Обраќање на МО Шекеринска по повод испраќањето на првиот контингент во мисијата КФОР на Косово

Пред нас можеме да ја видиме нашата НАТО Армија, пред на се 44 мина, посветени мотивирани и храбри припадници на Армијата на Република Северна Македонија кои рамо до рамо, еднакви помеѓу еднаквите ќе го покажат сето она што го знаат и сите оние вештини и знаења пред своите колеги од сојузничките земји во мисијата КФОР во Косово.

Припадниците на нашата Армија не се ниту нови ниту непознати во меѓународните мисии, но она што е поинаква оваа мисија и оваа прва ротација е фактот што за нас е прва мисија како членка на НАТО алијансата. Северна Македонија го завзема местото во НАТО како земја која значи мир, безбедност и стабилност на Балканот и наша обврска е да вложиме во стабилност во нашиот регион, да дадеме придонес за регионалната стабилност, да помогнеме Балканот да биде подобро помирно, по просперитетно место за живеење. Покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места. Од сега ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот.

Членството во НАТО значи безбедност и стабилност за нас, значи сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но ние тоа членство го чувствуваме како голема одговорност.

Пред помалку од 20 години, нашата татковина ја искористи шансата да има  мисија на НАТО за да има безбедност и стабилност. Денеска како членска на НАТО можеме да помогнеме да помогнеме тоа да се случи и кај нашите соседи.

И тоа покажува колку поминавме заедно, со колку проблеми се изборивме и колку созреавме како луѓе и како држава.

За нас поддршката на КФОР не е новина.

Северна Македонија покажа дека ги споделува истите вредности како и алијансата уште од 2007година кога започнавме со логистичка поддршка на оваа НАТО мисија.

Но сега, сега додаваме нова вредност. Правиме синергија од она сето она што сме го сработиле во минатото како домаќин на координативниот центар за поддршка, со нашата најголема вредност, нашите припадници, искусни, мотивирани, опремени и подготвени да дадат суштински придонес кон силите на КФОР.

Нашите први 44 припадници ќе ги прават и првите чекори во оваа мисија. Ќе работат како штабни офицери во главната команда во Приштина, ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад и се тоа во рамките на Италијанскиот контингент и тоа е сојузништво на дело. Но тоа нема да биде нашата единствена амбиција. Нашиот придонес ќе продолжи да расте во тек на 2021 година. Очекуваме веќе во следната ротација, бројот да го зголемиме на над 60 припадници. Од идното лето заедно со нашиот долгогодишен партнер Националната гарда на Вермонт од САД, надвор од воспоставените ротации придонесот во период од 9 месеци ќе го зголемиме со над 100тина припадници на Армијата. Вкупно од идното лето во мисијата КФОР ќе придонесуваат околу 180 наши војници, подофицери, и офицери.

Ние сме свесни дека не сме најголемата земја ниту во регионот ниту пошироко.

Не можеме можеби да бидеме први, најдобри и најсилни, ама можеме секоја година да бидеме подобри од претходната, можеме да не го губиме времето, можеме да не се враќаме назад, да не ги пропуштаме можностите. И ако тоа го направиме можеби првото место нема да биде далечно. Сакам да ви се заблагодарам на сите вас нашите мировници, припадници на нашата Армија, што одлучивте да ја претставувате својата татковина во оваа нова мултинационална средина. Ќе бидете први и вие ќе го оставите главниот белег затоа како ќе се оценува и ќе се доживува и ќе се гледа на Северна Македонија.

Знам дека ќе го покажете најдоброто од нас, најдоброто од вас и дека уште повеќе ќе го подобрите нашиот имиџ во Алијансата. Останете храбри и посветени, мотивирани да го дадете најдоброто но и да учите многу нови работи.

Се разбира и оваа мисија како и нашиот живот ќе биде во сенка на корона вирусот и светската пандемија. Затоа во оваа криза бидете и внимателни. Чувајте се и почитувајте ги сите правила, не само оние воените туку и овие здравствените, зошто сакаме после оваа 6 месечна ротација живи здрави и побогати за едно искуство да ве пречекаме дома.

Ќе бидеме блиску и ќе ве поддржуваме секој пат кога ќе има потреба од нашата помош.

Бидете безбедни и дајте се од себе.

Ве чекаме дома за 6 месеци и остануваме благодарни на вашиот придонес.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail