ГОВОР на Н.Е. Зоран Јолевски, Министер за одбрана на Република Македонија, по повод свечената заклетва на 19-тата класа на Воената Академија и промоција на нова генерација на потпоручници, 26 октомври 2015 година, Скопје

Почитувани,

Ми претставува особена чест и задоволство да говорам на денот на положувањето на свечената заклетва на 19-класа и дипломирањето на 15-тата класа на Воената Академија. Сите ние денес овде сме горди на Вас и на Вашиот избор на воената професија.

Почитувани питомци на 19-класа,

Ви го честитам изборот на воената професија и Ви посакувам добредојде на Воената Академија “Генерал Михаило Апостолски”. Во изминатиот период поминавте низ ригорозен процес на селекција, обука и образование и докажавте дека сте најдобри меѓу најдобрите. Вие имавте силна волја, мотивација и желба да бидете избрани и да ги носите симболите и униформата на националните вооружени и безбедносни сили на Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Високото образование на секој млад претставува незаборавен период посветен на стекнување на најсовремени знаења и вештини и стекнување на нови долготрајни пријателства. На Воената Академија имате неповторлива можност да се стекнете со традиционалните и најсовремените воени знаења и вештини, да се оспособите за критичко размислување, да ја развиете Вашата креативност и храброст. Вашите високи знаења и вештини, вашите лидерски способности, креативност и храброст им се потребни на националните вооружени и безбедносни сили на Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово.

Вашите меѓусебни пријателства се влог за висока меѓусебна доверба и блиска воена соработка во Регионот.
Јас, како министер за одбрана сакам да Ви порачам интензивно да учите и да работите посветено, чесно и хумано. Сакам да ви кажам дека започнуваме интензивен процес на трансформација на ВА во Универзитет за национална безбедност и одбрана, Универзитет на кој дел од предметите ќе се слушаат на англиски јазик, Универзитет на кој ќе имате можност вие да поминете еден семестар на некој од највисоките универзитети во земјите членки на НАТО и САД. Сето тоа ќе ве направи вас поспособни војници. Во процес сме и да овозможиме од следната година да имаме питомци од другите воени академии од НАТО земјите да бидат со вас. Тоа ќе го зајакне и меѓусебното пријателство. Ние ве подготвуваме да бидете идните НАТО офицери.

Почитувани млади потпоручници на 15-тата класа,

Вашето дипломирање потврдува дека сте подготвени за прифаќање на вашите идни задачи и нови сложени предизвици во претстојната воена кариера. Вие штотуку ја поминавте првата етапа во воената професија и ние веруваме дека сте офицери кои ги краси висока стручност, обученост, храброст, цврстина, упорност, лојалност и посветеност на одбраната на својата татковина. Но тука, не престанува вашето учење и стручно усовршување. Вие треба да продолжите континуирано да учите бидејќи така се обучени најспособните офицери.

Почитувани,

Дозволете во оваа свечена прилика да им оддадеме високо признание на сите професори, асистенти, инструктори, командири и целиот персонал на Воената Академија за нивното посветено работење и постигнувања во наставата. Тие се клучниот фактор за развој на Воената Академија. Најдобрата инвестиција за секој млад човек е инвестицијата во образованието. Овие вештини стекнати тука, а за 19. класа оние кои ќе ги добијат, ќе ве пратат целиот ваш живот. Затоа вашите професори, асистенти и командири посветуваат мошне големо значење на вашата обука.

Почитувани родители,

Вие особено може да бидете горди на своите синови и ќерки во овој строј пред нас. Со вашето воспитување изградивте синови и ќерки кои не се само ваши туку и на татковината.

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail