„KAWASAKI“

JGSDF_CH-47За време на окупацијата на Јапонија после Втората светска војна, целокупната воздухопловна индустрија во државата била затворена, уништена и конвертирана за други намени. Забраната за развој на авиони била укината во март 1954 г., и веднаш потоа бил направен првиот повоен метален авион од јапонски дизајн. Во текот на 1970–1990 г., компанијата „Kawa­saki Heavy Industries“ (KHI) се концентрирала примарно на лиценцирано производство на деривати на авиони и хеликоптери. Почетокот на производството во компанијата опфаќало 210 парчиња „Lockheed T-33 Jet Trainers“, 48 парчиња „Lockheed P-2H Neptune Maritime Patrol Aircraft“ и 239 парчиња „Bell 47“ хеликоптери, сите под лиценца од САД.
Во комерцијалната авијација, KHI е вклучена во заеднички меѓународен развој и производство на големи патнички авиони. Таа е вклучена во заеднички развој и производство на „Boeing 767“ и „Boeing 777“. „Kawa­saki“, исто така работи на истражувачки проекти за „Japan Aerospace Exploration Agency“.
Во 1980-тите, компанијата станала главен изведувач за новата платформа на „BK117“, хеликоптер кој се употребува за повеќе намени. Втор значаен хеликоптер кој го гради компанијата е „OH-1“. Постојат и други хеликоптери изградени врз основа на познати платформи и лиценци.

„ВК-117“ лесен  повеќенаменски хеликоптер
Хеликоптерот „BK117“ заеднички бил развиен како резултат на соработка на „Kawasaki Heavy Industries“ и компанијата „Messerschmitt-Bolkow-Blohm“ (МВВ), денешна „Airbus Helicopters Deutschland GmbH“ од Западна Германија. На 25 февруари 1977 г., двете компании склучуваат договор за соработка, иако одделно работеле на два проекти за двомоторен хеликоптер за општа намена: „БО-107“ од MBB и „КХ-7“ од „Kawasaki“. Трошоците биле подеднакво поделени, така што MBB ги развивал главниот и опашниот ротор, командите на летање и хидрауличниот систем. Компанијата „Kawasaki“ се согласила со развој на опремата за слетување, воздухопловната конструкција, главниот пренос и другите помали компоненти.
Секоја компанија до 1979 г. требало да изгради по два прототипи и да бидат завршени, едниот за тестирање при летање, а другите за статично тестирање на земја. Прототипот на MBB го направил својот прв лет на 13 јуни 1979 г., проследено со прототипот на „Kawasaki“ на 10 август 1979 г. Развојот бил побавен од очекуваното, а состојбата била влошена, посебно заради недостиг на квалификувана работна сила на располагање во MBB. Првично планираната сертификација на пловидбеност требало да се постигне пред крајот на 1980 г., но германската и јапонската сертификација е постигната подоцна, односно во 1982 г. Истата година, хеликоптер со високи перформанси бил одобрен и наменет за широк спектар на операции, вклучувајќи транспорт на луѓе и стока, спасување, патрола и итни медицински услуги. Воздухопловот е доставен до голем број клиенти, вклучувајќи ги и локалните власти.
„BK117“ е многу популарен како патнички воздухоплов и за ВИП-превоз. Исто така, се користи за спроведување на законот, за медицинска евакуација, за потрага и спасување итн. Неговиот наследник, „EC 145“, бил развиен токму од оваа варијанта на воздухоплов. Досега се произведени вкупно 443 парчиња „BK117“, 329 од страна на MBB и 111 од страна на „Kawasaki“ во Јапонија, со трите прототипови од двете компании.

„OH-1“ лесен хеликоптер за набљудување
Хеликоптерот „ОН-1“ (назив „Ninja“) бил развиен за Министерството за одбрана на Јапонија во 1992 г., и тоа како прв хеликоптер целосно произведен во оваа држава. Тој е двосед-хеликоптер за набљудување, опремен со висока технологија за безбедност и автоматски системи. Првиот успешен лет на прототипот бил реализиран во 1996 г.
Една од неговите понови технологии е системот „Multidisplay“ кој се користи во пилотската кабина. Може да биде вооружен, поседува оклопни седишта, но потребна е модификација на моторите и авиониката. Во оваа варијанта, покрај двочлената посада, има и еден стрелец со можност за употреба на „Head-Up Display“. Од специфична опрема поседува „Thermal Imager“, „Colour TV Camera“ и „Laser Rangefinder“. Заштитата е овозможена со „Infra-Red Jammer“.
Развојот започнал во доцните 1980-ти, како нов хеликоптер за разузнавање/на­бљу­ду­вање и замена на постојниот „OH-6D“, со програма под назив „ОН-Х“. Предлози за да се исполнат барањата на „OH-X“ биле поднесени од три моќни компании како што се: „Kawasaki“, „Fuji“ и „Mitsubishi“. Дури во септември 1992 г., дизајнот на „Kawasaki“ бил избран за победник, а останатите две компании, „Fuji“ и „Mitsubishi“ биле избрани како подизведувачи.
Првиот од четирите прототипови го направил својот лет на 6 август 1996 г. Сите биле во функција од март 1997 г. и биле испорачани на јапонската агенција за одбрана заради понатамошно тестирање во периодот од јуни до август 1997 г. Производството започнало во 1998 г., а програмата за набавка побарува помеѓу 150 и 200 парчиња од овој тип. Тоа е далеку помалку од првично планираните 297 хеликоптери, пред сè поради кратењето на буџетот на одбраната. Заклучно со март 2014 г., вкупно 38 хеликоптери се во функција, заменувајќи и дополнувајќи ја постојната флота на сегашниот „ОН-6D“ („Hughes OH-6 Cayuse“).

„CH-47JA“ тежок транспортен хеликоптер
„Boeing CH-47 Chinook“ е двомоторен тежок транспортен хеликоптер со тандем-ротори. Со својата брзина од максимални измерени 315 км/час бил побрз хеликоптер од сенаменските и борбените хеликоптери во шеесеттите години на минатиот век. Тој е еден од најпроизведуваните хеликоптери, и до ден-денес се продадени 1179 парчиња. Го користат околу 20 земји ширум светот, помеѓу кои е и Јапонија, со свој производствен капацитет.
Има повеќе варијанти од овој хеликоптер. Основната намена на хеликоптерот „CH-47 Chinook“ е транспорт на трупи, транспорт и поставување на артилериски орудија, муниција и опасни материи, како и дистрибуција на материјални добра, вода и храна на боевите полиња. Тој е најтешкиот хеликоптер од западно потекло, користен од најголемите оператори: US Army на САД и Royal Air Force на Велика Британија.
Кон крајот на 1956 г., како резултат на објава од страна на „Boeing Vertol“ започнуваат подготовки за дизајн и производство на тежок транспортен хеликоптер, за летови на големи надморски височини и за најсурови метеоуслови. Во 1965 г., четири вооружени и оклопни „CH-47 Chinook“ биле специјално изградени од „Boeing Vertol“. Овие четири воздухоплови биле наменети за војната во Виетнам за тест-период од шест месеци. Мисиите во Виетнам биле спуштањето на артилериски батерии во опасни планински предели, непристапни за какви било други средства, како и обезбедување на овие средства со големи количества на муниција.
Во 1984 г., Агенцијата за одбрана на Јапонија назначила изведувач за производство на моделот „СН-47J“, кој бил развиен од моделот „CH-47D“. Од 1993 г., надградбите на варијантата „СН-47JA“ вклучуваат поголем резервоар за гориво и радар на предниот дел од трупот. Се користи како транспортен хеликоптер во Japan Ground Self Defence Force и како воздухоплов со долг дострел за потрага и спасување во рамките на Japan Air Self Defence Force.
„Kawasaki Heavy Industries“ испорачале вкупно 49 „СН-47J“ хеликоптери помеѓу 1987 г. и 1994 г. Во 1996 г., две подобрени верзии на „СН-47JA“ биле доставени за 101. Air Squadron во Окинава.

Драган Павловски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail