ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА, ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ, ПО ПОВОД ПОТПИШУВАЊЕТО НА ДОГОВОРИТЕ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ПОРАНЕШНИТЕ ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ

Почитувани,

Ми претставува особена чест што денеска тука ќе ги потпишуваме договорите за вашиот повторен ангажман во државните институции на Република Македонија. Како што знаете Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана инвестираат многу во вашата обука во здобивање на вештини кои што се значајни за вас како професионални војници меѓутоа и вештини кои што понатаму и другите државни институции и приватниот сектор може да ги искористат. Вашите вештини стекнати за време на вашето служење во АРМ како професионални војници се извонредно квалитетни. Обуката што ја добивате во армијата е извонредно значајна така да со еден ваков законски акт на Владата на Република Македонија ќе се овозможи вашите знаења и вештини да бидат искористени и од другите државни институции, а се надевам и во иднина и приватниот сектор ќе биде позаинтересиран.

Јас во повеќе случаи сум го истакнал примерот кога како амбасадор посетив една компанија и нејзините производствените погони. Еден од тие погони беше најдобро организиран. На прашањето, дали имате некое поранешно воено лице што го води овој погон, добив потврден одговор. Беше кажано дека тоа е најдобро организиран погон.

Вашите вештини се многу значајни не само за нас како Армија на Република Македонија, туку и за другите институции. Заради типот на професијата, вашиот ангажман во Армијата на Република Македонија поради законските прописи завршува на 45 години, и со последното законско решение, ние како Министерство за одбрана и другите институции овозможуваме ваше вработување во некои од другите институции кои имаат потреба од вас.

Би сакал да изразам благодарност до другите институции кои изразија желба вас да ве примат. Сакам да истакнам дека сум горд што повеќе институции имаат желба и барање да примат што повеќе од вас. Тоа е добар знак и за нас како Армија на Република Македонија и за вас, за вештините што ги добивте во одбраната, меѓутоа и показател дека другите државни институции ги ценат вештините што вие ги имате.

Денеска ќе потпишеме договори сои 112 поранешни припадници во Армијата, дел од вас ќе останат во Министерството за одбрана, меѓутоа изразија желба и барање повеќе други институции како Министерството за здравство, Управата за извршување на санкции и Судската полиција, така дел од вас ќе прејдат и во овие институции.

Со ова трајно се решава вашето прашање за вработување и покажуваме дека ние како Министерство и Влада се грижиме за вашиот квалитетен живот и по завршувањето на службата во Армијата на Република Македонија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail