ISO-СТАНДАРД 14001

СПРАВУВАЊЕТО СО ЗАКАНИТЕ ОД ОКОЛИНАТА  ВО ОДДЕЛНИ ДРЖАВИ-ЧЛЕНКИ НА НАТО

494854233ISO е меѓународна организација формирана во 1947 година, која работи на волонтерска база и досега има донесено преку 19.500 стандарди за разни области од животот на луѓето. Во оваа организација членуваат 163 држави. Нејзиното седиште е во Женева, Швајцарија. ISO-стандардите и добрата практика кои ги препорачува да ги користат државите и приватниот сектор за зачувување на животната средина се наречени систем за справување со заканите од околината, ССО (EMS). Овој стандард почетно го користи НАТО до создавањето и продуцирањето на своите стандарди кои, сепак, се произлезени од ССО. Пред да почнат да развиваат свои системи за однесување кон околината, одбранбените системи во водечките земји-членки на НАТО почнале да ја применуваат практиката од ISO-стандардите. Односите меѓу околината и одбраната се специфични и сепак треба да се земе предвид дека приоритет е одбраната на темелните вредности на државата. Примарните размислувања на министрите за одбрана и на воениот персонал се одржување на способноста за заштита на глобалната и на националната безбедност и на интересите на Алијансата. Размислувањата за другите закани не толку приоритетни. Улогата и импактот на животната средина во однос на безбедносните прашања е комплексна. Размислувањата дека зачувувањето на животната средина и заштитата на просторот каде тренираат воените сили и практикувањето на „еколошка политика“ ќе ги засили односите со цивилниот сектор и дека може да доведе до намалување на трошоците и до други финансиски поволности се тешко применливи кај воените умови. Развивањето на ССО и нивното интегрирање како дел од оперативните способности кај одбранбените организации може да се разбере како фактор на ограничување за извршување на своите мисии. Сепак кога би се успеало кај цивилното и военото раководство задолжено за одбраната да се влијае со добра практика и примери на заштеда и одржлив развој, би се наметнала потребата користењето на добар систем за справување со закани од околината и зачувувањето на животната средина да се промовира како добра „економија“ и подобро би се остварила крајната цела, одржлив развој и зачувана природа за идните поколенија.
Следниве примери кај одделни држави го покажуваат нивниот развој и предизвиците со кои се соочувале во текот на јакнењето на способности за зачувување на животната средина.

Данска. На 1 јануари 1993 година данското Министерство за одбрана основа Комисија за заштита на околината и природата. Негова задача била да ги поддржува напорите на Владата за заштита на природата и на животната средина во делот на одговорностите на Министерството за одбрана во соработка со разни јавни и одбранбени авторитети. Членовите на комисијата биле избрани од Одбранбената команда, Домашната заштитна команда, данскиот Одбранбен конструкционен сервис и од Кралската данска администрација за пловење и хидрографија. Од Комисијата било побарано да ги разгледа националните и меѓународните напори на полето на заштитата на природата и околината. На своите први состаноци, Комисијата донела план и стратегија кои ќе ги специфицираат четирите главни полиња на кои ќе делуваат со цел заштита и унапредување на околината во воената средина:
– законодавство/заштита;
– оданочување на загадувачите од воената средина;
– образование/едукација на кадар;
– информирање.
Комисијата ја поставува задачата за развој и започнува со примена на ССО со користење на британски искуства до развојот на свои стандарди.
За пилот-проект земаат воздухопловна ба­за на ВВ и ПВО на данската армија.
Во исто време во военообразовниот систем избираат 86 членови како целна група за обука и тренинг низ организација на курсеви во три фази: еднодневен курс организиран со цел преглед на административни и политички аспекти и запознавање со одговорностите на институциите во поглед на зачувувањето на животната средина, осумдневен курс кој вклучува практична обука на персоналот и запознавање со системот за справување со заканите по животната средина, осумдневен напреден курс кој вклучувал напреден материјал со цел формирање профил на инструктор и координатори. Оваа програма била развиена и тестирана во 1993 г. и од ова искуство Министерството развило Водич за подготвителен преглед. Подоцна во 1994 г., Одбранбената команда одговорна за военото образование, ја менува програмата во курс со еден чекор во траење од пет недели со вклучена еднонеделна практика. Подоцна курсот се проширува и на цивилниот дел од одбрандбениот систем на Данска и се развива и база на податоци која постојано се надградува за состојбата со животната средина во воените инсталации.

Обединетото Кралство. Многу од британските општини веќе се адаптирале и го користеле ЕМАС (EMAS) кои му даваат почетно искуство на одбранбениот сектор за развој на свој систем за справување со еколошките закани.  На локалните авторитети ова им овозможило многу порано да го согледаат значењето на добрата практика и заштедата која им ја овозможувал овој систем и воедно да одговорно се однесуваат кон природата. Многу години локалните авторитети ги докажувале нивните практики во односот со околината, што резултирало на крај Владата на Обединетото Кралство во 1997 г. да формира заеднички оддел од Одделот за животна средина и од Одделот за транспорт со цел заедничко делување и придонес кон животната средина. Сите произлезени документи биле во согласност со стандардот на ИСО 14001 и биле обврзувачки за сите министерства во Владата на Обединетото Кралство.

Канада. Во 1995 г. федералната Вла­да, министерствата и агенциите биле насочени да развијат и вклучат ССО за минимизирање на негативните ефекти на околината предизвикани од нивните активности. Ова барање ги вклучило и Министерството за национална одбрана на Канада и канадските вооружени сили. Канадските вооружени сили установиле дека користењето на ССО ќе овозможи основа за практика и помош на Министерството за водење на база на податоци за состојбата со животната средина. Со измените во законите за одбрана се овозможило на ниво на Министерството да се постави одговорен старешина за околината и одржлив развој кои се имплементираат во 1996 година. Одговорниот старешина за својата работа поднесува извештај еднаш годишно во канадскиот парламент. Со неговите иницијативи и проекти се доаѓа до програма за заштита и унапредување на животната средина кои се практикуваат, од собирање на масло од воените возила до обезбедување на итна помош за жртви од поплави.

Соединетите Американски Држави. На почетокот од 1996 година секретарот за одбрана на САД го открива потенцијалот на системите за еколошка заштита преку ISO 14001, за набргу да ја претстави програмата за заштита на животната средина во Министерството за одбрана. Со започнувањето на пилот-проекти во 1997 година се дошло до заклучок дека оваа програма подетално ги определува судирите кои воената организација ги има со средината и набргу прифатиле 15 од ISO 14001 стандардите и ги охрабруваат департментите на армијата, морнарицата и авијацијата да ги имплементираат во своите процедури.

Холандија. Кралството Холандија во далечната 1989 година го донесува својот прв програм за заштита на животната средина во рамки на Министерството за одбрана со негово надградување во 1993 година и веќе во 2000 прераснува во имплементиран дел од сите одбранбени планови и политики на одбранбениот сектор. Плановите се засноваат на националните документи и имаат 21 точка. Тие се стремат да ги исполнат плановите до 2020 година. Круцијални предизвици кон кои ги насочиле своите програми се почвата, енергијата, бучавата, опасните материи, отпадот и природата.
Иако сите почетни документи беа базирани на европските регулативи и легислативи, сепак со продуцирањето на НАТО-документите, вооружените сили на Холандија ги прифатија и ги имплементираат сите НАТО-прописи врзани со заштитата на животната средина на национално ниво и во меѓународните мисии.

Чешка Република. Министерството за одбрана на Чешка уште пред да стане членка на Европската унија ги прифаќа стандардите од ИСО 14001 во делот на заштитата и справување со заканите кои потекнуваат од воената средина, кои се однесуваат на заштита на природата. Воениот сектор кој првично ги прифаќа стандардите на ЕМАС, до крајот на 2003 година целосно ги заменува со стандардите на ИСО 14001.

Шведска и Финска. Овие две држави отишле најдалеку со имплементирањето на законите во рамки на своите одбранбени системи и се две држави кои од почетокот учествуваат во финансирањето на програми за развој и истражувања поврзани со воениот сектор како загадувач на животната средина. Законската легислатива како основа за заштита на околината првично ја применуваат во одбранбените сили со акцент дека превентивните мерки за заштита мора да се земат предвид во сите воени активности. Најважни активности во кои се насочени целите за заштита на околината во наредните години се намалувањето на бучавата, чистење на загадените површини од воените активности, развој на систем за справување со отпадот и опасниот материјал и опасните супстанци. Посебно се концентрирани на воените вежбалишта кои се наоѓаат во близини на природните резервати, чистење на складиштата со складирани опасни материјали и на поранешните складови на горива и мазива. Поддршката на заштитата на животната средина се состои од надзор, мерки и контроли на здравјето и безбедна работа, како и користење на обновливи извори за енергија и материјали кои не се опасни за животната средина.
Иако најчест проблем со воениот сектор е дека тој делува со изнаоѓање на решенија откако е веќе направена штетата кон околината, низ претходните искуства можеме да видиме дека и воениот сектор кај одделни држави активно се вклучува во превентивното делување. Ако воениот сектор воведе размислување за заштита на животната средина, не само во рамки на воената организација туку како дел и од културата на живеење, со сигурност можеме да потврдиме дека ќе постигнат не само заштеди за својата организација туку и значително ќе го подобрат квалитетот на живеење во воената средина. Сепак, на лидерите треба активно да се делува и да им се укаже на финансиската придобивка од систематскиот пристап кон справувањето со еколошките закани и произлезената заштеда која може да се искористи во делот на модернизација и набавка на нова опрема за потребите на одбранбениот сектор. Во овој дел значителна улога би имала логистиката како гранка на одбраната која се занимава со системи и процеси кои вклучуваат набавки, одржување, аквизиција, транспорт, снабдување и инфраструктура. Ако во делот на инфраструктурата, на пример, се инвестираат повеќе пари во делот на изработката на студии за одржлив еколошки развој, трошоците во одржувањето ќе бидат помали и ќе се избегнат дополнителни финансиски импликации за чистење и враќање во првобитна состојба. Како оператор во индустриските подрачја и купувач на огромни количини на материјали и опрема, воениот сектор е способен да влијае на пазарот. Ако воениот сектор инсистира на купување само на производи произведени со стандард на органско потекло, произведувачите ќе бидат мотивирани да ги подобрат нивните производствени линии за да станат конкурент на пазарот. Во некои држави властите дозволуваат стимулирање на развојот на индустрии кои произведуваат производи со полномоштво и сертификат на квалитет. Со неговата значителна купувачка моќ, воениот сектор ги форсира произведувачите со ефективни програми до степен кој е одржлив за примарната мисија. Воениот сектор треба да ги следи истите правила за заштита на животната средина како и останатите сектори од општеството. Во повеќе околности воениот сектор може да приговара со барања кои се својствени на многу земји дека однесувањето кон средината е значаен ограничувачки фактор. Со внимателно планирање, воениот сектор може да ги усогласи барањата на задачите за реализација на мисијата со барањата на заштитниците на животната средина, без да направи значајна повреда на природните и културните извори. Тренирачки и тестирачки активности можат да се планираат за да се избегнат конфликтите со чувствителните предели како што се националните паркови. Временските определувања за користење на тренинг-камповите (напролет кога буја вегетацијата или во период кога имаме сезона на парење на дивите животни) значително можат да влијаат во подобрувањето на односот кон животната средина. Исто така, индустриските капацитети кои произведуваат опрема и материјали за воени потреби можат временски да се приспособат кон овие аспекти за зачувување на здрава животна средина. Вниманието на размислувањата за околината, всушност се состои од подготвеност за мисија која ќе содржи во себе и многу аспекти и размислувања за останатите ефекти од мисијата. Соработката на сите инволвирани на сите нивоа, стратегиски, оперативни и тактички, воени и цивилни, пред се со локалните заедници, придонесува да се подобри заемната доверба и да се гради одржлив развој во сите сфери, пред сè со животната средина како фактор кој ги инволвира сите, и победниците и поразените.
Користењето на искуствата од водечките држави на НАТО-алијансата во поглед на едукација на припадниците на Армијата на Република Македонија и издавањето на соодветна национална регулатива и планови, значително ќе ја подобри состојбата со афирмацијата и потребата за подигање на свеста кај лицата вработени во воената организација. На лидерите, командантите и командирите, ќе им се даде алатка со која ќе можат да управуваат успешно и рационално со својата единица, а тоа е присуството и потребата за справување на проблемите од еколошката сфера, посебно во армиите во земјите од Западен Балкан како придонес на националните акциони планови.
Прво, прифаќањето на присуството на загадувачи во воената средина можат да доведат до низа несакани техничко-технолошки инциденти и други еколошки проблеми, а со тоа и до хуманитарни катастрофи предизвикани од воениот фактор, што ќе добие соодветен третман од надлежните во министертсвото за одбрана и генералштабот.
Второ, научените лекции и сублимирање на досегашните позитивни искуства и ини­цијативи (меѓународни и регионални) да се користат за изнаоѓање на нови решенија за избегнување на конфликти предизвикани од еколошките загрозувања. Меѓународната воена соработка со која припадниците на армијата се стекнуваат со соодветните искуства може да му помогне и на општеството во целина за да го подигне нивото на позитивниот пристап кон животната средина во целост.
Трето, неопходност во поглед на ис­тра­жувањето и анализа на областа заради актуелизирање и утврдување на правците за натамошно позитивно ангажирање на регионално и меѓународно ниво, со цел да се даде поголемо значење на еколошката безбедност.
Четврто, потребата од донесувањето на соодветни документи и имплементација на истите е мошне потребна за да се одржи чекорот со современите армии и со тоа да се даде значаен придонес на општеството во целина во поглед на намалување на загрозувањата на животната средина предизивикани од мирновременското делување, но и од делувањето во услови на криза и војна на воениот фактор.
Петто, воената организација, во целина, како строго хиерархиска организација, може значително да придонесе како институција во поглед на примената на одредбите од законите за заштита на животната средина, а со тоа да стане и лидер во имплементацијата на истите. Користејќи ги искуствата од западните армии, кон припадниците на армијата нема да се гледа само како на бранители на мирот и слободата, туку тие ќе станат и таканаречени „зелени војници“, заштитници на животната средина, термин што се користи во американската армија.

м-р Каменко Аврамовски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail