Обраќање на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска по повод Денот на Полкот за специјални операции

Денеска го одбележуваме вашиот ден. И токму денеска се потсетуваме дека 25 години специјали сили во Армијата се и 25 години во кои нашата земја работеше, посакуваше, се трудеше да стане членка на Алијансата. Заедничкиот јубилеј го прославуваме со успеси – успеси во Полкот, но и успеси на ниво на државата.

На овој голем јубилеј треба да бидеме горди што конечно го зазедовме местото кое ни припаѓа и за кое се боревме исто така 25 години. Чекорот кој го направивме кон нашата долгогодишна стратешка цел, ја менува реалноста во која штоп живееме, ја менува реалноста и во која што вие ќе работите. НАТО за нас веќе не е Алијанса кон која сакаме да се вклучиме. Ние сме НАТО. Вие сте припадници на Армијата која е дел од НАТО. И затоа, добро е во в акви моменти на успех за нашата држава да се присетиме од каде тргнавме и за колку време стигнавме до овој момент кога можеме да кажеме не дека целта е блиска, туку дека целта веќе ја постигнавме.

Вие почитувани припадници на ПСО сте една од најважните алки во синџирот кој го овозможи овој успех. Вие, како велите, сте секогаш и секаде први, вие како што велите, сте секогаш чекор понапред, вие сте предводници на нашата армија и тоа особено на ваков јубилеј треба да се нагласи.

Знамето на нашата држава за прв пат беше видено од сојузниците во рамките на меѓународните мировни мисии на ваше рамо. Ја предводевте Армијата во мировната амисија во Ирак во 2003 и вие бевте првата слика за сето она што го претставуваат припадниците на нашата армија. Бевте дел и од мисијата во Авганистан, особено бевте вклучени во операцијата Феникс, каде за прв пат нашите војници работеа живееја и извршуваа сложени и опасни задачи рамо до рамо со американските војници и војниците на армиите на НАТО земјите членки. Тоа говори многу за вашиот придонес и високото мислење кое го уживаме во рамките на Алијансата.

Успесите во овие мисии ги пресликавте и во регионот и на меѓународните вежби натпревари и спортови.

Ваш припадник го освои првото место на државното првенство во Кик Бокс, наш и ваш специјалец е најдобриот помеѓу 22 учесници од 19 држави на курсот за боречки вештини во Кина, тим од овој полк освои високо 2 место на натпреварот во Велс, Велика Британија.

Меѓутоа мислам дека најголемиот плус, најголемиот успех го забележувате тогаш кога на оваа држава и е најтешко. Неодамна се најдовме во еден таков момент кога нашите граѓани се соочија со голема трагедија во која 15-мина го загубија животот. Трагедија која не погоди сите но уште еднаш покажа какви лица, и какви војници работат во нашата армија. Еден ваш припадник самоиницијативно замина да им помогне на настраданите, други припадници на Армијата кои живеат во регионот на сообраќајната несреќа исто така покажаа храброст и одлучност веднаш да помогнат, да не чекаат некој да ги викне. да не чекаат да бидат побарани, туку да бидат секогаш и секаде први. Таква е нашата армија, такви сте вие нашите припадници, и тоа граѓаните го знаат и го покажуваат преку поддршката која армијата ја ужива.

Својата цврстина и професионализам ги покажавте во сите можни кризи во државата – пожари , поплави , граѓански катастрофи, сите проблеми со кои граѓаните се соочуваа, но знаеја дека безбедноста има кој  да ја гарантира.

Почитувани припадници на ПСО,

министерството за одбрана и владата ја знаат вашата вредност и вредноста на оваа армија. Тоа не водеше и не води во нашите напори за реформи и за развој. Напори за уште повеќе средства во одбраната кои вам ќе ви однесат подобри услови за работа, подобра опрема, повисоки приходи. Се заложивме и успеавме да обезбедиме одбранбениот буџет не само да престане да се намалува, туку секоја година, континуирано да расте, 15, а сега оваа година и 33 % повеќе отколку минатата година.

Платите пораснаа во 2018 година за 10 проценти, ќе пораснат оваа година за дополнителни 5 проценти. фактот што секоја наредна година очекуваме зголемување на одбранбениот буџет за 0,2 процентни поени од БДП покажува дека секоја година ќе имаме обезбедено повеќе пари и за лични средства и за модернизација и за подобри услови за работа.

Почитувани припадници на ПСО,

бидејќи пред вас сум дискутирала и на овие теми дозволете ми да порачам дека како и во минатиот период, така и в следниот период некои ќе продолжат да сеат дезинформации и со лажни вести да создаваат страв и неизвесност. Се сеќавам на една дискусија која ја имав со вас во кујната овде во касарната Илинден каде што стравот по најавените покажувања на платите во Армијата, беше дека тоа ќе оди на сметка на закупнини, дека ќе се поништат со некои други надоместоци, дека повторно некој ќе се поигрува, и со вашата иднина и со вашите приходи.

Вие стоите пред мене со униформа, јас не можам да ви го видам образот, но знам дека е чист, но јас стојам пред вас со чист образ, дека се што сум најавила овде сум го испорачала и сум го остварила. И затоа под влијание на овие информации, сакам да ви порачам, дека ќе лажат и ќе манипулират, но јас како министерка во Владата, посветена на одбраната, би гарантирам дека ниту еден денар од вашите приходи не смее да биде загрозен и она што можам да го гарантирам е дека ќе продолжиме таму каде што застанавме, две години по ред зголемување на плати, враќање назад на платените дежурства, обезбедување на јубилејна награда која со години не се исплаќала. На тој начин, еден по еден чекор, ќе обезбедиме поголеми надокнади, подобри услови и вашето задоволство како припадници на важна институција.

Почитувани припадници на Полкот на специјални операции, почитувани гости,

Нашата економија је финансира нашата Армија, но и Армијата и помага на нашата домашна економија и тоа вчера можевме да го видиме. Последните податоци на народната банка, покажуваат дека 2018 година, завршува како рекордна година по нивото на странски инвестиции. Повеќе од 600 милиони евра, 4 пати повеќе од странските инвестиции во 2017 година, повеќе од 2012, 2013 и 2014 година земени заедно. Се потврди вистината дека НАТО Алијансата и најавата за наше членство, особено поканата за членство во НАТО е мотор плус за економскиот раст и може да бидете горди зошто еден дел, голем дел од таа заслуга за овој стратешки успех е дело на ваши раце, дело на вашиот ум, дело на вашиот труд.

Знамето на Република Северна Македонија не седи само овде. Тоа ќе биде знаме кое што со успех заедно ќе го поставиме пред Алијансата во Брисел. Бидете задоволни и горди затоа што вие заедно со останатите припадници на Армијата помогнавте тоа да биде реалност.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail