Обраќање на Министерката за одбрана Радмила Шекеринска на Панел – дискусија „Промоција на Националниот акциски план за имплементација на резолуцијата 1325 на ООН за „Жени, мир и безбедност“

DSC_0494_2_resizeВелат дека силата на една армија е во тоа колку брзо се прилагодува на промените. Мислам дека денеска можеме да кажеме дека добро се прилагодуваме на овие тешки околности во кои сите живееме и тоа е една од големите, главни карактеристики кои што обично им ги припишуваат на жените, а мислам дека се неопходни и во една ваква средина како што е армиската. А, тоа е таа способност за мултитаскинг и за прилагодување.

Сакам да се заблагодарам на многуте жени и неколкумина мажи кои што ни помогнаа денеска да бидеме блиску со луѓе кои што се наоѓаат на илјадници километри од нас, но и да бидеме доволно далеку за да си го чуваме сопственото здравје.

Во еден типичен машки ресор, не само кај нас, прилично широк е овој феномен, пред само неколку дена имав прилика да честитам на новата министерка за одбрана на Белгија и меѓу другото и честитав дека е прва министерка за одбрана во Белгија – значи не била и Северна Македонија толку назад. Тоа е едноставно област која што во многу и високо развиени држави се сметаше како последен машки бастион.

Кога бев избрана бев свесна дека ќе се соочам со многу видливи и невидливи тестови и овдека гледам многу жени кои претпоставувам сте биле соочени со истото – да те тестираат и да те проверуваат постојано. Мислам дека првите пати кога требаше да патуваме за Криволак со хеликоптер, мислам дека и тогаш имаше еден воен тест врз министерката – ќе дојде или нема да дојде, ќе се одлучи за нешто поедноставно или не. Првиот пат кога почнавме да дискутираме за посета на нашите трупи во Авганистан, и тоа беше еден тип на тест – министерката ќе отиде или нема да отиде, ќе смета дека е ризично или ќе го прифати ризикот. И, тој тип на тестирања мислам дека ни се случуваат секој ден за тие тестирања во оваа група на жени навистина можеби и не треба да зборувам. Меѓутоа сакам да ви честитам и во такви околности на секојдневен тест и проверка, успевате да издржите и успевате да се докажете.

Токму поради тоа постојано тестирање можеби сме и посилни и навистина сакам да честитам на сите оние кои што во една прилично машка структура успевале сите овие години, не само сега кога го работиме овој документ, успевале да издржат, да се покажат и да отворат врата и простор за тие кои доаѓаат, тие жени кои доаѓаат после нив.

Денеска го прославуваме јубилејот 20 години од Резолуцијата на ОН и како и секој јубилеј тоа е добра прилика да ставиме црта и да кажеме каде успеавме, а каде ни треба повеќе работа. Мислам дека се работи за резолуција која што овие денови се коментира во сите земји – членки на НАТО и сите имаме да приложиме и некои резултати, меѓутоа да кажеме и дека работата е далеку од завршена.

Оваа резолуција Жени, мир и безбедност 20 години е клучната алатка во рацете на политичките лидери за да повеќе и подобро ги вклучат жените во тешки и деликатни, па и опасни процеси кои што не се само справување со конфликт, туку и мировни преговори, решавање на воени и на политички конфликти, како и генерално зголемување на процентите на жени во безбедносните структури – значи сите оние кои што учествуваа во полето на одбраната и на безбедноста. И затоа мислам дека беше оправдана одлуката на Владата пред 2 години ако не се лажам, практично целокупната работа координаторска на овој процес да премине во МО и да го подготвиме овој втор акциски план и да покажеме дека тоа е не само тема со која ќе се занимаваат задолжените луѓе во труд и социјала, оти порано тоа така се третираше, туку дека луѓето кои се во одбраната, мажи и жени исто така се свесни дека ова е важно прашање.

Во трите години навистина работевме на тоа да се смени ситуацијата – не само на хартија. Оние кои што работат со мене знаат дека знам да бидам скептична со вака стратешки документи затоа што сум видела многу труд ставен на хартија и заборавен во моментот кога хартијата ќе биде испечатена. И, она што ме тераше, не тераше сите нас како тим да продолжиме е што паралелно со работата на Акцискиот план сакавме да покажеме ситни промени кои нема да станат после извесно време само ситни и во реалниот живот. И, затоа поставивме апликација за пријавување на вознемирување на работно место, назначивме родови советници кои се сега присутни практично во сите структури на Армијата и ги има и жени и мажи, што за мене беше најголемиот знак за успех, кога сите сме свесни дека ова е важно прашање.

Вршевме обуки против родовото вознемирување и се трудевме полека воената средина и со практични чекори да ја направиме поотворена кон жени. Тоа е заради тоа што сметаме дека родовата еднаквост и присуството на жени и во овие средини ги прави општествата помирни, постабилни и потпорни, или што би рекле – повеќе жени – повеќе мир. И тоа особено сакаме да го покажеме во област каде што ги имало помалку. Затоа уверена сум дека промените не се менуваат со акциски план, но со акцискиот план покажуваме дека знаеме каде сакаме да продолжат промените.

Залагањето за родова еднаквост, не е само залагање за економско, политичко и социјално охрабрување на жените, туку и залагање за напредок и превенција на конфликти.

И, ако ги анализирате и нашите балкански конфликти, ако ги видите конфликтите во целиот свет ќе видите дека жените обично се правата жртва на тие конфликти и дека затоа имаме сите обврска да ги вклучуваме претходно за да создаваме општества кои што ќе бидат отпорни кон можни проблеми.

Затоа НАП за имплементација на резолуцијата 1325 за нас навистина не е само стратешки документ, туку е документ по кој што гледаме како ќе се движи нашата земја како стабилна, како демократска и како отворена држава.

Денеска и јас мислам дека и Енди сме тука повеќе за да отвориме, но големата слика, големата промена, малите чекори кои што велам се неопходни за овие големи документи се повеќето жени кои што денес ќе имате прилика да ги чуете и кои што покажуваат дека сме работеле на промени во реалниот живот.

За мене овој акциски план го потврдував секој ден кога ќе именував нова раководителка на сектор, секој пат кога ќе унапредев нова полковничка, секој пат кога ќе имавме жени кои што го носат не овој процес, туку и многу други процеси во Армијата. И, секоја отворена врата за нив беше доказ дека акцискиот план нема да ни остане само хартија која ќе ја штиклираме.

Сакам да се заблагодарам пред се на Обединетото Кралство, што продолжи да ја третира оваа тема за сериозна. Ние со Обединетото Кралство работевме многу прашања во делот на одбраната, стратегиски одбранбени прегледи, долгорочни планови за развој на одбранбени способности, многу е тешко во една таква голема дебата, да најдете место и за темите кои некои луѓе ги третираат за мали. Не се, ама некои луѓе ги третираат за мали. И Обединетото Кралство и ние како Влада и како Министерство, покажавме дека не го делиме тој став и навистина преку нивната поддршка, со родов советник кој што не донесе во ситуација денеска да имаме цел документ кој што ќе биде заокружен и кој ќе биде само првиот чекор пред следниот процес покажавме дека веруваме во овие теми.

Сакам да се заблагодарам и на многуте државни институции овде присутни кои учествуваа во подготовката. На повеќето луѓе активни во меѓународните организации, меѓутоа и во невладините организации наши, домашни, сакавме ова да биде партнерски процес ни навистина таков и испадна. Но, најголемата благодарност сакам да ја упатам кон оние жени и мажи кои седнаа и сработија и тука гледам многумина и Катерина и Весна, сега веќе не ги делам институции внатре надвор и неколкумината раководители, Афрдита, во нашите сектори – сите вие навистина ни помогнавте да направиме документ кој што ќе ни биде од помош и кој што ќе не обврзува да направиме повеќе во овој втор мандат.

Честитајќи ја 20-годишнината од резолуцијата мислам дека како држава можеме со право да кажеме дека за кратко време направивме крупни промени. Во овој втор мандат ќе покажеме дека тие промени биле одржливи и дека кога сме создале ваква следна генерација не треба да се секираме дека тие ќе продолжат понатаму.

Сакам на сите да им честитам за огромната работа, мене ми беше задоволство да го помагам овој процес, но вистинските работници и работнички се овие кои денес ги гледате на екраните и овде на столиците.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail