„Saber Guardian 2017“

Во текот на 25 години од своето постоење Армијата на Република Македонија се стекна со значително искуство во учество на  многу меѓународни вежби, кои во сите случаи се оценети како беспрекорно успешни. Сите квалификации кои доаѓаат од релевантните авторитети ја прават АРМ рамноправен партнер, коорганизатор, организатор, многу често и најрепрезентативен гостин на сите тие армиско- партнерски вежбовни потфати, кои неминовно нè водат  во НАТО

Во периодот од 7- 21 јули 2017 година, припадници на различни единици од структурата на АРМ, учествуваа на бројни вежбовни активности во рамките на големата мултинационална вежба  „Saber Guardian“, која се одржа на воените полигони во Р. Романија, во  Р. Бугарија и во Р. Унгарија.

„Saber Guardian 2017“ претставува мултинационално компјутерски асистирана операција, која се третира и преку командното место и преку ангажманите на терен. Истата ја предводеше  Армијата на САД во Европа- United States Army Europe, како дел од заедничката програма за вежбање – USEUCOM.  Вкупно 22 партнерски армии и околу 25. 000 припадници, меѓу кои и припадници на АРМ,  земаа учество на оваа комплексна вежбовна активност, притоа постигнувајќи ги предвидените цели, синхронизирајќи ги заедничките активности кои ги презентираа. На вежбата се демонстрираше подготвеност за употреба на кредибилна колективна одбрана што вклучува компјутерски поддржани вежби, теренска обука и вежби со боеви гаѓања.

АРМ на оваа реномирана вежба ја претставуваа припадници на Баталјонот на воената полиција, припадници на Инженерискиот баталјон, припадници на Баталјонот за специјални намени, како и припадници на Балканските медицински наменски сили. Секој од овие припадници на различни единици беа ангажирани во својата зона на интереси и вежбовни ангажмани, на различни полигони во различни држави.

На свеченото испраќање на припадниците на АРМ кои учествуваат на„Saber Guardian 2017“,  министерката за одбрана Радмила Шекеринска им посака на сите наши претставници добро здравје и среќа, притоа нагласувајќи дека од нив очекува одлични резултати и дека во суштина тие активности се најдобриот пат по кој можеме да ја движиме Р. Македонија кон конечно членство во НАТО.

Според  информациите коишто ги добивавме како редакција од текот на  самата вежба која симултано се случуваше во Романија, во Бугарија и во Унгарија, припадниците на нашите сили перфектно си ги извршиле своите вежбовни ангажмани.

Припадниците на Полкот за специјални операции заедно со своите колеги специјалци од Унгарија и САД, имаа врвна презентација на инфилтрација, десантни акции и извлекување од воена зона. Воените полицајци своите професионални капацитет го насочија кон демонстрирање и изведување на контролните точки и обезбедување на правци  при премин на конвоји преку понтонски мостови, како и директна комуникација со месно население. Нашите инженерци и инженерците од Вториот сквадрон на Армијата на САД изведуваа  активности околу изработка на платформи за влез и излез на  понтонски мост. Исто така, припадници на Балканските медицински сили беа ангажирани околу Тактичкиот оперативен центар, конкретно во делот – ќелија за координација и евакуација на пациенти.

На Денот за високи гости кој се одржа во Чинку – Романија,  присутвуваше  и министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска. Таа во своето обраќање  потенцираше дека е ова голем ден за АРМ, дека тука е демонстрирано непоколебливо партнерство од наша страна и дека Р. Македонија комплетно заслужува политика на „отворени врати“ од страна на НАТО. Таа истакна дека Р. Македонија ќе остане посветена на регионалниот мир и дека капацитетите на АРМ ќе се осовременуваат во согласност со финансиските политики кои  мора да го следат тој армиски тренд. „Ние ќе направиме сè нашата држава да стане земја-членка на НАТО“, заклучи министерката Шекеринска  во своето обраќање  при нејзината посета на вежбата „Saber Guardian17“ на денот за ВИП гости.

Црноморскиот регион е стратегиски една од најважните европски регии каде што неминовноста од компактност, синхронизираност и тимски настап е пресудна во креирањето на воени вежбовни активности. Ако само потенцираме дека и формално со оваа вежба раководеше Армијата на САД, тогаш коректно е да кажеме дека блискоста во релацијата помеѓу овие две армии и заедништвото во реализацијата на вежбите, говори за една силна меѓународна фаза на АРМ, која во крајна линија мора да резултира со членство во НАТО.

Тоа е во суштина и поентата на сиве овие процеси, во кои нашата армија навистина стратегиски резонира и претставува релевантен играч на континенталната безбедносна карта која ја третира НАТО  преку сите негови форми и механизми.

„ Saber Guardian17“ е силен континуитет на сите заложби, а наредната фаза која следува   е „ Dragoon Guardian17“, исто така голема мултинационална вежба која ќе започне кон крајот на јули и ќе трае во првата декада од август на нашиот армиски полигон „ Криволак“,  и која треба да биде и официјално еден вид круна на сите активности кои како мала но силна армија, беспрекорно ги извршуваме како дел од нашата  евроатлантска агенда.

Митко Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail