Кожуф Планина – невидена убавина

kozuv

Планината Кожуф зафаќа површина од 1000 км2 и се простира на територијата на две држави (Република Македонија и Република Грција). Во границите на Република Македонија Кожуф Планина опфаќа територија од 80%, а останатите 20% се на територијата на Република Грција.

Кожуф Планина изобилува со огромен воден потенцијал. Од оваа планина извираат многубројни реки. Реката Дошница е една од најубавите и најчисти реки во Македонија. Од изворот под Зелен Брег до местото каде што се влева во Вардар нема ниеден индустриски објект кој ја загадува реката. Таа е најчистата река во која опстојуваат пастрмката, кленот, ракот и други риби. На Кожув сè уште опстојува рисот како редок и заштитен вид. За жал, од страна на криволовците, веќе 2-3 децении го нема еленот, а одвреме-навреме се појавува мечката која во потрага по помирни места „мигрира“ од планините во Грција и во Македонија кон Кожуф. Растителниот свет е богат со најразновидни видови, но, секако, најатрактивни се лековитите билки и растението „Arbutus andrahne“, кај народот познато како „гол човек“, кое е заштитено и со закон.

Во далечната 1953 година беше изграден Домот на Висока Чука, кој долги години беше место на средби на планинари и љубители на планината од целиот Балкан. За жал, денес тој е руиниран објект во кој не можат да престојуват планинари но, сепак, постои можност тој да биде ставен во функција, да се реновира и да му се најде местото во новиот тренд – планинскиот туризам за кој постојат можности и интерес и надвор од Република Македонија.

Најпосетуваниот туристички локалитет во општината е Смрдлива Вода, каде живописната природа не ви дава да здивнете. Локалитетот се наоѓа на надморска височина од 850 м, на оддалеченост од 24 километри од Гевгелија. Познато е по минералната вода и нејзината лековитост за стомачни заболувања и заболувања на желудникот и на бубрезите. Пределот нуди рекреација, чист воздух и посетеност во текот на целата година.

На Кожуф Планина се наоѓа и ски-центарот „Кожуф“, на надморска височина од 1500-1700 м2, познат по тоа што нуди одлични услови за љубителите на скијањето. Ски-центарот може да биде привлечна туристичка дестинација за целиот Балкан, пред сé, поради природните убавини, близината до Егејското Море, поволните климатски услови и можноста за врвен развој на зимска и на летна туристичка понуда.
Големата надморска висичина, пространите и бујни шуми, неколкумесечното задржување на снежната покривка, хидрографските карактеристики и разновидната флора и фауна на Кожуф Планина нудат можности за викенд-излети, за планинарење, за зимски спортови, за лов и за други рекреации.

Кристина Илиевска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail