Обраќање на министерот Јолевски на отворањето на изложбата „Американскиот Црвен крст во Македонија за време на Првата светска војна“ во Воениот музеј 24.02.2016

Министерството за одбрана на Република Македонија особено внимание му посветува на минатото на нашата земја и на односите кои низ годините зад нас ги градиме со нашите партнери и пријатели. Стратешкото партнерство и искреното пријателство на Република Македонија со Соединетите Американски Држави  не од понов датум, туку има многу настани кои се сведоци за истото. За таа цел Воениот музеј во декември 2014 година ја реализира првата музејска изложба на оваа тема со наслов „Македонско-американски односи низ историјата“. Денеска 14 месеци подоцна ја отвораме втората изложба.

Извонредните односи, споделување на успеси и радости, но и моменти на тага и беспаќа во едно трагично време какво што беше Првата светска војна повторно нѐ собраа денес во просториите на Воениот музеј. Првата светска војна беше дотогаш невидена хуманитарна катастрофа на човештвото во која настрадаа повеќе од 30 милиони луѓе од целиот свет. Меѓу нив беа ранети, исчезнати и убиени илјадници жители на Македонија и на Соединетите Американски Држави. Ужасот и страдањето кои Првата светска војна ги донела во Македонија не разликувале националност, пол, етникум или вера.

Во овој момент сакам да го истакнам и да оддадам благодарност на хуманитарните тимови кои што дојдоа од целиот свет како лекарите и хуманитарците од САД. Среќата и тагата кои претставниците на Американскиот Црвен Крст ги споделувале со жителите на Македонија во Првата светска војна ги презентираме пред македонската јавност низ објективот на Мерл Ла Вој, основоположникот на американската фотографија и филм од почетокот на 20-от век.

Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на сите кои што даваат поддршка на луѓето чија таа поддршка е потребна. Имав особена чест да поминам одреден број на години од мојот живот во САД. Општество во кое што луѓето сакаат да помагаат и да даваат на други. Ми беше особено драго и ми помогна да го разберам тој начин и таа филозофија на живеење на американските граѓани. Како и книгата на поранешниот претседател Бил Клинтон “Giving” – Давање, американското општество колку е познато по тоа што е конкурентно кое што сака да заработи исто толку е општество кое сака да дава. Се сеќавам на тоа како сакавме да донесеме врвни експерти и доктори да нѝ помогнат во развојот на нашата медицина. Ако требаше да ги плаќаме тие доктори немаше да имаме доволно средства во буџетот. Меѓутоа многу голем дел од нив дојдоа да ѝ помогнат на Македонија доброволно како дел од таа нивна филозофија на живеење каде што давање и помагање на другите е сосема нормално. Овде ги имаме претставниците на македонскиот црвен крст и црвениот крст во целина. Тоа е една институција која што им помага на луѓето секаде во светот каде што е потребна помош.

Дел од изложбата се и сведоштва за долгогодишно партнерство и соработка на Црвениот крст на Република Македонија и Американскиот црвен крст. Сите се сеќаваме, посебно мојата генерација,  поддршката која американскиот народ ја даде градот Скопје во 1963 година, меѓутоа и во поновата историја. Сакам да истакнам дека претставниците на Армијата на Република Македонија и претставниците на Министерството за одбрана години наназад учествуваат во крводарителни акции што Црвениот крст на Република Македонија ги организира во Амбасадата на САД по повод трагичните настани кои се случија во САД на 11 септември 2001 година.

Министерството за одбрана на Република Македонија е силно посветено на чување и градење на вредностите на мирот и хуманоста дома во нашата татковина, но и надвор од границите на нашата земја каде е силно изразена заемната соработка на Армијата на Република Македонија и Армијата на САД.

Последнава година сведоци сме на уште една голема хуманитарна криза, мигрантската криза. Во справувањето со предизвиците кои се резултат на мигрантската криза Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија ја имаат предвид хуманоста и посветеноста на доброто на луѓето. Тие вредности секогаш ќе бидат водилка во нашето дејствување со што најдобро ќе влијаеме и врз одбраната и безбедноста на граѓаните на Република Македонија.

Ја користам оваа прилика да изразам посебна благодарност до Националниот музеј на здравството и медицина од Вашингтон кој преку проф. Џудит Рејсон ги подари фотографиите од Мерл Ла Вој и благодарност до Црвениот крст на Република Македонија, до генералниот секретар д-р Саит Саити и вработените во Црвениот крст на Република Македонија за отстапените материјали и поддршката за реализација на оваа изложба.

Исто така, ја користам  оваа прилика да се заблагодарам на д-р Александар Стојчев, директор на Воениот музеј, академскиот сликар Димче Исаиловски, уметнички директор и на вработените во Воениот музеј за нивниот ангажман за оваа поставка.

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail