Обраќање на министерката за одбрана, Радмила Шекеринска пред припадниците на Армијата во Касарната „Мирче Ацев“ во Прилеп – 13.04.2020 година

Дозволете ми да ве поздравам во вакви тешки, несекојдневни, и над се опасни околности, во коишто функционира и нашата држава, па и нашата армија. Денеска дојдов во Прилеп и во прилепската касарна прво да ви се заблагодарам. Да ви се заблагодарам што сте со своите граѓани во овие тешки времиња.

На влезот во Прилеп, првата слика која што ја забележав, е за прв пат, после многу време, комбинација на граѓани кои што се трудат да си ги завршат своите обврски, и офицери и војници кои што се трудат да им помогнат. И таа слика мене ми праќа јака порака, а тоа е дека навистина заедно сме посилни, и дека навистина армијата скокна во помош од првите денови и првите шанси кои што и беа дадени.

Сакам да ви се заблагодарам што помагате во заедничките напори да ја пребродиме оваа криза со корона вирусот. Најтешка здравствена криза која што ја памети, не само нашата земја, не само нашиот регион, туку и целиот свет. Затоа армијата се најде навистина во првите вистински борбени редови, на оваа битка којашто значи живот.

Патролирате заедно со полицијата. Во пограничните региони многу често сте и сами. Обезбедувате витални објекти, ги чувате објектите за карантинско сместување, а од вчера се вклучивте и многу подиректно во акциите кои што значат секојдневен живот, но секојдневен живот во многу несекојдневни и многу различни околности.

 

Дојдов во Прилеп и да ви честитам. Да ви честитам за нашето членство во НАТО алијансата. Членство во коешто инвестиравте и коешто е навистина голема заслуга на сите армиски припадници, денешни и поранешни. Немавме време, немавме прилика, за жал, соодветно да го одбележиме тој момент, кој значеше исполнување на тридецениска работа, труд, тридецениска жртва од страна на сите. Со измешани чувства на гордост, но и се разбира жал што не сме таму, го гледавме нашето македонско знаме како се дигнува и стои покрај знамињата на најмоќните 29 земји членки на алијансата.

 

За армијата никогаш не е лесно. Кога е криза, голем товар паѓа на нејзините плеќи. Голем товар паѓа на вашите плеќи. Кога не е криза, па изгледа дека тој голем товар, како да луѓето или државата го забораваат. И затоа сакам да бидам тука со вас во моменти кога е криза и да ви кажам дека како што вчера не ја заборававме таквата жртва, тоа нема да го направиме ни кога оваа криза ќе заврши.

 

Јас сум човек кој не верува во големи зборови и лесно дадени ветувања, меѓутоа верувам во големи и важни дела. И со ваша помош, армиска помош, помош на многу колеги кои што учествуваа во оваа крупна политичка задача, можев да испорачам големи дела. Можевме заедно да испорачаме членство во НАТО, после 30 години надежи, зборови, напори и жртви.

Денеска сме членка на најмоќната алијанса во најтешки околности, меѓутоа видовме дека и во најтешки околности алијансата е помош. Можеби овие информации не беа доволно достапни во јавноста, но пред вас мислам дека можам да ги кажам. Првите храбри и одлучни чекори кои што ги направи владата за да од сам почеток стави крај, да стави ограничување, да стави малку и рестриктивни мерки за да го спречи наглото ширење на корона вирусот, беа резултат на системот на информирање којшто веќе го примивме како членка на НАТО. Врз база на тие информации, врз база на споредба со други држави, бевме способни, и бевме во можност многу брзо да воведеме мерки,д а го зголемиме социјалното дистанцирање меѓу граѓаните, да воведеме систем на 50/50 работа во администрацијата, и на тој начин да го намалиме бројот на заболени и бројот на жртви.

Веднаш од самиот почеток ги активиравме НАТО инструментите и за поддршка, и еве до денеска ја добивме и поддршката од Соединетите Американски Држави и од Турција, Романија, Словенија, Чешка, Унгарија, Велика Британија и Бугарија. Она што е јасно е дека вежбата која што, или помошта која што највеќе ја искористивме, е вежбата во вашето знаење и капацитети. И тоа е вежба која што ни овозможи луѓето кои што се на први борбени редови, да бидат добро обучени, да имаат знаење, да имаат искуство, и да имаат сила да се наметнат со тоа искуство.

Сакам исто така, да кажам дека, после еве веќе речиси три години мандат како министер за одбрана, можам да ви се заблагодарам на трудот, меѓутоа можам да излезам пред вас со чист образ, и да кажам дека својот збор пред вас го одржав. И со грижата кон армијата, и со пораст на стандардот на припадниците на армијата, и со решавање на некои проблеми кои долги години не се решавале. И заради тоа што го одржав тој збор, не само во мое лично име, туку и во име на владата, денеска имам образ да барам заедно да го одржиме својот збор пред граѓаните на нашата татковина, и да дадеме уште поголем напор во справување со оваа опасност за која никој од нас не бил вежбан.

Почитувани војници и старешини, градоначалникот на Прилеп и официјално, уште вчера, побара како армија да излеземе во пресрет и да ја засилиме поддршката која што ја даваме на општината. Очекувам истото тоа да се случи и во неколку други општини кај коишто е забележан зголемен број на заболени, за жал веќе и починати граѓани од ковид 19. Се разбира дека никој од нас немаше дилеми, и дека на ова барање одговараме позитивно. И веќе од денес, бројката на армиски припадници во различните општини ангажирана за поддршка на единиците на локална самоуправа за справување со кризата ќе расте.

Веднаш по нашата средба овде, ќе заминеме заедно на состанок на кризниот штаб, за да директно се договориме на кој начин вашите капацитети, вашето знаење и вашето искуство ќе бидат искористени. Убедена сум дека и вие знаете дека нашата татковина нема друга сила, која што во волку голема мерка ја красат карактеристиките на чесност, посветеност и љубов кон татковината како што сте тоа вие, припадниците на нашата армија. Затоа таа доверба што ни е укажана во овие тешки моменти, ја прифаќате, и ја прифативме со голема чести и одважност.

Да не ги разочараме нашите најблиски, нашите семејства, нашите сограѓани, нашите соседи. Сите оние кои што во вашата униформа гледаат со респект и гледаат со дух на заедништво. Нашите униформи, вашите униформи на улиците на Прилеп никој не ги доживува со чувство на страв, туку ги доживуваат со чувство на олеснување и охрабрување, и таа е пораката која ќе ја испратиме денеска од Прилеп, но таа е пораката и која што ќе ја испратиме од цела држава. Сите тие граѓани во овој момент имаат потреба од нас, меѓутоа пред сѐ од вас, припадниците на армијата. Државните институции имаат потреба од армијата. Нашата татковина има потреба од својата армија. Ќе одговориме со сето она што сте го учеле, осознале и извежбале, како знаење и вештини во целиот изминат период.

Знам дека оваа 2020 година требаше да биде година на прослави, меѓутоа за жал, тие големи успеси на нашата земја, тешко и стигаа, и кога се случија не можевме во нив да уживаме. Но, тоа што не нѐ обесхрабри, нѐ направи уште посилни. Не застанавме кога ги видовме првите потешкотии на патот до НАТО, продолживме. Продолживте, 4000 меѓу вас заминаа во Ирак и во Авганистан. И се боревте, преживувавте, издржувавте и во име на нашата татковина. И затоа и сега нема да застанеме, затоа и сега ова ќе ја направиме да биде и година која што ќе биде признание на вашата работа, љубов и посветеност кон татковината. Ви благодарам на сервисот, на услугата, на службата која што и ја давате на нашата земја, и однапред ви најавувам дека нѐ чекаат тешки и напорни ангажмани, тешки и напорни денови, но си таа љубов, таа чест, таа емоција, дека вршиме нешто поважно од нас самите, убедена сум дека заедно ќе победиме.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail