„NASAMS“

4Норвешки напреден ракетен систем за ПВО

Националниот напреден ракетен систем за ПВО земја-воздух (National Advanced Surface to Air Missile System – „NASAMS“) претставува ракетен систем од среден дострел, поврзан мрежно, дизајниран и развиен со заеднички напори на компаниите „Raytheon“ и „Kongsberg Defence & Aerospace“, првенствено за кралските воздухопловни сили на Норвешка. Системот има способност за идентификација, гаѓање и уништување на авиони, хеликоптери, ракети и беспилотни летала, со цел за заштита на објекти од витално значење и населени места со голема популација од напади од воздушен простор.
Ракетниот систем „NASAMS“ се наоѓа во оперативна употреба во вооружените сили на Норвешка, Холандија, Шпанија и САД, а за вооружените сили на Финска е во фаза на производство. Грција, Шведска и Турција ја одбраа компанијата „Kongsberg“ да им обезбеди решение за системот за командување и контрола согласно нивните специфични побарувања. Надградената верзија на системот „NASAMS“, која носи ознака „NASAMS II“, користи нови радари и повеќе лансери на ракети. Подобрувањето е направено со цел обезбедување на побрзо идентификување и уништување на нападните средства од воздух. Овој надграден систем е оперативен од 2007 година и веќе е нарачан од страна на голем број на земји, меѓу кои и Норвешка, Финска и Холандија.

Дизајн и карактеристики
Системот за противвоздушна одбрана „NASAMS“ се одликува со отворена архитектура која му обезбедува голема отпорност при работа во услови на електронско попречување. Овој ракетен систем може истовремено да гаѓа голем број на воздушни цели во активен и во пасивен режим. Примарно оружје на системот е ракета со ознака „AIM-120“. За откривање и следење на целите, системот користи 3Д радар со ознака „MPQ-64F1“, со висока резолуција, произведен од страна на „Raytheon“. Ракетниот систем „NASAMS“ е опремен и со лансери за лансирање на напредни ракети од среден дострел и пасивен електро-оптички и инфра-црвен сензор, комуникациска мрежа која работи во реално време и вградена и самостојна алатка за планирање на мисијата.
Стандардно, секоја норвешка ракетна батерија вооружена со системот „NASAMS“ се состои од:
- три или четири системи за управување со оган;
- три или четири радари за набљудување, нишанење и следење со ознака „AN/TPQ-36A“;
- девет ракетни лансери монтирани на камиони (секој лансер со по шест ракети) и
- три или четири возила на кои се монтирани пасивни и електрооптички сензори.
Во оваа конфигурација на системот „NASAMS“, се овозможува лансирање на 54 ракети по 54 различни цели во период од само неколку секунди. Оваа способност е неспоредлива со било кој друг ракетен систем. Системот е поврзан во уникатно дизајнирана „Многу реално време“- комуникациска мрежа, која обезбедува информација за целта на големи далечини, со што се зголемува ефикасноста на системот. Најниско ниво на единици кои се поврзуваат во оваа мрежа е ниво на баталјон.
Со користење на радиокомуникациите, лансирите може да се оддалечени и до 25км од центрите за распределба на оган, со што се проширува зоната на одбрана. Овој ракетен систем е целосно мобилен и може да биде подготвен за дејство од нова позиција за само 15 минути по застанување на позицијата.

Ракети
Ракетниот систем „NASAMS“ користи ракета „AMRAAM“ (Advanced Medium-Range Air-to-Air Missile) произведена од „Raytheon“ со ознака „MIM-120“. Оваа ракета може да се користи и како вооружување и на борбените авиони. Овој концепт за двојна употреба има оперативни предности и ги намалува логистички трошоци.
Ракетата „MIM-120“ има должина од 3,65 м, дијаметар на телото од 0,18 м и распон на крилца од 0,63 м, а централните фиксни крила имаат распон од 0,53 м. Таа тежи 157 кг и поседува ракетни мотори на цврсто гориво (стартен и маршевски мотор). Тежината на боевата глава е околу 22 кг, а се активира со помош на близинска запалка. Насочување на ракетата се врши со помош на задните кормила, кои се движат на електричен погон. Наведувањето на ракетата на целта се врши со помош на активен радар. Главата за наведување работи во I-band (фрекфентен опсег од 8 до 10 GHz).
Ракетниот систем „NASAMS“ е опремен со три лансери, при што секој лансир носи по шест ракети, заштитени во контејнери и подготвени за лансирање. Тој може да се превезува на камион или на воз. Системот поседува способност за кружна одбрана (360°) и може да дејствува дење и ноќе, како и во сите временски услови.
Во ноември 2008 година, шпанската армија успешно реализираше вежба со боеви гаѓања со ракетниот систем „NASAMS“ со лансирање на четири ракети. Додека пак, тактички вежби со боеви гаѓања со овој ракетен систем беа спроведени од страна на вооружените сили на Норвешка во јуни 2011 година. Овој систем за ПВО успешно лансираше и ракети со краток дострел со ознака „AIM-9X Sidewinder“ во 2011 година. Истотака, вооружените сили на Норвешка реализираа лансирање со ракетниот систем „NASAMS“ на ракета од типот „Evolved Sea Sparrow Missile“ (ESSM), во јули 2012 година.
Командување и контрола
Системот „NASAMS“ е опремен со центар за дистрибуција на оган, единица за командување, контрола и комуникации, компјутери и систем BMC4I (Battle Management Command, Control, Communications, Computers and Intelligence). Тој, исто така се користи за управување со податоците, идентификација и корелација на трагите на целите, пријателска заштита, евалуација на закана, распределба на оружје и проценка на зоната на лансирање и зона на уништување. Системот за управување со оган и радарите се поврзани со помош на линковите за пренос на податоци како што се: „Link 16“, „JRE“, „Link 11“, „Link 11B“, „LLAPI“ и „ATDL-1“.

Нарачки и испораки

Ракетниот систем „NASAMS“ со напредните ракети „AIM-120“ постигна почетна оперативна способност во рамките на кралските воздухопловни сили на Норвешка во 1994 година. Претходно, во 2003 година, вкупно четири „NASAMS“ системи беа набавени од страна на шпанската армија.
Во декември 2006 година, холандската армија потпиша договор со компанијата „Kongsberg Defence & Aerospace“ за надградба на системот за противвоздушна одбрана „NASAMS II“, кој ги користи мобилните набљудувачки радари од типот „TRML-3D“, произведени од компанијата „EADS“.
Ракетниот систем „NASAMS II“ беше доставен до кралските воздухопловни сили на Норвешка во 2007 година. Претходно, во август 2005 година, кралските воздухопловни сили на Норвешка, потпишаа договор, со „Kongsberg Defence & Aerospace“, вреден 7,5 милиони долари, за обезбедување на врска „Link 16“ – за пренос на податоци за системот за ПВО „NASAMS II“.
Во декември 2011 година, кралските воздухопловни сили на Норвешка склучија договор со компанијата „Raytheon“ за обезбедување на високо мобилни лансери (High Mobility Launchers – HMLs) со цел модернизација на ракетниот систем „NASAMS“. Првите високо мобилни лансери од страна на компанијата беа предадени на употреба во јуни 2013 година. Исто така, како дел од договорот, компанијата „Raytheon“ ја надгради и електрониката на лансерите.
Кралските воздухопловни сили на Норвешка, во јануари 2013 година склучија договор за надградба на постоечките ракетни лансери со нова електроника и софтвер со цел подобрување на ефикасноста и зголемување на животниот век на системот „NASAMS II“.
Во јануари 2014 година, Министерството за одбрана на Оман, потпиша договор тежок 1,28 милјарди долари со „Raytheon“ за набавка на опрема за поддршка, целосен пакет за обука и техничко одржување на системот „NASAMS“. Подоцна, во април 2014 година, со компанијата „Kongsberg Defence & Aerospace“ беше потпишан договор вреден 13,53 милиони долари за обезбедување на воена комуникациска опрема за ракетниот систем за противвоздушна одбрана „NASAMS“.
Важно е да се напомене дека, САД го одбра системот „NASAMS“ за одбрана на Вашингтон во војната против тероризмот. Имено, со распоредување „24/7“ во Вашингтон системот има повеќе од 35.000 часа активна мисија. Овој ангажман укажува на исклучителната способност и сигурност на системот.

Трајче Денчевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail