„McDonnell Douglas F/A-18 Hornet“ – Суперсоничен јуришен и борбен авион

„McDonnell Douglas F/A-18 Hornet“ е суперсоничен двомоторен авион, оспособен за лет во сите временски услови и за лет од носачи на авиони. Тој е јуришен и борбен авион, па оттука доаѓаат буквите F/A во неговата ознака. Овој авион бил меѓу првите авиони во кој се користени мултифункционални дисплеи, а со едно копче пилотот бил во можност да ја одбере намената на авионот како борбен или јуришен или двете. Со оваа способност се дава повеќе флексибилност на оперативниот командант за ангажирање тактички авиони на борбеното поле.

Со максимална брзина од 1915 км/час, лет на висина од 12 200 метри, авионот може да носи широк спектар на бомби и проектили, вклучувајќи воздух-воздух и воздух-земја, дополнети со 20-милиметарски M61 Vulcan топ. Поседува одлични аеродинамични карактеристики за извршување повеќе мисии: Fighter Escort, Fleet Air Defense, Suppression of Enemy Air Defenses (SEAD), Air Interdiction, Close Air Support и Aerial Reconnaissance. Има дигитален систем за контрола на летањето кој обезбедува одлични перформанси и релативно лесно управување со авионот. Во исто време овој систем обезбедува исклучително маневрирање и им овозможува на пилотите да се сконцентрираат на работењето и оперирањето со системите за вооружување

„McDonnell Douglas F/A-18 Hornet“ е дизајниран од страна на „McDonnell Douglas“ (сега „Boeing“) и „Northrop“ и потекнува од 70-ите години на минатиот век. Бил наменет првенствено за Морнарицата и Маринскиот корпус на САД. Од 1986 година е во состав на Сквадронот за демонстрации/акробации на Морнарицата на САД, познати како „Blue Angels“. Своите вештини ги покажуваат низ целиот свет, а пилотите како услов за припадност мора да имаат најмалку 1400 часови налет, исклучителни способности и вештини и сертификат за извршување задачи од носач на авиони. За прв пат учествувал во борбена акција во текот на бомбардирањето на Либија во 1986 година, а потоа учествувале и во војните во Босна и Херцеговина и Косово, Заливската војна во 1991 година и војната во Ирак во 2003 година.

Развој и дизајн на авионот
Американската морнарица ја започнала програмата Naval Fighter-Attack, Experimental Program за набавка на авион за замена на платформите Douglas A-4 Skyhawk, A-7 Corsair II и McDonnell Douglas F-4 Phantom и како надополнување на авионот „F-14 Tomcat“. Носителот на командата на поморско-воздушните системи и шеф на Морнарица се соочил со силен отпор од голем број офицери на Морнарицата кои биле против воведувањето во служба на „F/A-18 Hornet“. Но, во 1973 година секретарот за одбрана наредил конкурентите да бидат оценети од страна на Морнарицата. Конкуренцијата понудила авион со еден мотор и несоодветна опрема за слетување, што не било прифатливо за морнарицата. Затоа било побарано од компаниите „McDonnell Douglas“ и „Northrop“ да развијат дизајн согласно нивните побарувања. На 1 март 1977 година, секретарот на Морнарицата го објавил името на „F-18“ како „Hornet“. Откако ги поделиле улогите, „McDonnell Douglas“ бил задолжен за крилјата, стабилизаторите и предниот дел на трупот на авионот, како главен изведувач за поморските верзии, додека „Northrop“ ги изградил центарот и задниот дел на трупот на авионот со вертикалните стабилизатори, како главен изведувач за копнените верзии. Ознаките на авионот биле сино-бели бои означени со „Морнарица“ на левата страна и „Маринци“ на десната страна. Неговото одржување е дизајнирано така со цел драстично да се намали времетрењето на истото, за разлика од „F-14 Tomcat“ и „A-6 Intruder“.
Првично, било планирано да се здобијат со вкупно 780 авиони од три варијанти: едноседи „F-18A“- борбен авион и „A-18A“ – јуришен авиони (со разлика во однос на авиониката) и двосед „TF-18А“, со намалени капацитети за гориво. Почнувајќи од 1980 година, авионот почнал да се нарекува „F/A-18A“, а назначувањето било официјално објавено на 1 април 1984 година кога „TF-18A“ бил заменет со „F/A-18B“. Првото производство на „F/A-18A“ е од 1980 година со вкупно производство на 380 модели, а производство се префрлило на моделот на „F/A-18C“ од септември 1987 година.
Овој авион ја обезбедил основната линија за дизајн на „Boeing F/A-18E/F Super Hornet“, карактеристичен со еволутивен редизајн. Во 90-тите години Морнарицата на САД се соочила со потребата за замена на авионите „A-6 Intruders“ и „A-7 Corsair“. За таа цел е дизајниран „F/A-18E/F Super Hornet“ кој не бил само надградба на „F/A-18 Hornet“, туку нова, поголема платформа со користење на концептите за изградба на „Hornet“. Овој најнов модел е оспособен за голем спектар на мисии од типот: Air Superiority, Fighter Escort, Reconnaissance, Aerial Refueling, Close Air Support, Air Defense Suppression и Day/Night Precision Strike. „Hornet“ и „Super Hornet“ ќе ѝ служат на Морнарицата сè до целосната замена со „F-35C Lightning II“. Поради доцнењето на оваа варијанта, Маринците го продолжиле векот на употреба на „F/A-18 Hornet“ до 10 000 часа летање.
Авионот се користи од страна на воздухопловните сили на неколку други држави. Моделите за извозна намена обично се слични со моделите од САД. Бидејќи ниту еден од клиентите не работат на носачи на авиони, сите извозни модели се продаваат без системот за автоматско авионско слетување на носач. Разликата помеѓу стандарден F/A-18 со извозните варијанти бил поставување систем за навигација и слетување ILS/VOR (Instrument Landing System/Very High Frequency Omnidirectional Range), наместо системот за слетување на носач на авиони.Кралското австралиско воздухопловство се одлучило за „F/A-18 Hornet“ поради тоа што понудените верзии „F-15A Eagle“ не биле опремени за извршување напад на земја, а „F-16 Falcon“ поседува само еден мотор. Во поново време на дел од авионите била извршена модернизација и доопремување со цел да го зголемат животниот век до планираниот датум за пензионирање во 2020 година. Финска работела на надградба на авионите со додавање нова авионика (Helmet Mounted Sights, Cockpit Displays, Sensors и Standard NATO Data Link). Надградбата вклучувала набавка и интеграција на нови вооружени системи и проектили, со вкупна цена на чинење помеѓу 1-1.6 милијарди евра. По надградбите се очекува авионите да останат во активна служба се до 2020-2025 година.
Оваа платформа на авиони во моментов оперира во 37 тактички сквадрони ширум светот и од 10 носачи на авиони. Како корисници покрај горенаведените се и: Кувајт, Малезија, Шпанија и Швајцарија. Канада е најголемиот Hornet оператор надвор од САД. И НАСА оперира неколку F/A-18 авиони за истражувачки цели.

Генерални карактеристики
• Посада: 1 до 2 пилоти
• Должина: 18,5 м
• Висина: 4,87 м
• Тежина на празен авион: 10 433 кг
• Максимална тежина на полетување: 29 932 кг
• Максимална брзина: 1 915 км/час
• Плафон на лет: 15 000 м
• Брзина на качување: 250 м/сек
• Цена на чинење: околу 60 мил. долари

Вооружување:
• Топ: 1× 20 mm M61A1 Vulcan.
• Ракети/проектили: Hydra 70, AIM-9 Sidewinder, AIM-132 ASRAAM, AIM-120 AMRAAM, AIM-7 Sparrow, AGM-65 Maverick, AGM-84H/K Land Attack Missile Expanded Range, AGM-88 HARM Anti-Radiation Missile, AGM-154 Joint Standoff Weapon, AGM-84 Harpoon.
• Бомби: B61 Nuclear Bomb, JDAM Precision-Guided Munition, Paveway Laser-Guided Bombs, Mk 80 series of Unguided Iron Bombs, CBU-78 Gator, CBU-87 Combined Effects Munition, CBU-97 Sensor Fuzed Weapon, Mk 20 Rockeye II.

Драган Павловски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail