Етно-животот на Маловишта

59malovista

Еден од неколкуте национални паркови во Македонија е и националниот парк Пелистер. Овој национален парк поседува прекрасна природа и ендемични видови од флората и фауната, но едно од поубавите знаменитости на овој национален парк е селото Маловишта. Ова село е единственото населено место во националниот парк и брои околу 300 постојани жители (бројот се зголемува за време на одмори, викенди и сл. ) Селото Маловишта се наоѓа на 18 километри од Битола и до него може да се стигне од страната на патот меѓу Битола и Охрид.
Маловишта без сомнение е едно од најубавите села во овие краишта на Македонија. Некогаш било малечко гратче со околу 4.000 жители. Денес поголемиот дел од жителите се иселени и населението го сочинуваат претежно постари лица кои со огромна радост ги дочекуваат сите посетители на нивното село и се гостопримливи домаќини. Овој крај е одличен за сите алпинисти и луѓе кои сакаат да вдишат чист воздух и да уживаат во убавините на недопрената природа. Во селото има околу 200 грла добиток, има и коњи, што го прави амбиентот уште пооригинален и повозбудлив. На зима, особено, пејзажите го земаат здивот, а во близина на ова село има и неколку реки и водопади кои сведочат за богатиот воден потенцијал на овој крај.
Како и да е, низ цела Македонија среќаваме чудеса на природата, но она што е главна карактеристика на ова село е нејзиниот демографски карактер. Ова село е изградено уште од античко време и секогаш со мнозинско влашко население. Власите оставиле силен белег особено со својата карактеристична архитектура на која може да позавидат старите градби дури и од поголемите македонски „варош”-маала. Куќите во ова планинско село се градени во стилот на старите влашки мајстори, а нивната распореденост е исто така интересна, како кај повеќето планински села.
Ова село има повеќе цркви кои се изградени од пред неколку векови, а во црквата „Св. Ана“, има и конаци кои се одлични за манастирски туризам. Ден-денес власта, а особено влашката заедница, води активна кампања за возобновување на животот во прекрасното Маловишта и враќање на стариот сјај, а и враќање на населението кое некогаш било во голем број.

Климент Ѓоргоски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail