Обраќање на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на приемот на 125 професионални војници во Армијата

Касарна Велес, 07 август 2019 година

Почитувани,

Драги војници,

денот кога почнува еден млад човек со нова професија, со избор на своја професија е ден во кој се упатуваат многу различни пораки. Ви се посакува успех, се посакува резултати во работењето, се посакува голема упорност, трпеливост, трудољубивост.

Јас ќе изберам денеска да ви кажам дека најголемата шанса за успех кога почнувате во својот професионален развој, во една професија која што навистина е тешка и одговорна е да го сакате својот позив, да ја сакате својата професија и тоа да ве тера секогаш да бидете и подобри, секогаш да бидете поуспешни.

Поминавте темелен процес на тестирање и денес сте тука заедно со своите колеги како класа на 125 ново примени професионални војници во Армијата на нашата татковина. Тоа покажува дека војничката униформа, војничкиот живот, бдеењето над нашата земја, одржувањето на мирот и стабилноста и можноста да се помогне на сите наши сограѓани, е токму професијата која вистински ја посакувате.

Но, би додала и дека Армијата исто така не може без вас. И таа ве избра да бидете дел од еден процес кој што успешно ќе ги заокружи стратешките приоритети на нашата земја. Од денеска влегувате во една организирана Армија која поседува и квалитет и знаење да продолжи да биде гарант на безбедноста на сите граѓани.

Влегувате во Армија која поседува и квалитет и знаење да биде дел од најмоќниот воено- политички сојуз на денешнината, најмоќниот воено политички сојуз во светот.

Како министерка за одбрана и како претставник на Владата, но и заедно со претставниците и првите луѓе на Генералштабот, стоиме зад вас, ве поддржуваме и ги правиме сите напори вашиот живот како војници, вашиот живот како дел од Армијата да ја отсликува реалноста и навистина да биде Армија која што „де факто“ е членка на НАТО. Затоа што сме убедени дека по знаење, по можности, по интерес, по потенцијал навистина сте еднакви со припадниците на најмоќните светски армии.

Во мојата кариера сум работела и во различни сфери и на различни полиња и нивоа. Верувајте ми на зборот дека армиската средина е една од најдобтрите средини за ваше континуирано растење и развивање, за учење и постојана обука. Средина во која вратите кон усовршување и дома и кај нашите партнери и сојузници во странство се навистина широко отворени. Во текот и на обуката, во текот на првите денови како професионални војници ќе видите дека дел од вашите колеги се на обука во САД, или Велика Британија, дел од старешните се на високи школи во Турција, Италија, Бугарија, Германија, дел  се на вежби во Црна Гора, Германија, Слованија, Хрватска, а некои се дел од нашите мисии во Авганистан, Босна и Херцеговина и Либан.

Ккао Министерство за одбрана ќе направиме сè што е во наша моќ, отворените врати кон светот да бидат уште поотворени. Како полнорпавна членска на НАТО наскоро нашата видливост уште повеќе ќе се зголеми и ќе можете и вие да кажете дека сте дел од еден успешно заокружен процес кој што речиси 30 години нашата земја го изодува, а тоа е после три декади најпосле да станеме членка на НАТО алијансата.

Со истата посветеност како кон интеграцијата во НАТО, работиме и на подобрувањето на условите за ваша работа и ваш ангажман во Армијата. Бројките говорат можеби и најгласно.

Минатата година после подолго време, Армијата се збогати со 375 нови професионални војници кои ќе станат ваши колеги. Ако пак на оваа бројка го додадеме и денешниот прием на 125 професионални војници, и уште 125-те кои ќе дојдат по вас во текот на оваа година ќе констатираме дека навистина постојано работиме на подмладување на составот на нашата Армија и нашата цел е секоја година да го зголемуваме бројот на ново примени војници и секоја година да вршиме подмладување на нашиот состав, како во делот на војниците, така и во делот на офицерскиот кадар.

Средствата кои ги издвојуваме за Армијата и за одбраната веќе две години по ред растат. И, тоа ќе продолжи така се до исполнување на целта 2 % од БДП  да одат токму за вашите потреби, токму за потребите на одбраната и безбедноста на нашата земја.

Платите пораснаа за 10 % на почетокот на минатата година, од септември, практично со вашиот прием ќе пораснат дополнително за 5 %.

Започнавме и континуирано вршиме повторно исплата на дневници за дополнителната работа и со новите измени во Законите за служба и за одбрана предвидуваме дополнителни шанси, можности и подобри услови и за војниците и за офицерите.

Навлегуваме во фаза која долги години е потребна на Армијата, а тоа е модернизација на нашата опрема. После 16 години, Армијата успеа најпосле да набави нови инженериски машини кои што ќе ја зголемат не само нашата моќ како армија, туку и нашата моќ да помагаме на цивилното население и на државата. Набрзо започнуваме со набавка на нови борбени возила и заштитна опрема за целокупниот боен состав.

 Се фокусираме на тоа што е најважно – а, тоа е вашата опрема, механизацијата со која што ќе работите и со која што ќе се штитите. Ќе направиме се за процесот на набавка да тече брзо и ефикасно, но она од што нема да отстапиме и тоа го покажавме и оваа година е квалитетот на опремата за кое што нема да правиме компромиси.

Почитувани професионални војници ,

во вас ја препознаваме нашата татковина – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци. Во вашата разноликост и заедништвото навистина е силата на нашата земја. Тоа е нашата уникатна предност затоа што сите граѓани и сите етнички заедници ја чувствуваат Армијата за своја. Почитувајте се меѓу себе, помагајте си и успехот ќе биде неизбежен.

Добредојдовте во Армијата, горди сме на сите вас на сето она што ќе го постигнете во иднина, и бидете и вие горди на себе, работете со полн елан и со жар. Бидете горди на колегите покрај вас, горди на својата работа и на позивот кој што го исправте за своја професија. Ви посакуваме многу успех а и убедени сме дека од ваша страна ќе има многу резултати и многу, многу добра работа.

Ви благодарам на сите за интересот и ви посакувам успешна кариера во Армијата.

Да живее Армијата на Република Северна Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail