Обраќање на министерката Шекеринска по повод промоцијата на 65 нови подофицери во Армијата – Касарна Илинден 05.02.2021 година

Почитувани нови подофицери,

Честитам.
Денеска ја промовираме првата генерација на подофицери по долги и неоправдани 11 години пауза.
Ги промовираме првите 65 подофицери од вкупно 120 кои ќе ја следат и веќе ја следеа обуката. Овие 65 припадници кои веќе го завршија курсот за подофицери кој во изминатиов период се реализираше во Центарот за обука во Пепелиште се првата фаза во решавањето на голем, крупен и долготраен проблем во Армијата. Вака, чекор по чекор, во соработка со Генералштабот, со командата, успеваме да ги поправаме дупките во стручното едуцирање и оспособување на припадниците во Армијата и покажуваме навистина дека нешто што неоправдано било проблем, полека но сигурно успеваме да го решаваме.

Дозволете ми да кажам дека денеска ми доаѓаше наместо говор, да пуштам еден знак на воздивнување, заради тоа што долги месеци работевме за денеска пред нас да стојат 65 нови подофицери.
И тоа е пред се ваш личен успех, но тоа е успех и на сите ваши старешини и сите оние кои неуморно работеа за да бидете тука каде што сте денес.

Кога бев избрана за министер за одбрана искрена да бидам не можев да разберам како е возможно се уште да имаме 500 непополнети места за подофицери во нашата формација. Со тек на време сфатив дека навистина не бил лесен залак, меѓутоа ако до вчера имавме минус од 450 подофицери, со вашата група и со втората група која продолжува веднаш по вас ние успеваме практично во овие три месеци да го решиме проблемот со 120 припадници, 120 подофицерски места кои што веќе ќе бидат пополнети. И, сакам денеска на оваа церемонија да кажам дека и лично како министер ќе се заложам секоја година да ја повторуваме оваа бројка. И, веќе по три години да можеме да кажеме дека целосно сме го обновиле подофицерскиот кадар во Армијата. И, на тој начин да кажеме дека составот одговара на нашите потреби.
Сакам да им честитам и на кандидатите кои што доаѓаат веднаш после вас на курсот да им кажам дека според вашите сведочења, нема да биде воопшто лесно и така и треба да биде. И само оние коишто заслужуваат треба да ги пополнат овие важни места во Армијата.
Честитки и до Генералштабот кој што покажа дека и покрај состојбата со корона вирусот, ние нашите планови ги исполнуваме и мислам дека и Министерството за одбрана и Армијата покажаа дека се една од ретките институции која дури ни за еден момент не запре со своите активности и покрај тоа што контекстот беше многу поразличен и покрај тоа што приликите беа многу потешки и покрај тоа што имавме по неколку приоритети.

Бидете горди на тоа што во такви тешки моменти успеавте да направите еден чекор и во вашата кариера меѓутоа и во новата организација и формација на Армијата.

Затоа ќе ве повикам да бидете и вие олицетворение токму на тие армиски вредности на овие вредности. Вие сте столбот на Армијата и Вашата служба ќе остави силен печат врз професионалниот развој.

Вие го чувате моралот на војниците вие го градите, вие го зацврстувате. Професионалноста и принципиелноста мора да бидат дел од вашата работа, бидејки вие мора да бидете учители на своите војници.

Да бидете компетентни тренери и лидери.

Ви посакувам да бидете чувари на редот и дисциплината во единиците што не е секогаш најпопуларно и најлесно, но најмногу од се, бидете личен пример за секој од вашите војници.

Навистина сметам дека со вашиот чин на промоција после толку години создаваме една нова генерација на армиски припадници и подофицери. Но исто така со вашето производство во подофицерски чин додаваме уште еден аргумент, зошто војниците не треба да помислуваат на бројката 45 со страв или со неизвесност. Затоа што покажавме дека оваа Армија и оваа земја се грижи за своите припадници. Еден од нив продолжува да работи како вас во Армијата се до пензионирање. Не само да работи, туку и да ја гради Армијата. Еден дел ќе продолжат да работат во Армијата како цивилни лица, ги задржуваме бидејки знаат и можат да помагаат и понатаму. Еден дел заминува во други државни органи, еден дел се надевам со усвојувањето на измените на Законот за служба, со сериозна испратнина ќе замине во приватниот сектор. И она што долги години беше причина за страв, нема веќе да биде. Она што долги години беше повод за неизвесност, да престане да биде. На тој начин сакам да ги јакнеме нашите вооружени сили заради тоа што сметаме на вас и за нашата безбедност промоција на Република Северна Македонија, како членка на НАТО, и како земја членка со обучени, дисциплинирани, вредни и посветени војници.

Сакам да се заблагодарам и до групата инструктори од Командата за обука и доктрини, Баталјонот на специјални сили и Извидувачко – разузнавачкиот баталјон кои работеа со вас изминатите недели и кои ви помогнаа да бидете вистински и квалитетни подофицери.

Почитувани присутни,
Следниот месец ќе одбележиме една година од нашето членство во НАТО. Тоа беше тешка година во која паралелно работевме на воена интеграција со најмоќната воено политичка алијанса, меѓутоа и војувавме со еден непријател кој можеби беше невидлив, но нашите напори и проблеми ги чувствуваме секој ден на кожата.
Можеби не ни беше добар тајмингот, но после 30 години влеговме во процес на вистинско менување и подобрување на армиските состојби заради нашето членство во НАТО.
2021 година ќе биде година која ќе ја завршиме воената интеграција и година во која главниот фокус ни е модернизација на армиските сили. Затоа сакам да ви порачам дека ќе ве чека многу работа и оваа модернизација нема да ја правиме заради НАТО иако е дел од нашиот процес, туку заради самите нас.
Не ги купуваме униформите, ни чизмите, ни беретките, ни алпинистичката опрема, ни гортекс оделата, ни заштитните средства, ни оклопните возила, ни новото вооружување заради НАТО, туку заради вас и заради вашата безбедност.
Буџетот за одбраната не го зголемуваме секоја година заради НАТО, туку заради нашата татковина и нејзината сигурност.
Го зголемуваме буџетот, модернизираме, развиваме, зголемуваме плати и додатоци, со една единствена цел: да воведеме нови подобри, повисоки, НАТО стандарди, но во македонската Армија. И затоа вложувањето и во вас, го гледаме како вложување во основите на нашата државност.
Стандардите на НАТО подразбираат и многу поширока димензија и некогаш можат да бидат и тешко за имплементација. Тоа го вашата обука можеби и го забележавте.

За нас како земја излезена и од друг систем, земја со релативно млада демократија, влезот во таквата заедница е навистина квантен скок, не само на ниво на стандарди, на одбранбени капацитети, на одбранбени доктрини, туку и на политичко и стратегиско ниво. И сега кога ги правиме првите чекори во НАТО можеби за прв пат кажуваме финално збогум на еден поранешен систем. И тоа не е секогаш лесно, но е секогаш важно.
Затоа, дефинитивно овие процеси кои бараат поголем напор од сите нас меѓутоа ќе бараат пред се од вас напор не треба да не плашат, туку треба да не радуваат зошто заедно ќе раснеме. Тоа се процеси низ кои се гради цврстината и отпорноста на Армијата, но и цврстината и отпорнста на државата

Почитувани војници, подофицери, старешини.

Многу пат изодевме до тука. Да продолжиме и да продолжите со уште поголем елан, пожртвуваност и енергија.
Сега веќе знаеме и кои сме и каде одиме и што сакаме да постигнеме.
Денешното промовирање на прв подофицерскиот кор после толку многу години нека покаже дека ова е само вовед во една уште поуспешна година.
Сакам да ви посакам добредојде на позициите. Да ви кажам дека ве очекува повеќе работа и повеќе труд и повисоки очекувања.
Со среќа, со успех и со нови подобри да ги прослевуваме годините што доаѓаат.
Да ви е со среќа.

Благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail