Обраќање на МО Шекеринска пред питомците на Воена академија

убедена сум после денешната средба после денешните настапи, дека новопромовираните питомци ќе нè направат сите нас во Министерството и во Република Македонија горди како што денеска ги направија горди своите родители и своите семејства. Голема чест и задоволство ми е што сум денеска со вас на овој голем ден за сите оние кои што се за прв пат промовирани во потпоручници, но и заедно со сите вас кои што ја започнувате својата настава, образование и идна кариера во Армијата на Република Македонија.

Имаме денеска двојна причина за радост и прослава – новите питомци од 22. класа на Воената академија положија заклетва, а нивните постари колеги кои веќе го завршија овој процес ги промовираме во потпоручници и им посакуваме добредојде во составот на АРМ.

Дозволете ми на самиот почеток да ви честитам и на едните и на другите, да честитам на вашите семејства и на вашите родители кои ве поддржаа во вашата одлука и желба да ја одберете оваа благородна, моќна и угледна професија. Влегувате во институција која со право ужива највисока доверба помеѓу граѓаните на Република Македонија и вашиот труд, енергија, голема работа и предизвици со кои се соочувавте и ќе се соочувате се само доказ и причина за тој углед. Вие сте идните армиски лидери кои ќе ја подигнат армијата на Република Македонија на уште повисоко ниво и кои ќе успеат да го држат чекорот со современите текови и стандарди во одбранбената политика.

Од денеска АРМ е побогата за 26 потпоручници кои заминуваат од Воената академија и одат на места каде што на дела ќе ги покажат знаењата и вештините кои ги стекнале токму тука, а Воената академија добива нова класа од 25 питомци на кои треба во наредните 4 години да им го предадат сето знаење и да ги подготви за новите и важни предизвици.

Сакам да го изразам и моето задоволство како министерка за одбрана што во новите произведени офицери седум се девојки. Драго ми е и што десет од новите питомци се исто така припаднички на женскиот пол. Тоа е нешто што ме прави горда, тоа е нешто што ја прави горда и АРМ, тоа е нешто што покажува дека Македонија и армијата се менуваат на подобро, меѓу другото создавајќи шанси и отворајќи врати на сите, дури и во професии кои долги години се сметале за машки.

Во нашата ва се образуваат и кадри од соседните држави – ЦГ, Косово ,БИХ. Тоа покажува дека знаењето во Ворната академија е на високо ниво и дека тоа нашите партнери од регионот добро го знаат. Црна Гора која е веќе членка на НАТО, БиХ, Косово повторно ги праќаат своите питомци и ни ги доверија на школување формирајќи го впечатокот за нашата Воена академија како респектабилна образовна институција која создава офицери според навистина високи стандарди.

Почитувани офицери, почитувани питомци, вчера се вратив од Брисел каде што исто така присуствува на еден нов почеток, како што ова денеска е нов почеток за питомците и нов почеток за новите офицери. Имав и чест и задоволство да ја претставувам Република Македонија во отворањето на една нова фаза во нашите односи со НАТО алијансата. Почеток на пристапните разговори. Тоа е почеток за кој работевме и говоревме 27 години. Почеток кој се трудевме да го достигнеме особено во последните 25 години.

Ги чекориме последните чекори од 27 годишниот маратон кон алијансата, кој не обврзаа нашите граѓани кои во сите овие години не отстапија од определбата нашата земја да биде дел од НАТО.

Оваа континуирана посветеност и определба за која што се жртвуваа и работе илјадници припадници на АРМ заслужува да биде крунисана Македонија 30 членка на НАТО. И во име на тие почетоци мора да кажам дека членството во НАТО ќе значи шанса за Македонија да гради безбедна, сигурна и економски просперитетна иднина. Но членството во НАТО ќе значи за овие нови офицери за овие нови питомци, шанса да работат да напредуваат да се дообразуваат како дел од најмоќната воено политичка алијанса во светот. И затоа како што им должиме на нашите претци така должиме и на овие млади генерации, да направиме се, да ја постигнеме оваа стратешка цел на нашата татковина.

Почитувани граѓани, почитувани питомци и офицери, придобивките на нашето членство во НАТО, први ќе ги почувствуваат токму припадниците на АРМ. Нашата стратешка цел не водеше оваа година да зголемиме буџетот за 15 %, да ги зголемиме платите на сите припадници на АРМ за 10 %, да обезбедиме исплата, редовна и законска на сите права од колективните договори, на јубилејните награди и на дневниците за дежурства. Таа обврска не водеше во нашата цел оваа година да обезбедиме чизми и униформи за секој припадник на АРМ, но и да обезбедиме услови за вистинска модернизација на нашата Армија. На денешниов чин на заклетва се обврзавте дека ќе ги браните највисоките уставни и човекови вредности. Тоа е голем завет, но и РМ мора да го исполни заветот кон својата Армија, дека за неа ќе се грижи, дека нејзиниот труд ќе го вреднува, а дека вашата професија ќе ја дигне на пиедестал. Во тоа име сакам да ви честитам за големата чест која ја добивате и однапред да ви посакам успех во тешките но благородни задачи кои ќе ги имате во целиот следен период.

Во името на Министерството за одбрана во името на сите оние кои што работат во одбраната можам да ви ветам дека ќе сториме се за да ги почувствувате предностите од вашата одлука да бидете столбот на одбраната на својата земја. Во моментов со помош на НАТО тимот за подобрување на процесот на образование во одбраната, работиме на целосна модернизација на програмата и плановите за подготовка на сите идни кадри во овој домен.

Согласно новите предизвици на модерното општество во областа на сајбер безбедноста и одбраната, во Воената академија оваа академска година ги започнавме постдипломските студии на програмата „Сајбер безбедност и дигитална форензика“. Во моментов на овие магистерски студии се школуваат 30 студенти, а во рамки на ВА размислуваме како повеќе акцент да ставиме на овие модерни предизвици, модерни ризици и нови начини како со нив да се справиме. Тоа значи дека нашата одбрана и нашата Армија држат чекор со новите одбранбени технологии, а сегашните и идни питомци и офицери ќе имаат широко поле за можности за лично и професионално надградување.

Сакам да ви го честитам овој важен ден во вашата кариера, сакам да ви честитам на сите успеси кои што ги постигнавте и сакам да ви кажам дека Армијата со отворени врати ги дочекува своите нови лидери.

Да ви е со успех, со среќа и да ги направите вашите семејства и сите нас и натаму горди.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail