Обраќање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на свечениот академски час на Факултетот за безбедност – Скопје 01.10.2020 година

DSC_9637_resizeДозволете ми да ви се заблагодарам што по втор пат имам прилика да присуствувам на првиот академски час и да се потсетам дека првиот пат таа шанса ја имав во веќе далечната 2017 и се сеќавам дека во поинакви околности, меѓутоа во иста атмосфера зборуваме за тоа кои се нашите амбиции, кои се нашите планови. И, во таа прилика почнав со тоа дека сум убедена дека оваа држава може да направи квантен скок и дека ја презедов обврската како што и Владата тогаш ја превзеде обврската дека ќе станеме членка на НАТО.

Многупати во сите држави не само кај нас велат дека политичарите само даваат ветувања и само најавуваат идни достигнувања.

Задоволство ми е што можам да кажам дека на оваа тема нашите зборови додржаа. Станавме членка на НАТО по три децениско работење, а богами и чекање.

И, јас не можам да замислам поубав почеток на разговор со студенти идни академици во сферата на безбедноста, отколку со уверувањето дека зборовите наши, ваши ќе држат. И, дека она што ќе го учите на зборови, ќе го видите во реалниот живот.

Нашата земја се изјасни дека сака да стане членка на НАТО во време кога најголем дел од овде присутните, сите вие студенти не бевте уште ни родени. И тоа малку треба да не потсети колку време помина и колку напор инвестиравме. Вашите родители можеби биле студенти или средношколци во моментот кога како држава деклариравме речиси консензуална определба дека сакаме да станеме членка на НАТО. Тој сон кој што го споделувавме траеше предолго. Тој долг маратон моравме да го придвижиме до крај затоа што и државата и граѓаните а особено младите, овие за кои Ѓуровски зборуваше дека и заминуваат и заминуваа, очекуваа и беа изморени од тие изневерени очекувања. Оваа влада и овој тим одлучи дека мора да се промени статус квото. И, навистина рековме дека е доста. Дека е доста со поплаки дека цел свет е против нас и дека прави заговори, доста е со муабети дека не нè бива како народ, доста е со малодушност дека можеби и не заслужуваме држава. И, навистина на тоа ставивме крај.

Со еден збор, од дефанзива, во која што бевме извесно време, преминавме во офанзива и како резултат на таа офанзива која не беше само политичка, и воена и одбранбена и безбедносна и економска, вие денеска станувате идни академски граѓани на земја членка на НАТО. Едно поглавје крунисавме со успех и сега отвораме ново поглавје. И, тоа е амбициозноста која и кај мене одново се раѓа кога ќе ги видам и знамето на НАТО и знамето на ЕУ, покрај македонското знаме. Затоа што тие знамиња не покажуваат само желба, не покажуваат само зборови, покажуваат дека стварно сме спремни да ја менуваме државата на подобро за да ги заслужиме и за да ги обезбедиме НАТО безбедноста и европскиот просперитет за сите нас.

Овие крупни политички решенија кои се зад нас беа постигнати и преку болни компромиси кои за никој од нас не беа лесни, меѓутоа како родители сакаме да правиме ние еден дел од тешките задачи за да нашите деца, за да вие не мора да ги носите истите маки, истите проблеми на свој грб.

Ги направивме и заради тоа што почувствувавме што значи да бидеш држава под радар – некои од вас можеби ќе се занимаваат и со тој тип на безбедност и одбрана – кога сте под радар, ве забележуваат само кога имате сериозен проблем.

Почувствувавме што значи одлуките да ги носат некои други за нас, а ние да чекаме да ни ги соопштат во ходникот – такви беа нашите сеќавања многу години претходно. Сега тоа веќе не е така и нема да биде така. Кога НАТО разговара за пандемијата на корона вирусот, ние сме на главната маса, не во ходниците. Кога НАТО дистрибуира материјал, медицински, заштитна опрема, ние сме на списокот како членка, не како можен корисник. Кога се договара поделба на првите вакцини кога ќе бидат обезбедени за корона вирусот, нашата земја е дел од планот, а не зависи само од другите одлуки.

Сте одлучиле да студирате во сфера која допрва ќе станува уште и уште поважна, кога јас ги минував своите магистерски студии имаше луѓе кои тврдеа дека во рамки на меѓународните односи можеби безбедносните студии и не се толку важни. Пред 15 години имаше луѓе кои веруваа дека безбедноста веќе не е тема – дека сè ќе биде економија, сè ќе биде бизнис, сè ќе бидат трговски односи. За жал на сите тоа се покажа како наивно гледиште. Безбедноста нè засега сите постојано, ја забораваме се до моментот кога ќе ја изгубиме. Безбедноста е нешто што секој мора да го има дома, бидејќи сите сакаме да се чувствуваме сигурно, безбедно дома и на улица и во институции, на било кој простор. Но ,безбедноста, драги студенти, тоа е големата промена која ги зафати сите држави ,целата планета, не е само прашање на граници. Не е само прашање на полиција на улици. Не е само прашање на спремна армија да се соочи со ризикот. Денеска безбедноста покрива сè и затоа од вас ќе се бара знаење за сè. Затоа од вашите професори ќе се очекуваат и широки дебати и широки познавања.

Безбедноста е дали ќе може државата да се справи со епидемија како што имаме сега. Безбедноста е дали ќе може државата успешно да се прилагоди на климатските промени, дали ќе овозможи достапна и квалитетна храна, дали ќе ги заштити своите компјутерски системи, сите сме на телефон, дали ќе нè заштити нас како корисници на тие системи од постојаните упади и во нашата приватност и во нашите права. Дали ќе воспостави систем во кој лажните вести ќе се разликуваат од вистинските вести. Безбедноста ќе побарува и демократија и човекови права и функционална правна држава. Светот велат се менува ама мислам дека е тоа многу слаба реченица. Светот е реформатиран. И, притоа сè е променето, а во промените најспори сме ние луѓето. Не ги променивме сè уште, не се менуваат доволно брзо институциите, не се променуваат се уште брзо ни безбедносните системи, не се менува се уште доволно брзо ни начинот на лидерство, ни политичките партии. Не се променија доволно дури ни моралните и етичките дилеми со кои што се соочуваме и затоа ова се теми на кои што однапред ви завидувам што ќе можете да ги водите со своите професори бидејќи безбедноста ќе биде дел од сите овие прашања. Ако не обезбедиме наше брзо менување, технолошкиот напредок кој што мислевме дека ќе ни донесе повеќе шанси и повеќе слобода може да стане и наш непријател. Јас мислам  дека професијата со која што ќе се занимавате ќе биде сè повеќе насочена кон овој тип на закани и затоа од вас ќе се бара нов поглед кон светот, нова отвореност кон светот и затоа се придружувам до овие повици, да бидете и со отворен ум и со многу поголема амбициозност и желба да бидете први, а не да бидете следбеници.

Велат дека е ова време во кое еден лаптоп може да има глобални последици, да предизвика глобални промени – не лап топ, еден мобилен телефон тоа може да го направи и бидејќи сите години на вашето студирање претпоставувам дека ќе ги изминете и со цитирање на некои делови од книгата „Уметноста на војувањето“, јас ќе кажам што јас мислам дека во овој момент и за светот и за нас е можеби најсоодветна порака од пред многу година  – а тоа е дека главниот натпревар, тогаш тврделе, а камо ли денеска, уште повистинито, ќе биде психолошки, да им влијаете на духот на противникот, да влијаете на проценките на противникот, да ја уништите неговата или нејзината верба во успех.

Ние не гледаме противници во светот, но во светот најверојатно некој ќе биде наш противник и ние треба да бидеме подготвени и за овие закани кон безбедноста. Затоа, иако денот го почнав со една типична воена трансформација, трансформација на Армијата која што значи пензионирање, промовирање на нови кадри , нова структура на Армијата, после тоа продолжив со разговор со нашите мировници кои ја завршија мисијата на северот на Авганистан, значи еден актуелен безбедносен ризик, денеска мислам дека овдека зборуваме за тоа што допрва нè чека и тоа што допрва нè чека се ваквите предизвици да бидеме  спремни некој да се труди и да го поткопува нашето знаење и нашата верба во сопствената држава и сопственото знаење. Затоа паралелно со трансформацијата во Армијата, правиме и други промени кои што одговараат  на овие безбедносни ризици. Затоа го развиваме нашиот Регионален центар за односи со јавност кој што е веќе деклариран НАТО ресурс, го развиваме заедно со центарот за стратегиски комуникации во Рига да биде центар за борба против лажните вести, борба против дезинформациите. Тоа ќе ја зголеми нашата безбедност, тоа ќе ја зголеми нашата отпорност кон овие нови ризици.

Веќе сме членка на НАТО и ние во претходниве две недели имавме прилика како членка на НАТО да учествуваме во големата дебата за тоа која ќе биде иднината на оваа Алијанса. За прв пат како членка учествуваме дури и во дискусии кои се однесуваат на нуклеарната безбедност, прашање кое нас ни изгледа многу далечно. Ама, безбедноста во светот не можеме да ја ограничиме само на нашите граници. Затоа за мала држава како нашата која до вчера беше дел од насловните страници на меѓународниот печат по лоши вести, ова е голем напредок и јас се радувам дека сите вие ќе го искористите тоа многу повеќе и многу подобро од нас. Во текот на вашето студирање ќе имате прилика да разговарате и со студенти од други држави и ќе сфатите колку е важно како ја перципираат државата, бидејќи низ призма на државата ќе ве гледаат и вас. Бидејќи низ примерот со вас ќе судат и за државата и затоа и вие ќе бидете нашите амбасадори како учесници на еразмус, како учесници и во научни истражувачки проекти. Сакам да се заблагодарам на Факултетот за безбедност, не само за поканата  туку што навистина одлучија, и тоа можевме да чуеме од првите луѓе, дека првата задача е да се создаваат лидерите на новото време, лидери кои ќе бидат отпорни дури и на жештината, лидери кои ќе бидат отпорни на лажни вести, лидери кои ќе бидат силни во своето знаење и затоа бидејќи сум човек кој навистина верува дека рецептот за успех, малку има среќа, ама е во главно работа и интегритет, јас сакам да ви порачам дека нема поголема сатисфакција, од тоа да учествувате во нешто што е поголемо од вас самите, да учествувате во проект кој ќе го направи вашиот факултет, вашиот универзитет, вашата општина, држава, вашето место да бидат поуспешни.

Сите шанси се пред вас и јас сум убедена дека ќе ги искористите. Секој почеток е многу тежок, ама многу убав. Таков е моето чувство сега кога влеговме во НАТО. Многу е тешко, потешко е од претходните три години ама нема поубава шанса да покажете дека можете. Истото ви го посакувам и вас, да го совладате тешкото, а да го искористите до максимум убавото. Ви посакувам незаборавни студентски денови, ви посакувам голем успех и гордост кај професорите.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail