Обраќање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска на приемот на 70 ПФВ 11.09.2020 касарна Илинден

Добредојдовте во Армијата на Република Северна Македонија!

Во деновите кога го прославуваме денот на нашата независност, во годината во која ја реализиравме една од стратешките цели, а тоа е членството во НАТО,

во моментите кога целиот свет се соочува со пандемија, а сите светски армии се првите кои нудат помош ми причинува големо задоволство што нашата Армија не стои во место.

Армијата се развива, јакне, и она што е најважно како што гледаме денеска нашата Армија се подмладува. Вие денеска станувате дел од најценетата, најпочитуваната институција со најголема доверба во нашата држава

Вие и останатите 560 припадници кои беа примени изминативе 3 години сте доказ дека ова подмладување на Армијата не е исклучок, туку беше и ќе биде правило. И сакам да кажам дека многу брзо ќе добиете и уште помлади колеги од вас, бидејќи очекувам во следните десет дена да имаме уште еден конкурс за дополнителни 200 професионални војници, кои што нема само да ја подмладат Армијата, туку ќе создадат и нов капацитет во кој што како Армија, како Министерство ќе вложуваме.

Вашиот избор на 70 професионални војници од над 750 кандидати, покажува дека кога се вложува во институцијата, државата тоа може да го забележи. За прв пат во последниве многу години имавме практично по 10 кандидати за секое од вашите места и затоа сакам да ви порачам  да бидете горди и задоволни што сте успеале да бидете навистина добри во една таква одлична селекција. И јас се надевам дека голем дел од кандидатите за професионални војници кои конкурираа заедно со вас, нема да ја изгубат вербата. Повторно ќе конкурираат и еден дел од нив ќе ви се приклучат.

Вашето работно место ќе биде едно големо семејство со многу различности, кое не познава етничка, верска или родова разлика, заедница во која што сите се едно.

Заедница во која владее тимски дух и заедница каде што уште пред нашето членство го применувавме мотото на НАТО „Сите за еден, Еден за сите“.

Армијата и сите нејзини членови, војници, подофицери, офицери и цивилни лица ќе бидат вашите колеги, пријатели, другари и другарки, браќа и сестри, учители.

И, од сите нив, ќе научите многу.

Ќе научите како да ги надминете предизвиците кои што ќе се појават и во периодот на обука.  Вие сте првата генерација која ја има шансата да стане професионален војник и дури потоа да ги помине оние тешки месеци на обука која шретходно ја вршевме во периодот на доброволно служење на војска. Меѓутоа ова ја прави и Армијата и Министерството поефикасни и ни дава шанса да ги мобилизираме и да ги ангажираме младите во првите години по завршувањето на средното образование,  а не после пет или после седум години.

Убедена сум дека ќе успеете затоа што зад вас и со вас ќе стојат искусни и проверени луѓе, кои што во изминатиов период многу директно и многу конкретно придонесоа да станеме членка на НАТО.

Почитувани присутни, почитувани гости,

Еден мрачен настан кој се одигра во САД на денешен ден пред 19 години, и кој го уплаши, го вџаши и го шокираше светот, е најдобар потсетник зошто одбраната е важна, зошто тоа е темелот на секоја држава и зошто меѓународната соработка на полето на одбраната е императив за секоја држава.

Можам да кажам дека Северна Македонија успешно се движи по патот на одбраната и на одбранбената соработка заедно со сите пријателски но сега веќе и сојузнички земји.

Оваа година ја постигнавме долго посакувана цел.

Станавме членка на НАТО.

Направивме одлучни чекори за наше подобро утре.

Го срушивме ѕидот кој долго време го ограничуваше нашиот поглед, го ограничуваше нашиот просперитет, ја ограничува нашата држава.

Не сме повеќе сами, ниту во одбраната на нашите вредности ниту во одбраната на нашата сигурност, туку сме заедно со уште 29 сојузнички армии кои ја гарантираат и нашата безбедност, мир и просперитет.

Од оваа година сме домаќини и на Бригадата на Југоисточна Европа. Заедно со уште пет земји го јакнеме духот на регионалната соработка, учиме едни од други, градиме мостови и придонесуваме за безбедност токму во нашиот Регион.

Приемот во НАТО, доаѓањето на оваа Бригада, новата опрема и примања во Армијата, придонесот на Армијата во оваа претходна вонредна состојба, лидерското место во транспарентност и довербата кај граѓаните, сите овие работи направија 2020 навистина да биде наша успешна година во делот на одбраната.

Вие веќе поминавте низ процесот на проверки и тестирања и поради предвремените избори кои што неколку пати се одлагаа поминавте и преку тестот на трпение.

Ви благодарам што издржавте, знам дека беше тешко сите овие месеци да се задржи надежта, дека овој процес успешно ќе заврши за сите вас, меѓутоа убедена сум и сигурна дека треба да бидете задоволни од вашиот успех,  треба да бидете среќни што започнувате кариера во област која допрва ќе покаже дополнителна амбициозност и дополнителни резултати.

Следува период кога ќе се обучувате прво дома во потешки услови, тоа ќе биде вашиот прв допир со оваа војничка дисциплина, војнички навики и војнички правила. Но убедена сум дека ќе се усовршувате и надградувате и со ваши колеги од сојузничките армии, некои во САД, во Велика Британија, Турција, Германија, Италија и сите други сојузници.

Следува период каде ќе бидете сведоци на нова модерна опрема која ќе пристига и пристига за припадниците на Армијата. Опрема со која полесно и побргу ќе ги извршувате своите задачи.

Во следниов период ги зголемуваме и бројот на нашите припадници во мисии. Освен онаа во Авганистан каде што обично праќавме голем број на припадници и која по бројка ќе се намалува, сега веќе подготвуваме наши припадници да заминуваат во нашиот регион, во Косово, да се приклучат на КФОР операцијата на НАТО, но и во Централно АфрикансатаРепублика. И тоа е шанса за тест. Таа шанса ќе ја добиете дури откако ќе ги завршите овие први три години, по што ќе следат и нови шанси за дополнителни примања, но како што кажав и шанса за учество во мисии, каде што сите ваши колеги, војници и офицери, велат дека ги стекнале единствените искуства кои дома не можеле да ги стекнат.

Почитувани припадници на Армијата,

Од денес бидете горди на својата работа, на професијата која ја одбравте.

Ви посакувам голем успех во кариерата, ви посакувам да бидете уште подобри, да се издвоите од својата генерација уште повеќе, ви посакувам да забележите успеси кои ќе ве направат горди вас и нашата земја.

Убедена сум дека вашата младост, вашата свежина, енергија и мотиви ќе ве однесат на патот на успехот, а нас ќе не направат уште подобри како држава и уште попрепознатливи во светот.

Ви честитам и ви благодарам за желбата да се вклучите во нашата одбрана.

Со среќа.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail