаат секогаш дека нивната Армија има сила да им помогне, во секакви околности и во секоја прилика.

Во исто време, денеска покажуваме дека Армијата навистина ја претставува Република Македонија во целост, таква каква што е – етнички разнолика и побогата држава. Меѓу вас и вашите колеги кои беа примени оваа година има Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Бошњаци и Власи. Драго ми е што особено на овој последен конкурс успеавме некои од слабостите во претходните да ги надминеме и навистина оваа последна група на професионални војници во целост да ги исполни принципите и политиките вградени во нашиот Устав. Оваа разноликост е нашата уникатна предност и на Македонија, но и на АРМ, затоа што секој од вас носи различно искуство, традиции, но ги споделува истите вредности, истиот мотив и истата желба, да се биде дел од развиениот свет.

Разниликост имаме и во поглед на полот – од вкупно 375 професионални војници, 48 се девојки и жени. Треба да бидеме задоволни од овие храбри и одлучни 48 припадници на Армијата на Република Македонија кои влегле во професија која сè уште многумина ја сметаат за машка, но треба и да работиме оваа бројка да расте. Да мотивираме повеќе, повеќе млади девојки, повеќе жени да одлучат својата кариера да ја градат во АРМ.

Почитувани припадници на АРМ,

Заедно ги правиме решителните чекори кон наша подобра иднина. Затоа и вие и вашите колеги во Армијата можете да бидете задоволни од тоа што го постигнавме во 2018 година.

Ги срушивме бариерите кои долго време беа ограничување за нашата држава.  Целиме кон НАТО алијансата долги години, но оваа година  ја постигнавме нашата цел. Ја добивме поканата да станеме дел од најмоќниот воено – политички сојуз на денешнината. Ги започнавме и во рекордно време ги завршивме пристапните разговори. Македонија излезе од изолација и веќе во 2019 година ќе седне на истата маса со најмоќните држави во светот. 29 сојузници ќе бидат сојузници и на нашата држава. По формалниот прием и нашиот, и вашиот глас ќе биде слушнат и ќе даде придонес кон одлуките на НАТО Алијансата.

Поканата за НАТО е секако овогодишниот наш најголем успех, во делот на одбраната, меѓутоа и генерално во државата. Меѓутоа за мене е драг и еден успех кој што го постигнавме заедно со колегите во МО и АРМ, а тоа е да решиме еден од вечно повторуваните проблеми на многу припадници на Армијата, проблемот со елементарна и логистичка поддршка. Проблемот кој се провлекуваше во сите говори наречен униформи и чизми. Веќе почнаа да пристигаат првите пратки од околу 7.000 пара чизми, кои што во многу брзо време ќе ги добијат секој, ама буквално секој припадник на АРМ. А минатата недела го потпишавме договорот со кој за прв пат ќе набавиме 14.000 воено теренски кои што ќе обезбедат секој припадник на Армијата во секое време да има на располагање два комплета униформи. Во НАТО, Армијата ќе влезе гордо, достоинствено  и исправено! Ќе решиме проблем со кој што ќе се олесни вашата работа и работата на многу ваши колеги. Во 2018 година влегувате во Армија во која 10% веќе беа зголемени платите, а следната година од септември ве очекува дополнително 5% зголемување на платите. Ова е прв пат две години по ред платите на припадниците на АРМ да растат и тоа кажува дека Република Македонија ги цени, знае да ги цени, знае да ги награди оние од кои очекува најмногу.

Многумина сметаат дека дел од овие работи, како што се на пример униформите или чизмите се работа за која не треба да се зборува, се дел од нашите секојдневни обврски работа. И јас со тоа се согласувам. Меѓутоа, за разлика од порано, нашата секојдневна работа конечно носи видливи резултати. Разбирлива беше фрустрацијата кај вашите постари колеги, но мислам дека станува јасно дека нашата држава сврти нова страница. Армијата застана цврсто на своите нозе и оди само напред. И оваа, но и 2019 година, со искрена посветеност, со многу работа и со меѓусебно почитување, разбирање, тимски дух ќе продолжиме да ја градиме Армијата на РМ и одбраната на нашата држава.

За сите наши планови, за сета модернизација, опрема, подобрување на условите за вашата работа, потребни се пари. Затоа, и за оваа и за идната година покажавме дека не отстапуваме од зголемување на одбранбениот буџет. За прв пат во 2018 година го зголемивме буџетот за 15 проценти, а веќе за следната година обезбедивме буџет зголемен за 33 проценти. За одбраната и армијата повеќе пари ќе има и во иднина. Ве уверувам дека наш вистински приоритет е да ја постигнеме НАТО – целта 2 проценти од бруто-домашниот производ да се издвојуваат за потребите на одбраната, а тоа значи пред сè за потребите на АРМ. Тоа го правиме не затоа што НАТО истото го бара од земјите-членки, туку затоа што вие, затоа што армијата, затоа што одбвраната на државата тоа го заслужува. Нека нема дилеми кај ниту еден од вас – овие пари не се за нешто невидливо, не се за нешто што ќе биде надвор од вашиот домен на работа. Овие средства се начин како вие да бидете поуспешни во вашата работа, како Македонија да спие мирно, а вие спокојно да ја вршите вашата обврска.

Почитувани војници,

Ќе има многу предизвици пред вас. Но, ве уверувам дека нема да бидете сами. Ги имате вашите постари колеги, од кои убедена сум многу ќе научите, ја имате зад вас целата армиска структура, го имате Министерството за одбрана, не имате сите нас чијашто цел е заедничка. Заедно можеме да постигнеме многу и затоа ве повикувам и вас и сите припадници на АРМ да бидеме фокусирани на нашите крупни цели, да бидеме мотивирани затоа шти точно знаеме каде сакаме да стигнеме. Силата е во поединецот, но успехот е резултат само на тимска работа.

Ви посакувам среќни новогодишни празници со вашето ново големо семејство, Армијата на Република Македонија, ви посакувам многу успех во кариерата и ви посакувам да напредувате и да растете заедно со нашата армија!

Да живее Армијата на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail