Обраќање на министерката Шекеринска на отворањето на стрелиште за потребите на елитните единици на Армијата и МВР

Почитувани припадници на Армијата и на МВР,

почитуван колега Оливер Спасовски, почитуван НГШ Ѓурчиновски, почитувани претставници на двете институции

Навистина ми претставува големо задоволство што дури и во вакви временски услови се собираме да прославиме и да одбележиме една добра вeст.

Денеска на едно место се двата клучни столба на безбедноста на Република Северна Македонија – Армијата и Полицијата. Задоволство ми е што причина за оваа средба е промоција на еден заеднички проект кој долго време е најавуван, долго време е дефиниран како потреба на двете институции, ама после многу години успеваме да го завршиме. Тој ќе биде во функција на зајакнување на вкупните безбедносни капацитети и ќе ги прошири можностите за обука и вежбање на специјалните сили од двете институции.

За таа цел заедно со МВР го направивме ова модерно стрелиште за гаѓање кое што е лоцирано токму во касарната Илинден каде што се лоцирани претставници на двете институции и на ова место стрелиштето ќе го користат претставници на три елитни единици на Армијата на Република Северна Македонија и тоа специјалните сили, извидувачко разузнавачкиот баталјон и Баталјонот на воената полиција.

Со ова ќе ги зголемиме шансите за обука таму каде што ни се сместени единиците, ќе ги намалиме трошоците за вежби во гаѓање кои досега се извршуваа на локации кои се оддалечени од местото каде што се сместени војниците и ќе обезбедиме буквално намалување и на трошоците во смисла на пари и во смисла на време за транспорт.

Но, она што е важно за нас како членка на НАТО алијансата е дека ова стрелиште ќе додаде дополнителна вредност во нашата лична карта во НАТО бидејќи ќе биде и наш државен капацитет кој ќе се користи во вежбите кои ќе ги спроведуваме заедно со членките на НАТО или со некои од партнерите.

Особено ми е драго што еве сега во услови на прогласена кризна состојба каде што главниот товар падна на товар на здравствените власти, но и на полицијата и на Армијата во нејзина поддршка покажуваме дека знаеме како треба да соработуваат институции кои што се задолжени за најважните работи во државата.

Безбедноста е сложен систем, секој има свое место и улога и соработката помеѓу двете главни институции во делот на безбедноста е важен услов за да граѓаните добијат и безбедност, но и доверба во својата држава.

Мали држави како нашата мора да бидат многу рационални. Мора да знаат како со најмалку средства да обезбедат најголеми шанси за институциите, па и за својата безбедност и ние во овој проект покажавме што значи кога две институции соработуваат на ваков начин. Тука беа искористени и финансиските средства, но пред сè знаењето, професионалноста и силата на луѓето кои што работат во полицијата и во Армијата.

Затоа повикувам на ваков начин како што спроведовме неколку проекти заеднички со МВР да соработуваме во државата и да не дозволиме секоја институција да работи само за себе и да ги дуплира трошоците за државата.

Почитувани граѓани, почитувани колеги.

Од утре влегуваме во последната седмица од 2020 година, година што сакаме да ја заборавиме по многу нешта. Постарите велат доброто и лошото одат заедно и за 2020 тоа навистина беше така. Резимирајќи ја оваа црна 2020, во знакот на пандемијата на КОВИД сепак мораме да кажеме дека во најтешката година како држава го обезбедивме најголемиот државен успех. И во оваа 2020 која светот ќе ја памети како година потрошена, изгубена поради корона кризата, за нас ќе биде и година во која што после 30 години маратон успеавме да станеме 30-та членка на најмоќната воено-политичка алијанса.

Затоа, да ја паметиме 2020 и како година во која сите заедно успеавме да го забележиме својот заеднички најголем успех. За нас како водечки безбедносни институции, НАТО  е придобивка сама по себе  и тоа не треба ниту да се објаснува, ниту да се говори. Можност за збогатување на знаењата и продлабочување на искуствата. да се тренира и учи под знамето на НАТО значи да се биде дел од интегриран и високо – обучен систем на чија поддршка може да се смета во секое време и во секоја ситуација.

Затоа за сите нас, 2020 не е само година на корона кризата, туку и година навистина на нов почеток. Посакувам 2021 година на сите да биде година на многу нови добри почетоци, година во која Армијата и полицијата ќе соработуваат повеќе на проекти како овој, а помалку на справување со кризни состојби и ако можам да кажам посакувам многу повеќе испукани куршуми за вежби, а многу помалку испукани вистински куршуми.

Сакам да ја изразам својата благодарност на сите они кои што учествуваа и работеа на овој проект, затоа сме денеска тука во нивна чест и во нивно име и да изразам голема благодарност до МВР за добрата соработка.

Ви посакувам безбедно и успешно користење на новото стрелиште, а дозволете и нас сите вас овде присутни да ви посакам поубава 2021 година, пред се со многу здравје, но и со повеќе успех.

Ви благодарам и со среќа.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail