Обраќање на Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на отворањето на НАТО-напредната школа за справување со заканите од тероризмот во Југоисточна Европа 14.02.2016, Охрид, Република Македонија

Дами и господа,

Особено задоволство ми е што денеска во Република Македонија, во Охрид сме домаќини на напредниот курс за претставници од Југоисточна Европа за борба против тероризмот. Овој курс е поддржан од НАТО, од Научната програма за мир. Ваков курс за втор пат организираме со универзитетот „Норвич“. Пред неколку години организиравме поголем настан посветен на сајбер безбедноста, да видиме како заеднички да креираме политики со цел навремено да се соочиме со предизвикот. Овие неколку дена вие ќе разговарате и ќе размените мислења како заедно да соработуваме во борбата против тероризмот.

Почитувани,

Овој курс  е организиран од Воената академија и универзитетот „Норвич“. Нашето партнерство е долго – тоа започна со соработката помеѓу Армијата на Република Македонија  и Националната Гарда на Вермонт. Имав чест да го посетам универзитетот „Норвич“ неколку пати и во моментов двајца наши кадети се дел од „Норвич“ во времетраење од еден семестар, а потпишавме и договор за соработка во областа на науката. Исклучително важно е што НАТО го поддржува овој курс на кој имаме претставници од земјите од регионот, а имаме и говорници од САД, Канада и други земји-членки на НАТО. Тоа покажува колкава важност НАТО и земјите од регионот му даваат на овој напреден курс.

Како што знаете, Европа се соочува со предизвици во поново време. Имаше напади кои креираа предизвици за земји како Франција, Белгија и други. Живееме во период кој покажува дека мораме заеднички да соработуваме за да се справиме со овие предизвици. Особено важно е да се зацврсти соработката помеѓу разузнавачките служби во регионот, да се разменуваат информации, не само меѓу нашите агенции, туку и помеѓу земјите од регионот и поширо, па и на глобално ниво. Единствено така ќе бидеме подготвени да се носиме со предизвиците кои ги носи тероризмот.

Модерните закани можат да бидат предизвик за безбедноста и стабилноста на нашите земји, мирот и развојот. Тие се закана за нормалниот демократски развој и за институциите на системот. Во овој контекст, ниту Република Македонија, ниту другите земји во Југоисточна Европа и Европа во целина не се имуни на овие закани. Тероризмот е глобален феномен кој со време ги смени своите форми и методи на акција. Тој не е поврзан со религии, култури, националности и етнички групи.

Растот на радикализмот во последните декади помогна во создавањето услови за развој на деструктивни идеологии кои можат да се користат во служба на тероризмот. Денес тероризмот најмногу ги опфаќа земјите опфатени со војна, но неодамнешните настани покажаа дека тој може да се појави и во цела Европа. Ние мораме да бидеме подготвени да се справиме со ова. Ние мораме да бидеме подготвени за можните сценарија за дестабилизација преку асиметрични и други закани.

Исклучително важено е што ве имаме вам што дојдовте во Македонија, да разговарате за овие прашања со експерти кои доаѓаат надвор од нашиот регион, а одлична можност е и што креирате мрежа на контакти помеѓу вас.

Утринава бев на јужната границата со Грција. Ние имаме голем број мигранти кои доаѓаат од Сирија, Ирак, Авганистан и други земји. Ако ги погледнеме бројките во споредба јануари 2015 со јануари 2016, ние имаме 10 пати повеќе мигранти кои поминуваат низ Македонија. 99,99% од нив се луѓе на кои им треба помош и ние како Европејци, мораме да им помогнеме. Тие преку балканската рута од Грција, низ Македонија, Србија, Хрватска, Словенија одат кон Австрија, Германија и други земји во Европа. Ние мораме да им помогнеме, но мораме и да ја задржиме безбедноста на земјата. Како што видовме, дел од терористите кои беа идентификувани во Париските напади поминале низ нашите земји.

Ние мораме да ја зголемиме соработката, адекватно да ги регистрираме сите кои поминуваат низ земјите – тоа е добро за безбедноста не само на Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, туку за цела Европа. Мораме да разменуваме разузнавачки податоци и информации за сите кои минуваат низ нашите земји.

Јас сум сигурен дека заклучокот од овој напреден курс ќе биде дека е потребно зацврстување на размената на информации. Ви посакувам успешен курс, и ве уверувам дека Македонија ќе остане да биде ваш партнер и дека можете да се ослоните на нас. Ние ќе продолжиме да работиме заеднички да се соочуваме со предизвиците кои се пред нас.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail