ОБРАЌАЊЕ на министерката за одбрана Радмила Шекеринска – Касарна „Илинден“, 23 јуни 2020 година

На крајот сме на долгата и исцрпувачка вонредна состојба која првпат беше прогласена на 18 март оваа година. Армијата заедно со здравствените работници, заедно со полицијата одигра една од клучните улога во овој тримесечен период. Бевте секаде каде што ја бараа вашата поддршка. Бевте на граница, бевте во заразените подрачја, помагавте во карантините, помагавте на загрозени семејства, дезинфициравте јавни површини и објект, помагавте во одржување на јавниот ред.

Како никогаш досега Армијата беше блиска и сплотена со својот народ. Затоа не ме изненадија истражувањата на јавно мислење кои покажаа дека Армијата е меѓу институциите во кои граѓаните имаат највисока доверба од државните институции на самиот врв. Доверба која ја примивме како награда за вашите дела. Ви честитам и ви благодарам што ни ја донесовте оваа висока почест.

Последниот период од неколку месеци можеби е најсликовит пример зошто секогаш треба да вложуваме во Армијата. Во мојот прв говор пред вас и вашите колеги во Министерството за одбрана реков дека секој еден армиски припадник кој се бори за оваа земја, секој кој го жртвува своето време за татковината и нејзината иднина, тоа мора да го прави со достоинство и дигнитет. Но, реков и дека е тешко тоа да се прави со достоинство ако семејниот буџет е празен, униформата е искината, а чизмите стари.

Оние кои ме знаат ќе ви кажат дека не верувам ниту во пароли, ниту во празни зборови. Ако не сум сигурна молчам, а ако кажам исполнувам. Ветив и пред вас повисоки плати. Платите во Армијата растеа три пати. Растеа сите приходи на сите припадници.

Ветив 7000 денари станарина, денеска сите оние кои што ги исполнуваат условите примаат станарина повисока од 8000 денари, секој месец.

Почитувани припадници, денеска платата и приходите на припадниците на Армијата се зглемени помеѓу 50 и 60 проценти. Денеска зборуваме за нова опрема, веќе долго време ги користите новите чизми, вашите колеги инженерци во оваа иста касарна, по 16 години добија нови машини кои веќе ги видовме како работат, како им помагаат на граѓаните, но и како го модернизираат полигонот „Криволак“.

Веќе два објекти во вашата касарна се реновират.

Ако во 2017 година веќе беше заборавена да се исплаќа дневница, денеска овие дневници се исплаќаат на сите и тие се веќе втор пат зголемени.

Но она што најмногу ме радува и ми причинува денеска големо задоволство е што сите ја носите новата униформа денес. Тоа значи дека здравствената криза која го зафати нашето целокупно општество, не ги намали инвестициите во одбраната. Моите заложби секојдневно и покрај вонредната состојба беа да се реализира една од покрупните набавки што ги превземавме заедно со оклопните возила, а тоа беше набавка на нови униформи.

И тие се веќе наша реалност – токму како што доликува на припадници на Армија членка на НАТО.

Ја сум човек што верува во сојузи, верува во партнерства, и сојузи кои што се потребни

Прогресивни и принципиелни.

Така влеговме во НАТО, со работа, со принципи со реформи и со резултати. Во изминативе три години речиси на секој ваков заеднички настан го носев беџот каде што македонското знаме стоеше заедно со НАТО знамето. Тоа беше порака дека навистина сакаме да се приклучиме на сојузот. Денеска можам да го носам и само македонското знаме и кажам и тоа знаме е веќе НАТО. И тоа знаме е дел од најмоќниот сојуз.

Вие денес сте НАТО Армија, а овој капацитет е НАТО капацитет и тоа е гордост и достоинство што вие, ние заедно го донесовме на сите граѓани на нашата држава.

Верувам и во сојуз со јавноста, бидејки тука сме за нејзе и тука сме да помагаме на сите наши граѓани.

Секоја година од 2017 до денес Министерството за одбрана се качуваше чекор по чекор, по некое скалило погоре на транспарентноста, за оваа година, да се искачиме таму каде штои ни е местото, на самиот врв, на првото место по транспарентност и согласно тоа и по интегритет. Така се гради сојуз со јавноста. Вам граѓаните ви ја подарија довербата, а ние на граѓаните заедно со вас им подаривме отвореност во работата и отвореност во постапките. Само така можеме да градиме успешно општество, ослободено од стеги на корупција, ослободено од стегите на криминалот. Само така можеме да јакнеме безбедноста и безбедносната култура помеѓу институциите во оваа област.

Почитувани припадници на Армијата,

За да секоја година чукнеме на вратите на Министерството за финансии, во Собранието и да бараме неопходни повисоки буџети, ние треба да покажеме дека секој денар на граѓаните го трошиме наменски со јасна цел. И оваа година кога видов дека Министерството за одбрана е првата институција по отвореност, знаев дека сме на вистинскиот пат и дека тој долг кон граѓаните и кон јавноста целосно го исполнуваме.

Верувам во сојузништво и партнерство со целата Армија.

Потребно, прогресивно и принципиелно.

Моја задача беше и се борев за подобар Закон, за подобри услови за пензија, за повеќе пари во Армијата и во одбраната, за поголемо достоинство на секој припадник. Вие се боревте со работа во мисии, во време на корона, во време на кризни состојби. Заедно во такво партнерство и таков сојуз ја испишавме влезницата за НАТО. Заедно го вративме достоинството на оваа професија.

И малку е да се каже дека навистина сум горда на овие заеднички достигнувања.

Дозволете ми да ви честитам на целиот ваш ангажман особено во периодот на Корона кризата. И оваа битка ќе ја добиеме и ќе излеземе посилни и побогати за едно искуство.

Нашиот Воено-медицинскиот центар сеуште е на терен. Помагаат со сестри, помагаат со доктори, помагаат со епидемиолози. Да им поскаме силен дух, успех, среќа и пред се здравје.

Убедена сум дека и тие повторно ќе ја покажат и докажат силата и победничкиот дух на нашата Армија. И на вас и на вашите семејства ви посакувам добро здравје. Убедена сум дека ова наше сојузништво и партнерство во кое што покажавме дека се можни подобри резултати на секој план ќе продолжи како и денес.

Сакам да ви посакам да ја носите оваа униформа со чест и достоинство и како силно и секојдневно потсетување, дека посветената работа секогаш носи резултат.

Да ви е со среќа.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail