Обраќање на МО Шекеринска по повод 18. Август – Денот на Армијата

Ми причинува неизмерно задоволство што стојам денес овде пред вас.
Пред Армија на земја членка на НАТО.
Армија која даде огромен придонес во исполнувањето на таа цел.
Армија која сите нас не направи горди.
И Армија која го прави горд својот народ и ја ужива неговата најголема доверба.

Долг пат поминавме и од местото каде што почнавме пред три години, но и само во последната година. Што би се рекло цел живот за една година. Го поместивме ѕидот кој долги години ни стоеше на влезот во НАТО. Триесет години надеж и исчекување ги претворивме во резултат. Станавме 30. членка на Алијансата и дел од најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата. Се опкруживме со сојузници кои што ги споделуваат нашите вредности, нашите надежи и нашите аспирации.

Нашето знаме гордо беше подигнато и се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, пред Сојузничката команда за операции во Монс, пред Сојузничката команда во Норфолк, како и во сите останати команди на Алијансата.

Но најважното од се е заедно со подигањето на нашето знаме се подигна и нашата гордост, и главите на сите наши граѓани. За првпат во историјата на нашата  татковина успеавме да забележиме успех кој ја помести нашата држава напред и ги отвори перспективите. Од зборови и надежи направивме резултати.

Тоа не беше ниту едноставно, ниту лесно. Како човек и граѓанин ме порази она што го видов и во Министерството за одбрана и во многу други важни ресори за НАТО алијансата, за прв пат кога бев избрана. Буџет под секое ниво, дотраена опрема, немотивирачка атмосфера, ниските и немотивирачки плати. Одземени дневници, нерамноправен третман, лоши услови за пензионирање. Ме порази и тоа што наидов на многу „генерали после битка“, дури и кај оние кои немаат чинови на своите еполети.

Се сеќавам дека се сретнав со еден висок воен старешина во 2017 година ми рече: „Госпоѓо министер, толку се можностите на нашата држава и како министер немојте да очекувате ништо повеќе, толку државата може да издвојува за нас“. Не го прифатив и денеска со мене се многу луѓе кои што не го прифатија тоа како статус-кво на кое трееба да бидеме осудени. . Како министерка моја должност беше да ги променам состојбите со кои и лично, и професионално, и политички не се согласував. Пред себе видов неколку скали кои требаше да ги искачиме пред да ја отклучиме вратата на НАТО. И почнавме скала по скала.

Првото  скалило беше зголемениот Буџет на Армијата за повеќе од двапати. Второто скалило беше Стратешкиот одбранбен преглед,  Третото скалило беа платите во Армијата кои во некои делови се дури и двојно зголемени, четврото скалило беше новата лична опрема, петтото беа новите инженериски машини, следното скалило беше договорот што го потпишавме со САД за набавка на нови оклопни возила, потоа реновирањето на касарните, само во моментот пет објекти се реновираат, осмото скалило – донесување на нов Закон за Одбрана и Закон за служба во Армијата, кој нема да ги дискриминираат, туку ќе ги поддржат припадниците на Армијата, деветото скалило беше формирањето на Лесната пешадиска борбена група која ја деклариравме како единица за НАТО.

Качувајки ги тие скалила успеавме да се искачиме до нашата цел членство во НАТО.

Ви порачувам да бидете горди сите припадници на Армијата и поранешни и сегашни, затоа што во пишувањето на влезницата за НАТО, вие имавте клучна огромна улога. Дозволете ми да ви се заблагодарам за тоа на сите вас денес присутни, на сите припадници но и на поранешните припадници на нашата Армија.

Почитувани присутни,

Нашите интереси се нашите вредности. Тие ни се заеднички: демократија, индивидуални слободи, владеење на право.

Членството  во НАТО не исправа пред нова одговорност, не само во земјава  туку и пред светот.  Одговорност да бидеме таму каде што треба, рамо до рамо со нашите сојузници. Да ги исполнуваме целите на НАТО за мир, демократија и соработка. Да помагаме на послабите, да учиме од помоќните и поразвиените. По учеството во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан која веќе се намалува по обем и по бројност, се враќаме во регионот и се подготвуваме нашиот придонес да го насочиме кон регионалната безбедност и стабилност, преку учество во мисијата КФОР на Косово. Нашата должност ја покажуваме и кон втората цел членството во ЕУ, со нашата прва иницијатива за учество во втора ЕУ мисија, мисијата во Централно Афиканската Република, продолжуваме да бидеме присутни и во Босна и Херцеговина и во Либан.

За десетина дена го почнуваме мандатот на земја домаќин на Бригадата на Југоисточна Европа, една од највидливите регионални иницијативи. Следните шест години Куманово ќе биде центарот на СЕЕБРИГ. Триесетина офицери од земјите членки на SEEBRIG заедно со нивните семејства ќе престојуваат во нашата земја, при што директно ќе можеме да разменуваме знаења и искуства. Ова е нова шанса што треба да ја искористиме за да му покажеме на регионот дека сме партнер на кој може да се даде доверба и со која може одблиску да се соработува на полето на одбраната.

Ковид кризата покажа зошто ни се потребни пријатели на меѓународната сцена, зошто е важно членството во НАТО, зошто се потребни вложувања и понатаму во нашата Армија.

Софтверот за одговор на катастрофи што ни го обезбеди Алијансата ни овозможи подобро да ги распоредиме своите сили во битката со пандемијата.

Нашите  сојузници членски на НАТО, први ни притекнаа на помош.

Имавме теренска болница која што ја поставивме за нецели два дена, и заради тоа што ја имавме сојузничката поддршка, но и заради тоа што имавме инженериски машини кои можеа тоа како проект да го помогнат.

Често ја цитираме тезата: „Ако сакаш да стигнеш некаде бргу – оди сам, но ако сакаш да стигнеш далеку, тргни во друштво, тргни и чекори заедно“.

Ние избравме пред речиси 30 години да чекориме заедно и ние веќе не чекориме сами.

Затоа стигнавме далеку. Затоа стигнавме до целта. После 30 години. Стигнавме до целта и затоа што со пријатели се е полесно и поефикасно. Затоа денеска му честитам и на Претседателот за Орденот за воени заслуги кој што ќе го додели на Канцеларијата за соработка во одбраната, на Соединетите Американски држави.  Цели 26 години трае соработката со САД на планот на одбраната. Едукација, обука, опремување,  развивање на способностите, подобрување на операбилноста со американските, а преку нив и со НАТО трупите. Партнерство, вежби и заеднички активности. Поминавме долг пат и навистина ми е задоволство што можам да ја изразам и мојата лична благодарност за сето тоа.

Но, ковид кризата покажа и колкава е блискоста меѓу нашите војници, нашата Армија и граѓаните.  Бевме секаде каде што имаше потреба од Армијата. Во загрозените подрачја, пред карантините, вршевме транспорт, го чувавме редот, ја чувавме границата, и помагавме на полицијата, дојдовме во поткрепа и на здравствените работници.

И затоа добивме награда за оваа посветеност кон својот народ. Истражувањата на јавно мислење покажаа дека Армијата ужива најголема доверба кај граѓаните. Истражувањата покажаа и дека Министерството за одбрана три години по ред расте во поглед на транспарентноста во работењето, за да последните анкети покажат дека најпосле Министерството за одбрана, обично министерство кои не се во други земји квалификува како најтранспарентно, успеа да стане најтранспарентната институција во цела држава. Да си честитаме за овие достигнувања и да кажеме дека тие се резултат на многу искрени и многуи чесни напори на илјадници луѓе. И затоа ми е задоволство што денеска и од мое име ќе можам да им честитам и на 3от пешадиски баталјон од првата пешадиска бригада од Командата за операции, но и на Баталјонот за воено-медицинска поддршка. Беа тука кога беше најпотребно и се уште се тука и се уште на нив сметаме.

Да бидеш министер за одбрана понекогаш е Сизифовска работа. Во моментот кога ќе решиш 10 проблеми, на маса пристигаат 110.

Се утешив сега и го чув началникот на Генералштабот, цитираше мудри зборови на нашиот пријател и поранешен важен чинител во американската одбрана Колин Пауел, јас ќе ви ги кажам зборовите кои ги има одамна кажано и кои ме утешија кога видов дека после 10 решени проблеми, 110 се на масата. „Лидерството е решавање проблеми. Дента кога војниците ќе престанат да ви доаѓаат на врата со нови проблеми е денот кога сте престанале да ги водите. Тие или ја изгубиле довербата дека можете да им помогнете или заклучиле дека не ви е гајле. Што и да е, веќе не сте нивен лидер.“

Вашата задача на припадниците на Армијата е служба. Служба  во Армијата, служба на татковината. И служите со знаење, сила, борбеност, искуство, храброст. И служите со оружје и во униформа.

На татковината и треба таквата служба. Живее со неа и од неа. Но, не само од вашата. Не само од службата на оние кои имаат оружје и униформа.

Мора да го вратиме или создадеме тоа чувство дека службата е наша должност: на Армијата која не чува, на докторите кои не лечат, на наставниците кои не учат, на пратениците кои не претставуваат и на нас кои носиме одлуки за тоа што го правиме.

Мојата задача овие 3 години така ја гледав. Не беше таа сума на одделни цели: да покачиме плати, да зголемиме буџет, да обезбедиме униформа и чизми, да зголемиме транспареност. Тоа беа чекори кон иста цел: да покажеме дека нашата татковина има капацитет за да биде подобра, а дека ние сме тука за да служиме. И поради тие чекори и таа сума и таа служба да станеме членка на НАТО.

Некои рекоа дека сме го направивте невозможното. Јас мислам дека го сработивме тоа што одамна требаше да се сработи. Ова се оние ретки моменти  кога да се биде на ова место, со оваа одговорност – навистина е привилегија!

Сакам да се заблагодарам на сите вас за поддршката, сакам да се заблагодарам на сите граѓаните кои мене ми ја дадоа шансата да учествувам и докрај да истерам два клучни процеси за нашата татковина: Европскиот кандидатскиот статус, но сега пред се членството во НАТО.

Резимето на досегашните наши залагања ќе го најдеме некогаш на најнеочекуваните места.

Јас не го најдов во зборовите на големи политичари, го најдов во зборовите на еден многу познат спортист: Победите доаѓаат со одредена цена. Лидерството доаѓа со одредена цена. Притискав и кога многу луѓе не сакаа да бидат под притисок. Ги предизвикував да бидат подобри и кога не беа многу расположени за тоа. Но сите признаваа: јас никогаш не го барав тоа што не бев подготвена самата да го дадам. 100% посветеност. 100% напор и затоа добивме 100% резултат.

Сакам на сите вас овде присутни, но и оние кои заради Ковид не можеа да бидат со нас, да ви се заблагодарам за досегашната работа и да кажам дека нашите амбиции, нашата работа, нашите цели да бидеме подобри и да и служиме на татковината, не запираат денес.

Да ни е честит Денот на Армијата и да покажеме дека нашето членство во НАТО го заработивме тешко и ќе го сработуваме секој нареден ден.

Ви благодарам.

 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail