Обраќање на министерката Шекеринска по повод 18.Август – Денот на Армијата на Република Северна Македонија

Охрид 18.08.2019 годдина

Почитуван претседателе Пендаровски,

Почитувани припадници на Армијата на Република Северна Македонија,

Почитувани, старешини, офицери, војници, подофоцери

Почитувани гости,

Ова зад нас е Година на успех. Година во која се заокружува најуспешната етапа од нашиот пат кон НАТО Алијансата.

Зад нашата Армија се буквално 27 години марш. Како и секој марш условите во кои се одвиваше беа различни. Некогаш поволни, некогаш неповолни. Да се изразам со војнички зборови – и покрај сите препреки и покрај сите потешкотии, мисијата е успешно завршена.)

Силата која што ја движеше и ја движи нашата Армија, се нејзините, нашите луѓе – мажи и жени.  И затоа од ова место, сакам на сите од војниците, преку подофицерите, па до старешините од сите чинови, да им се заблагодарам за клучниот придонес во оваа мисија

За предизвиците што ги издржавте стоички.

За храброста во Ирак, Авганистан, Либан, Босна и Херцеговина.

За издржливоста на Криволак, за еланот и компетитивноста на војничките натпревари во Велика Британија, Кина и Хрватска.

За дисциплината и посветеноста на вежбите во Германија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Црна Гора.

За пожртвуваноста во Стајковци, Тетово, Скопје при спасувањето на човечки животи.

За храброста на земјата и во воздух при справувањето со пожарите.

За гардиската елегантност и прецизност при дочекот на сите наши странските гости.

За одличните концерти на нашиот Воен оркестар.

За безбројните акции на дарување крв.

За вашата будност и за патриотизмот со кој циве овие 27 години и служите на својата земја.

Таа служба е невозможна ако не обезбедиме тренинг, опрема, услови и наше постојано внимание. Да продолжиме да инвестираме во вас, во нашите луѓе, за нашите луѓе!

И тоа го правиме. Затоа две години по ред го зголемуваме буџетот на одбраната, затоа две години по ред ги зголемуваме платите на сите припадници на Армијата, затоа две години по ред ги исплаќаме редовно и јубилејните награди и дежурствата.

Затоа започнавме со обезбедување на спортска и алпинистичка опрема за нашите припадници.

Набавивме нови инженериски машини, по цели 16 години!

Ја подмладивме Армијата со 500 нови професионални војници.

Затоа обезбедивме парични награди за сите оние кои направија по нешто повеќе. Покажаа квалитет повеќе. Затоа пред само неколку дена го усвоивме новиот Правилник со кој сите учесници во мировни и хуманитарни операции ќе продолжат да ги примаат своите основни армиски плати, а вкупната месечна заработка (аедно со сите надоместоци) ќе биде повисока за 500-700 евра за сите војници и подофицери. За секоја мисија, ќе успеат да добијат повеќе од 3000-4000 евра во својот семеен буџет.  Поголема грижа. Поголем домашен буџет. Поголема сигурност и убедена сум поголема мотивација.

Сето тоа го правиме и ќе го правиме затоа што – за да бидеме силни надвор, требаме да бидеме силни и сигурни обезбедени дома. Единствено со инвестирање во нашата безбедност и во нашите капацитети, можеме да стекнеме сигурност во себе и во нашите планови.

Почитувани,

Од минатогодишната прослава на Денот на нашата Армија се случија многу работи. Историски работи за нашата држава.

Веќе одбројуваме кон полноправно членство во НАТО. И ги вршиме последните подготовки.

Го изработивме Долгорочниот план 2019-2028 за развој на одбранбените способности кој ги постави основите на нашата модернизација. Ги менуваме клучните закони и ги воведуваме НАТО стандардите и НАТО правилата.

Нашата Армија ќе се модернизира и ќе ги подобри оперативните способности.

Ги зголемивме буџетите, но паралелно со тоа ја зголемивме отчетноста и транспарентноста во нивното трошење.

Ги направивме првите вистински тимови за справување со сајбер и хибридните закани.

Ја дуплиравме нашата одбранбена секција во НАТО. Се вративме во Монс. На воените аташеа во Вашингтон, Берлин и Анкара, го додадовме и Париз.

Ги правиме последните подготовки за испраќање на наши офицери во нова ЕУ мисијата под раководство на  Франција, а наш тим подготвуваме веќе за мисијата „Истуреното присуство“ на НАТО во Естонија, под команда на Обединетото Кралство.  Нашиот најголем тест, но и знак на укажана доверба од страна на многу членки на Алијансата беше вежбата „Одлучен удар“ што ја реализиравме овој јуни.

„Одлучен удар“ е  најголема вежба досега во нашата земја.

2.700 војници од шест држави.

Северна Македонија, САД, Црна Гора, Бугарија, Албанија, Литванија.

Покажавме дека сме организиран, кредибилен и посветен партнер.

ПОКАЖАВМЕ ДЕКА НИЕ ВЕЌЕ СМЕ НАТО.

70 години по основањето на Алијансата, ќе бидеме 30-та, најмлада членка, но еднаква и рамноправна.

Нашиот глас, нашите залагања, ќе имаат иста политичка вредност, како и гласот на сите останати.

Почитувани,

Ова е Година на успех. По НАТО поканата, ги почнавме и успешно ги завршивме пристапните преговори. Го добивме Протоколот за пристапување кон Алијансата и веќе најголемиот дел од земјите членки истиот го ратификуваа. Во навистина кус и турбулентен период во целиот свет.

За само една година, имав чест да ја претставувам мојата држава на билатерални средби со 11 министри за одбрана на НАТО членки. Девет од нив ја посетија Северна Македонија за само една година. Само оваа недела, бевме домаќини на 2 началници на Генералштабови и аѓутант генерал на Вермонт кој денес е тука со нас.

Оваа промена не падна од небо. Не ја добивме како подарок. Ја сработивме. Ја издејствувавме. Ја заслуживме. Сите заедно.

Можеби денеска се веќе изгледа лесно и завршено. Неизбежно. Логично.

Како што по загубените битки, сите се аналитичари;

Така и по добиените битки, сите сме генерали.

Сега се изгледа завршено и лесно, но јас и многумина овде присутни, можат да се сетат на скепсата дури и на најдобронамерните кога ќе кажевме за една година покана за НАТО следната полноправни членки. Дури и најголемите поддржувачи не можеа да ги сокријат сомнежите дека толку крупни промени можат да се случат за така кусо време.

Можевме да го избереме сите ние и полесниот пат, можевме да ги одложиме амбициите, можевме да одлучиме „да ги менаџираме очекувањата“, да си создаваме отстапница и да повторуваме дека за се треба време. Можевме, но тоа не го направивме.

Знаевме дека честитки за напредок или добро завршени реформи за нашата земја не се доволни. За нас, утешни награди веќе не беа доволни. Алтернативи на членство во НАТО не беа опција. Ништо помалку од остварување на нашата долгорочна стратешката цел не беше прифатлива на генерации не беше прифатливо.

Знаевме дека немаме право на грешка, затоа што една веќе не чинеше 10 загубени години.

Почитувани присутни,

Додека денеска работиме, ама и уживаме во нашиот балкански бисер, се договараме, можеби со пријателите или блиските како најдобро да ја поминеме неделата, додека некои можеби планираат брзо есенско капење, токму сега во Кабул е речиси еден попладне и нашите офицери и војници се на ручек. За нив е обичен работен ден, иако пред само неколку часа заедно со ногу други екипи организираа голем натпревар во чест на Денот на нашата АрмијаЗа нив е обичен ден, без семеен ручек, без релаксирана прошетка околу езерото, работен ден, за тешки работни задачи и многу, многу ризици. Некои видливи, некои невидливи. Очекувани и неочекувани. Опасни и уште поопасни.

Ова е наша прослава. Но, за мене ова е пред се нивен ден.

Токму во Кабул ја сретнав потполковник Блажевска. Една од 4 жени во нашата ротација. Силни, независни, одговорни, вредни и издржливи. Сето тоа било неопходно за да успеат дотаму да стигнат… а особено за да се вратат здрави и живи, со одличен углед и резултати, веќе подобри и поспособни.

Ми беше чест да ги запознаам. И ми беше неизмерно задоволство да можам пред 2 дена потполковник Блажевска да ја унапредам во полковник. Една од само 3 полковнички во нашата Армија. Како што денес сакам да честитам на одлуката на Претседателот да ја постави за свој аѓутант. Прва жена аѓутант на врховниот командант на нашата Армија! Честитки и навистина големо браво!

Се надевам нема да ми замерите на дигресијата на женска тема. Долго време сум во професија која, како и вашата, изгледа и е доминантно машка. Сум видела дека често е многу тешко да се работи, напредува и докажува во таа средина – ако постојано некој го поставува прашањето – може ли таа да се справи? Може ли да издржи? Може ли да се наметне? Можеме и можат, верувајте ми. И затоа денес треба да говорам и на оваа тема.

Не сум прва жена министер за одбрана за да тоа ми го пишува во биографијата, туку да го направам животот и шансите и на жените во одбраната подобри.

Исто како што не сум министер за одбрана за да се пофалам само со честа, туку да ја заслужам со тоа што ќе ја направам земјата побезбедна, армијата поподготвена, а припадниците позадоволни.

Тоа беше мојата мисија. Тоа е нашата мисија.

Затоа иако велам дека зад нас е Година на успех, морам да кажам дека од сите нас очекувам следната да е уште подобра, уште поуспешна.

Да ги совладаме не само стратешките препреки, туку и оние секојдневните.

Да бидеме подобри, побрзи, похрабри.

Да покажуваме интегритет секој ден. Кога работиме, кога дебатираме, кога унапредуваме, кога одлучуваме. Да ги учиме на тој интегритет младите војници и кадети. Да ги учиме со збор, да ги убедиме со пример.

И најважно од се: Секој ден да покажеме дека сме во служба на државата, а никогаш да не ја ставаме државата во наша служба.

Честитки до нашата Армија за овој важен јубилеј.

Честит 18 Август, Ден на Армијата на Република Северна Македонија!

Да ни редат и да ни следат нови достигнувања, а следната година да го славиме овој ден како Армија на земја  членка на НАТО.

Ќе го славиме. Затоа што заслуживме.

Ви Благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail