Обраќање на Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, на свеченоста по повод Денот на Полкот за специјални операции

Почитуван началник на ГШ на АРМ, генерал Величковски
Почитуван министер во Владата на Република Македонија, г. Џери Наумоф
Почитувани генерали,
Почитувани гости, дами и господа,
Почитувани професионални војници и офицери од Полкот за специјални операции,

Особено сум горд што денес заедно со вас, припадниците на Полкот за специјални операции, го одбележуваме Денот на вашата единица – 1 март. Од самиот почеток вашата едница постојано го оправдува своето име, претставувајќи ја најелитнатниот дел на Армијата на Република Македонија. Оваа единица, која го означи почетокот на професионализацијата на нашата Армија, со право претставува синоним за највисоки квалитет, стандард и најдобри резултати.

Водејќи се од мотото ,,повеќе од можното“ и ,,секогаш и секаде први“, вие ја вие сте лидери во Армијата на Република Македонија. Препознатливи во татковината, но и далеку надвор од неа, вие сте вистинските гарантори и Амбасадори на мирот и стабилноста.

Веќе 22 години извршувате најсложени задачи, макотрпно работите зајакнување на вашите воени вештини и беспрекорно и служите на нашата татковина, Да се стане дел од Полкот за специјални операции е предизвик, но и мотивација токму поради култот кон професијата кој успеавте да го изградите. Да се биде дел од оваа елитна единица е гордост, но истовремено и патриотска должност безрезервно да се служи на татковината.

Поради тоа сакам да ви оддадам признание за сите стекнати знаења и вештини, огромна позветеност и патриотизмот. Тие во најситна смисла на зборот се вашиот најголем влог на сегашноста и иднината на Армијата на Република Македонија, кон гарантирањето на нејзиниот суверенитет и територијален интегритет.

Почитувани припадници на Полкот за специјални операции,

Вие ја афирмиравте Република Македонија и во меѓународни рамки. Се гордееме со највисоките оценки кои ги добивте по успешно завршените мисии ,,Слобода за Ирак“, „ФЕНИКС“ и „ИСАФ“ во Авганистан, и кои продолжувате да ги добивате и во рамките на новата мисија во Авганистан „Одлучна поддршка“. Воедно тоа е ваш силен придонес кон исполнувањето на стратешкиот приоритет на Република Македонија за станување дел од НАТО и ЕУ.
Ме прави исклучително горд секогаш, кога како Министер за одбрана на Република Македонија, од страна на нашите стратегиски партнери и НАТО добивам потврди дека онаму каде што е најтешко и најпотребно – вие сте рамноправен, кредибилен и посакуван партнер.

Денес, кога сме сведоци на глобални безбедносни предизвици кои се побројни и покомплексни од било кога досега, вашата професионалност и посветеност ќе биде клучна за натамошно јакнење на капацитетите на Армијата на Република Македонија. Во оваа прилика сакам да ве уверам дека Министерството за одбрана, Генералштабот и граѓаните на Република Македонија во целост, знаат да го препознаат и неизмерно го ценат вашиот исклучителен придонес.

Во изминатата година примивме нови професионални војници во Армијата. Најдобрите од нив ќе станат дел од Вашата елитна единица. Ова подмладување е значајно за вас но и за Армијата. Сигурен сум дека ќе ги споделите Вашите вештини со помладите и ќе ги обучите да бидат Ваши достојни наследници.
Истотака, пред неколку месеци беше формирана секција во Министерството за одбрана и Генералштабот чија задача е да биде контакт поинт на Полкот со министерството и генералштабот. Да ги пренесува Вашите барања до нас, кои сме задолжени да создадеме услови за уште посилен натамошен развој и за ваше посилно интегрирање во НАТО структурите за специјални операции.

Во мое име и во име на граѓаните на Република Македонија ви го честитам денешниот ден 1Март – Денот на вашата единица. Ви посакувам пред сè, добро здравје, успешен професионален развој, многу среќа и успех во извршувањето на поставените обврски. Ви посакувам, и понатаму, како и досега, со непоколеблива посветеност и пожртвуваност да и служите на нашата татковина. Конечно, посакувам вашиот најголем влог, и влогот на Армијата на Република Македонија, да и носи светла иднина на нашата татковина и да го развее македонското знаме онаму каде што заслужено припаѓа, во НАТО и Европската Унија.

Да ни е честит Денот на Полкот за специјални операции!

Да живее Армијата на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail