VT4

КИНЕСКИ ТЕНК ЗА НАДВОРЕШНА ТРГОВИЈА

16749248139_df3efee97e_o 1Кинескиот тенк „MBT-3000”, именуван и како „VT4”, e верзија наменета за извоз, и истата претставува нова генерација на основни борбени тенкови дизајнирани и произведени од страна на кинеската компанија за одбрана „NORINCO”. Според „NORINCO“, во тенкот „VT-4” е вградена најновата технологија, со цел да одговори на предизвикот на високотехнолошко војување. Неговите перформанси и борбени способности, овој тенк го вбројуваат меѓу најнапредните основни борбени тенкови во светот. Идејата за овој тенк за првпат е претставена на Меѓународниот саем за одбрана „Eurosatory” во Париз, во јули 2012 година, но првиот вистински модел е прикажан во Кина на Меѓународниот саем за авијација и воздухопловство во 2014 година.

Основното вооружување на тенкот „MBT-3000” се состои од топ „ZPT98”125мм со мазна цевка, топлински ракав и чаден екстрактор, дизајниран со стабилизација на цевка по двете оски за максимална точност при гаѓање во движење. Пополнувањето на топот се врши преку автоматот за полнење кој има капацитет од 22 дводелни проектили, слично како во тенкот „Т-72“. Со помош на овој автомат, теоретската брзина на гаѓање со топот изнесува 8 (осум) проектили во минута. Борбениот комплет на тенкот изнесува вкупно 38 дводелни проектили.

Топот има можност за гаѓање со моментно фугасен, кумулативен и поткалибарен проектил и антитенковска ракета со ласерско водење.
Тенкот дополнително е вооружен со спрегнат митралез 7,62 мм, поставен на десната страна од топот со борбен комплет од 3000 куршуми и со далечински контролиран противавионски митралез 12,7 мм, поставен на десната страна на куполата на тенкот на постамент со кој ракува командирот на тенкот со борбен комплет од 500 куршуми.
Покрај тоа, на тенкот е поставен сет на водени проектили, кои дозволуваат употреба на водени проектили со дострел до 5км.
Целокупниот изглед на „MBT-3000” е конвенционален, со многу низок профил, ка­­­рак­теристичен за руските тенкови, со упра­вувачко одделение на предниот дел, борбено одделение, кое е централно поставено, и моторно одделение во задниот дел на тенкот. Со тенкот управува тричлена посада составена од командир, нишанџија и возач. Возачот е сместен во управувачкото одделение, централно на предниот дел од телото на тенкот, додека командирот е сместен на десната страна од куполата и нишанџијата на левата страна во куполата во борбеното одделение на тенкот. Куполата на тенкот е поставена централно, и истата е обложена со заварени челични плочи и еден слој на композитен оклоп на предниот дел. За зголемување на заштитата на страните на телото на тенкот, може да се вгради и експлозивно-реактивен оклоп. Кошницата за складирање на индивидуалниот комплет е поставена на задниот дел и на двете страни на куполата на тенкот.

Во тенкот „MBT-3000” е вграден турбоелектронски контролиран дизел-мотор со водено ладење и автоматски менувач, кој развива моќност до 1300hp (969 kW). Суспензијата е од торзионен тип со хидраулични амортизери, со шест двојно гумирани потпорни тркала, затегнувач и погонско тркало, поставени на двете страни од тенкот, поврзани со две гасенични платна со гумени облоги. За зголемување на акциониот радиус на тенкот, надворешно на задниот дел можат да се постават две буриња за дизел-гориво.

Тенкот со тежина од 52 тони може да се движи со максимална брзина од 68km/h, со максимален акционен радиус од 500 км, што го прави идеален за борба во пустините во непосредна близина на индиската граница. Тенкот може да совлада ров со широчина до 2,7 метри, да помине низ вертикална пречка со височина до 1,2 метри и може да се искачува на косина од 60%. Со едночасовна подготовка тенкот може да совлада водени пречки до 5 метри. Навигацијата на тенкот е помогната од инерцијален систем за навигација и GPS-систем за сателитска навигација.

Како и во повеќето современи основни борбени тенкови, во тенкот „VT4” е вграден дигитален систем за управување со оган, кој овозможува гаѓање во движење со точност до 5 метри, кој вклучува втора генерација на термовизиски камери на позицијата на командирот и нишанџијата и ласерски мерач на далечина. Овој систем ја овозможува способноста „Hunter/Killer” која му дава можност на командирот на тенк да открива нови цели, независно од ангажирањето на нишанџијата на друга цел.

Стандардната опрема на тенкот вклучува систем за колективна НХБ-заштита, систем за идентификација на пријателски и непријателски сили, систем за активна заштита „GL5”, GPS-систем за навигација, систем за климатизација и систем за придушување на внатрешна експлозија. Позицијата на возачот, исто така е опремена со задна камера и со монитор кои се поставени пред возачот, со што е овозможено возење на тенкот наназад, без асистенција на командирот на тенкот. Во тенкот е вграден и автоматски систем за гаснење на пожар, кој е дизајниран да реагира на внатрешни опасности, заштита на посадата од експлозии на муницијата и општи пожари.

Тенкот „VT4” е целосно дигитализиран и опремен со систем за борбен менаџмент. Овој систем се состои од рамен екран, монтиран во внатрешноста на тенкот, кој се користи за комуникација со системите за борбен менаџмент во другите возила, вклучувајќи и комуникација со командните места. Овој тенк користи дата-линк за да обезбеди заштитена комуникација и пренос на информации помеѓу единиците и командите на бојното поле, кои вклучуваат слики и видеоснимки од тенкот и разни информации од беспилотни летала поврзани со состојбата на бојното поле.

Зоран Стојановски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail