ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРКАТА ШЕКЕРИНСКА НА ЦЕРЕМОНИЈАТА НА ОТВОРАЊЕ НА КОМАНДАТА НА СЕЕБРИГ – КУМАНОВО, СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 26.08.2020

Ценети гости,
Почитувани припадници на семејството на СЕЕБРИГ,

Добредојдовте во Куманово, добредојдовте во Северна Македонија. Навистина ми причинува огромно задоволство да ви се обратам денес овде по повод отворањето на новата локација на Командата на Бригадата на Југоисточна Европа.
Задоволството е уште поголемо од две причини: првата е што Северна Македонија, која е всушност местото на раѓање на СЕЕБРИГ, ја пречекува дома оваа важна регионална иницијатива, а втората е што ова се случува токму во годината кога Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО.
Ова е голем успех за нас. Но, тоа носи и одговорност за Северна Македонија и покажува дека ние можеме да го зајакнеме нашето влијание и да станеме важен фактор во регионалната безбедност и соработка. Тоа планираме да го оствариме не само преку присуството на СЕЕБРИГ овде, туку и со зголемување на нашето учество во операциите на НАТО, и особено со зголемување на нашето учество во регионот. Го искористивме НАТО за решавање на некои од нашите проблеми и затоа верувам дека е важно да продолжиме да придонесуваме во регионалната стабилност.
Ова е повод што ни ги загрева срцата во година на измешани чувства за нашата земја. 2020 година на глобално ниво, за жал, ќе биде запаметена по пандемијата која ни ги промени и продолжува да ги менува нашите животи. Сите се соочивме со очај и болка и на моменти сите се чувствувавме немоќни во борбата против корона вирусот.
Сепак, да се изразам со вашата воена терминологија, не се предадовме. Продолживме да се бориме кога беше најтешко, ќе продолжиме и понатаму напред, сè додека не излеземе од оваа борба како победници.
И, ќе победиме во оваа битка, затоа што сме заедно. Работиме како едно, живееме како едно.
2020 година ќе биде запишана во нашите учебници по историја како клучна година за нашите стратешки целии. Година што за нас го означи крајот на долгиот пат кон НАТО. Пат по кој чекоревме речиси три децении. Северна Македонија стана полноправна членка на Алијансата, преземајќи ги сите права и одговорности за мирот и просперитетот на евро-атлантската област заедно со другите 29 сојузници.
Но, Бригадата на Југоисточна Европа беше сојузот каде ги учевме првите чекори на мултинационална соработка. Беше средина во која се јакнеше тимскиот дух и професионализмот во одбраната.
Низ годините што следуваа, СЕЕБРИГ прерасна во упориште на мирот и стабилноста во нашиот регион и симбол на обединетост. Тим во кој сите научија како се кажува „здраво“ и „како си“ и „благодарам“на македонски, грчки, албански, турски, бугарски и романски јазик.
Сите вие и вашите претходници кои работеа во Бригадата, исто така, придонесовте за овој успех и јас сакам да ви се заблагодарам на сите вам за одличната работа што ја вршите во служба на вашите земји, но и за регионот. Нашите војници добија прилика да научат клучни вештини работејќи во мултинационална средина од 1999 година и да добијат пристап до меѓународни операции, како операцијата во Авганистан од 2002 со учеството во мисиите и операциите во Авганистан од 2002 година. Ова е јасен и неспорен израз на доверба кај сите земји членки на СЕЕБРИГ.

Драги гости,

Низ годините секогаш сме биле посветени на нашиот придонес во Бригадата.
Трансферот на Командата на Бригадата во Куманово дополнително ја зајакнува нашата цврста посветеност кон СЕЕБРИГ и СЕДМ и јасно покажува дека навистина веруваме дека отворената и чесна соработка е единствениот пат напред.
Сакам да се заблагодарам на командантот на Бригадата, бригадниот генерал Петраке, кој денес ја пренесува оваа голема одговорност на бригадниот генерал Аристедеис Илиопулос, за целата своја работа и посветеност. Ние се сретнавме неколку пати овде и јас лично се уверив во енергијата и оптимизмот со кои тој работеше во СЕЕБРИГ и Ви благодарам за тоа. Вие го водевте, команданте, овој брод, и во невреме и во мирно море, и вие не создадовте само „група на колеги“, туку семејство. Во името на нашите припадници на Бригадата, но и во името на сите присутни, Ви благодариме и Ви посакуваме многу успех во вашите идни ангажмани.
Генерал Илиопулос, добредојдовте! Убедена сум дека ќе бидете најсрдечно пречекан во оваа касарна, во Куманово и во Северна Македонија. Бидете уверен дека имате голем партнер и поддржувач во мене и во нашето Министерство, но и во сите институции во Северна Македониија.
Би сакала да се заблагодарам на сите други команданти од формирањето на Бригадата, вклучувајќи го и нашиот бригаден генерал кој командуваше со СЕЕБРИГ од 2011 до 2013 година.
Иако некои од нив веќе не се со нас, нивното наследство ќе продолжи да живее преку вас и вашиот ангажман.
На вакви настани, ние цивилите обично ги цитираме воените лидери, тоа создава дополнително чувство на посветеност на нашата војска, но овој пат ќе направам нешто поразлично, ќе цитирам жена, познат научник која не зборуваше за безбедносни закани, но имаше одличен цитат што е многу актуелен деновиве. Таа е Марија Кири која рече дека не треба да се плашиме од ништо во животот, само треба да го разбереме. Сега е време да разбереме повеќе, за да се плашиме помалку.
Нејзиниот коментар е целосно во контекст на науката, но јас всушност мислам дека оваа мудрост е многу корисна и во нашата област на работа. Верувам дека СЕБРИГ е создадена со цел сите да се разбереме уште повеќе за да не се плашиме едни од други. Тоа беше стариот дух на овој регион, но во текот на повеќе од 21 година, сметам дека навистина надминавме некои од овие пречки.

Драги гости,

СЕЕБРИГ опстои цврсто во тешките времиња во изминативе 21 година, и опстои цврсто како мост на разбирање и соработка меѓу шест земји –Северна Македонија, Албанија, Бугарија, Грција, Романија и Турција, дури и во тешки времиња. Тоа ја прави неговата големина. Тоа ја издигнува неговата улога во регионалната соработка. Сега кога светот и нашиот регион се соочуваат со еднакво тешки и застрашувачки предизвици, мораме уште еднаш да ја повториме оваа лекција. Мораме подобро да се разбереме меѓу себе, за да можеме подобро да се подготвиме за справување со новите предизвици. Треба да го искористиме ова време во Куманово, но и генерално како соседи да инвестираме во подобро разбирање и соработка во новите безбедносни предизвици и јас се надевам и посакувам СЕЕБРИГ да помогне секоја армија во регионот да ја постигне оваа цел – редефинирање на безбедносните предизвици и зголемување на флексибилноста на армиите и одбранбените способности за подобро да се адаптираат на времињата кои се менуваат.

Трансферот на Командата на СЕЕБРИГ од Лариса во Куманово е исто така еден многу важен момент за сите нас. Повеќето од нас не беа во можност да присуствуваат на историскиот настан на кревање на нашето знаме пред седиштето на НАТО. Се обидов да го доживеам истиот впечаток кога го гледав нашето знаме како се вее заедно со знамињата на другите шест земји и на Командата на СЕЕБРИГ.

Имајќи предвид дека СЕЕБРИГ беше формирана овде во Северна Македонија, нема да биде далеку од вистината ако кажам – СЕЕБРИГ, добредојде дома.

Ви благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail