Обраќање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска по повод Денот на воздухопловниот ВИНГ – 10 јуни 2020 – Касарна Страшо Пинџур – Петровец

Дозволете ми во име на сите, на припадниците на воздухопловниот ВИНГ да им го честитам Денот на воздухопловството, историски ден кога во далечната 1992 за прв пат наш воен екипаж изврши прв лет со воздухоплов. Од тогаш поминаа 28 години што е доволен период да ги анализираме нашите искуства, да го оцениме минатото и да ја планираме иднината. Да го употребам еден од најчесто користените зборови во воздухопловството – доволен е еден прелет низ овие 28 години за да видиме каде бевме, каде сме, но пред се кои се нашите следни предизвици. За сите нас и за сите вас во воздухопловството, важно е дека ова не беше лет во место. Летавме со очите вперени во еден хоризонт кој на моменти изгледаше далечен, на моменти замаглен, но не го изгубивме курсот. Го задржавме тој курс и заедно стигнавме до целта. Оваа година за жал ќе биде во сенката на коронавирусот, но дефинитивно ќе биде една од оние историски години кои ќе ги спомнуваме во разговорите, во книгите и во говорите. Ова ќе биде година, а историски потег, година на исполнување на сонот на генерации граѓани, година во која за прв пат го подигнавме нашето знаме пред седиштето на НАТО Алијансата. Станавме полноправна членка на најмоќниот воено политички сојуз, членство кое вие, ние, заедно го одработивме и заедно го заслуживме. Го заслуживме и го добивме само со макотрпна работа – со реформи, со модернизирање, и со подобрување на условите за работа. На таа тема редно е да спомнам дека инвестициите во воздухопловниот винг ќе мора да растат во годините што следат.

Согласно нашиот Долгорочен план за развој на одбраната, еден од крупните залаци и во делот на финансирањето и во делот на планирањето ќе биде модернизацијата. Тоа се работи кои како што кажа вашиот прв човек се неопходни за една држава. Неопходни се и за безбедноста на државата и за безбедноста на сите граѓани. И тоа го гледаме секој пат кога оваа држава се соочува со криза. Тогаш таа се потпира на вас, но се потпира и на вашата опрема. И затоа ова е тема на која Република Северна Македонија ќе покаже и континуитет и повисока амбиција за да инвестираме во воздухопловство и во Армија која одговара на членка на НАТО. Меѓутоа, инвестициите не смеат да бидат само во метал и во опрема, само во воздухоплови, бидејќи тие без вас не значат ништо. И затоа нема поголемо задоволство за мене како министерка за одбрана, кога ќе видам дека денеска за разлика од пред три години кога прв пат учествував на еден армиски настан токму кај вас во Петровец, можам да кажам дека особено во воздухопловниот винг, месечните примања кај сите старешни се зголемија во овој период помеѓу 30 до 60% и ова го кажувам не за да кажам дека добивате повеќе одошто треба бидејќи ова се навистина заработени пари, туку да кажам дека зборовите навистина значеа акција. Ако зборувавме за пораст на плати генерално во Армијата тој дефинитивно е најголем и највидлив токму во вашата единица. И тој ги опфаќа сите припадници на Армијата на сите нивоа почнувајќи од професионалните војници до највисоките старешни. Ако еден професионален војник ваш колега пред 3 години имал до 30 000 денари плата, сега прима и до 46 000 денари. Ако наредниците примале 40 000, сега нивните месечни примања стигаат до 64 000.

Кај старешните тоа е уште поголемо – и за прв пат голем е бројот на оние чии што месечни примања примаат и стануваат и над 100.000 денари. Тоа не е, велам, незаслужено и тоа не е неочекувано. Оваа држава едуцира офицери, едуцира пилоти, едуцира техничари и мора да биде способна потоа истите да ги задржи. И затоа сакам да ви честитам на трудот кој што го вложивте и да ви кажам дека инвестициите и во вас и во опремата и во подмладокот ќе продолжат.

Успеавме да го зголемиме стимулот и кај младите за да се образуваат за воени пилоти. И, наместо симболичниот надоместок кој што изнесуваше 2-3.000 денари, сега тие и во текот на своето образование секој месец примаат просечна плата и со порастот на просечната плата ќе расте и тој приход.

Почитувани припадници на воздухопловниот ВИНГ, почитувани гости,

Задоволство ми е што сме денеска токму тука и што токму воздухополниот оперативен центар кој што е во структурата на воздухопловниот ВИНГ е првиот сегмент на Армијата кој е практично целосно интегриран во структурата на НАТО. И дозволете ми на вашиот ден да ви честитам што од вас почна целосната интеграција на Северна Македонија во НАТО Алијансата.

Кога ги посетував вашите колеги им кажав дека нивната успешна работа и претходниот пат при прелетот на американските воздухоплови и ова денеска покажува дека навистина можеме, покажува дека умееме да се интегрираме со најмоќните, дека НАТО не е веќе нешто што постои дсалеку од нас, туку дека ние сме НАТО. И, токму воздухопловната компонента, мисијата за патролирање и заштита на нашето небо е првиот видлив, како што можевме и денеска да се увериме, бенефит од фактот дека Северна Македонија е членка на НАТО. Денес оваа мисија на воздушно патролирање во функција на заштита на нашето небо ја видовме на дело. И, мислам дека секој од нас почувствува дополнителна гордост и дополнителна сила дека нашето небо е НАТО небо. Дека нашето небо е чувано од страна на НАТО силите. Дека нашата Армија е НАТО Армија.

Патролирањето е редовно и ексклузивно право само за земјите – членки на Алијансата. Но, патролирањето над нашето небо покажува и дека сме свртиле сите нов лист. Дека отворените прашања ги заменивме со отворени врати за сојузништво и пријателство. И, затоа денеска навистина ни беше задоволство да видиме како токму грчките воздухоплови го обезбедуваат и ја обезбедуваат оваа дополнителна сигурност над нашето небо.

Не можевме соодветно оваа година да го одбележиме нашиот прием во НАТО. Меѓутоа, нашите сојузници покажаа – почнувајќи од Шпанија пред членството со вонредната седница на Сенатот за ратификација, преку членките кои што обезбедија итна и брза помош за време на кризата, се до НАТО алијансата која што ни обезбеди софтвер и дополнителни средства за заштита, дека кога сте дел од еден ваков моќен сојуз, не е исто. И, дека кога сте дел од таквиот сојуз има предности и привилегии кои што значат многу и на државата и на граѓаните. Само пред десетина дена, НАТО ни искажа добредојде и со прелетот на авионите на американските воздухопловни сили, исто така придружувани од воздушната патрола на авијацијата на Република Грција.

Овие потези значат дека нашето членство не е само вест за нас, туку и за Алијансата. Тие ја испраќаат таа вест и таа не е ниту само политичка, ниту само безбедносна, туку и геостратешка порака.

Цврстата решеност на нашите граѓани и на нашата влада, храбро и одлучно да ја внесе земјата низ најдолго отворената врата во историјата на проширувањето на Алијансата беше дочекана со гласни аплаузи кај огромен дел од нашите граѓани. Беше дочекана и со критики од страна на некои поединци, некои структури, кои што имаат поинакви геостратешки ориентации. Но, ние ја испративме пораката дека одлуката каде припаѓа нашата земја е на нас, граѓаните и таа одлука ја донесовме пред речиси 30 години, а сега ја спроведовме во пракса. Ние го избравме патот и цврсто чекориме по него.

Дозволете ми на крајот уште еднаш да честитам што Армијата и сите вие бевте и нашиот работник и нашиот амбасадор на овој пат. Дозволете ми да ви честитам и што Армијата е институција во која граѓаните на нашата зејмја имаат највисока доверба, најмногу и веруваат, најмногу и очекуваат од неа.

Таа доверба не е без причина, таа доверба е градена со секоја одлука да се помогне и на државата и на секој граѓанин. Тоа го покажавме и сега кога беше најтешко и кога Армијата се приклучи на првата линија за заштита од корона вирусот. Можеби битката против овој вирус во изминатиот период ни ги измени навиките – денеска не има помалку на број, со големи дистанци, под поинаквци правила, но во ниеден момент не ни ги промени приоритетите и сакам да ви кажам дека нашиот приоритет да вложуваме во нашата армија, да ги подобриме условите за работа, да и ја засилиме улогата и да и дадеме шанса да го покаже тоа што најдобро го знае не е променета.

Нека ви е честит денот на Военото воздухопловство, ви посакувам на сите мирно небо кога сте горе со вашите летала, останете храбри, пожртвувани и мотиварни и во име на сите нас кои сме гости, ви благодарам за оваа чест и оваа привилегија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail